Борба за независен статус во општеството


На Европската претседателска конференција во Виена во 2004 година АКРМ настапи под своето уставно име

 
 
 
  

Од лево адвокатот Ненад Јаниќевиќ со Хајнц Фишер, претседателот на Австрија, адвокатот Шпенд Деваја и адвокатот Ставре Џиков (Виена, 21 мај 2010 г.)

СЕДУМДЕСЕТ ГОДИНИ МАКЕДОНСКА АДВОКАТУРА (3)

 По повод 70-годишнината од основањето на двокатската комора во Македонија, во триродолженија ќе ги пренесеме најзначајните моменти што го обележиле нејзиното повеќедецениско работење, како и плановите за иднината.


Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 17 ноември 1991 година го донесе првиот Устав на независната македонска држава. Во Уставот, меѓу другото, во главата Втора - Основни слободи и права на човекот и граѓанинот, уставотворецот, имајќи ја предвид важноста на адвокатурата, поконкретно во членот 53 се дефинира: адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со законот. Во периодот на осамостојување на македонската држава претседатели на Адвокатската комора на Македонија ќе бидат: Јордан Дескоски, Славко Петров, Милорад Мартиновски, Ненад Јаниќевиќ и Никола Додевски. Во самостојната и независна македонска држава се донесува првиот Закон за адвокатура во Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 16 декември 1992 година. Адвокатите незадоволни од статусот во општеството протестираат. Најпрво би го споменале протестот одржан на 1 јуни 1989 година, ќе стапат во штрајк и јавноста ќе ја запознаат преку весникот „Нова Македонија“. На 6 април 1994 година адвокатите повторно протестираат со штрајк врз основа на одлуката што ја донесе Адвокатската комора на Македонија од причини што се наруши нивната независност и индивидуалност и се допушта и толерира надриписарството. Штрајкот го најави претседателот на комората Јордан Десковски, кој објасни дека таа одлука се темели на она што е договорено на вонредното собрание на 26 март. Следува уште еден штрајк од 12 до 13 мај 1994 година, кој е ставен во мирување. На страниците на дневниот весник „Нова Македонија“ ќе се обележи штрајкот со насловите: Тврди адвокати, Некоординирана влада, Од денес граѓаните без правна заштита? - Адвокатите штрајкуваат! Таквиот протест ќе биде пренесен и на страниците на весникот „Вечер“. Штрајк започнува и на 1 јули 2002 година. Одново пред Собранието на Република Македонија се донесува Закон за адвокатурата на седницата одржана на 15 јули 2002 година.

Во овој закон се определува дека адвокатската дејност ја вршат исклучиво адвокати и дека можат да ја вршат тие како поединци или во адвокатски друштва. Во законот се утврдува и давање свечена изјава на адвокатите, кои се запишуваат во Именикот на адвокатите. Првпат се добива адвокатска легитимација. Заради запознавање на своето членство и на пошироката јавност се печати списанието „Адвокатура“, и тоа следуваат такви списанија во 1981, 1982 и 1983 година, мај 1999 година, за истото во континуитет да продолжи од април 2002 година. Претставниците на Адвокатската комора прават долгогодишни напори за вклучување на адвокатурата во меѓународните организации, каде што ќе се воспостави соработка и размена на заемното искуство во давање правна помош. На 2-то Генерално собрание на Унијата (ВСВА) во Белград, одржано од 4 до 8 октомври 1996 година, присуствува делегација на Адвокатската комора на Република Македонија во состав Славко Петров, претседател, Милорад Мартиновски и Бранко Миланов, потпретседатели. Во текот на 2001 и 2002 година наши делегации беа гости и присуствуваа на тематски собранија во Австрија, Хрватска, Романија и Словенија, при што беа примени од претседателите на тие држави. На 47-от конгрес на Интернационалната унија на адвокатите (УИА), одржан од 30 август до 3 септември 2003 година во Лисабон, Португалија, Адвокатската комора настапи под своето уставно име: Адвокатска комора на Република Македонија. На европската претседателска конференција во Виена во 2004 година АКРМ настапи под своето уставно име. Во делегацијата, покрај претседателот Ненад Јаниќевиќ, беше и потпретседателот Звонко Богдан. Адвокатите и Адвокатската комора во нашата држава Република Македонија и понатаму со единствена заложба за соработка со адвокатурите на другите држави за примена на меѓународните стандарди и меѓународното право. Во овие изминати 70 години адвокатот како јавна и општествена личност секогаш ќе се бори за заштита на човековите права и слободи на рамниште на европските стандарди и светските стандарди што се поставени во еснафот на адвокатурата воопшто и ќе се бори за прогресивно општество.      

 
   
Автор: Ставре Џиков / Александар Џиков
Извор: Нова Македонија / Објавено: 21.05.2015

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме