Закон за адвокатура

Консолидиран текст

на

ЗАКОН ЗА АДВОКАТУРАТА

 

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1

Co овој закон се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршењето на адвокатската дејност утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурување на адвокатите од одговорност од штета.

Член 2

(1) Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош,согласно овој и друг закон.

(2) Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.

(3) При остварувањето на адвокатската дејност, адвокатот се раководи исклучиво од интересите на странката кои ги заштитува на најдобар начин со законски средства.

Член 3

Правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење прего-вори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на договори за основање, партнерство, соработка и слични акти во врска со основањето или работењето на деловните субјекти, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи,органите на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.

Член 3-а

(1) Државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, како и правните и физичките лица кои имаат јавни овластувања, должни се на адвокатот во рок од осум дена да му ги дадат податоците и документите потребни во вршењето на адвокатската дејност во конкретен предмет, освен ако тоа не е во спротивност со должноста за чување на тајна согласно со закон.

(2) Адвокатските книги и предмети, досиеја, податоците во електронска форма и други средства на комуникација се неприкосновени и не подлежат на преглед, копирање, проверка и одземање, освен во случаи предвидени со закон.

(3) Комуникацијата меѓу адвокатите, како и меѓу адвокатот и неговата странка, независно на кој начин се остварува, не подлежи на преглед, копирање, проверка или одземање и не може да биде искористена како доказен материјал во постапките што се водат пред судовите и другите државни органи, согласно со закон.

Член 4

Укинат 2

II. ВРШЕЊЕ НА АДВОКАТСКАТА ДЕЈНОСТ

1. Услови за вршење на адвокатската дејност

Член 5

Самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Член 6

(1) Адвокатската дејност ја вршат адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија.

(2) Адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатско друштво.

(3) Адвокатите поединци се запишуваат во Именикот на адвокатите, а адвокатските друштва се запишуваат во Именикот на адвокатските друштва, коишто се водат во Адвокатската комора на Република Македонија.

Член 7

(1) Адвокатот поединец ја извршува адвокатската дејност поединечно.

(2) Адвокатот може да вработува други адвокати, адвокатски стручни соработници, адвокатски приправници и работници за вршење административни и помошни работи на начин и под услови определени со закон.

Член 8

(1) Двајца или повеќе адвокати можат да основаат адвокатско друштво.

(2) Адвокатското друштво врши адвокатска дејност како адвокат поединец.

(3) Адвокатско друштво се основа со одлука за основање.

(4) Bo адвокатско друштво основано од двајца адвокати можат да пристапат и други адвокати како основачи.

(5) Адвокатското друштво се запишува во Именик на адвокатски друштва којшто се води во Адвокатската комора на Република Македонија со што се стекнува со статус на правно лице согласно со овој закон.

Член 9

(1) Седиштето на канцеларијата на адвокатот поединец го определува адвокатот, а на адвокатското друштво адвокатот основач на адвокатското друштво, по слободен избор.

(2) За секоја промена на седиштето на канцеларијата на адвокатот поединец и адвокатското друштво, адвокатот, односно спогодбено адвокатите основачи се должни да ја известат Адвокатската комора на Република Македонија.

(3) Канцеларијата на адвокатот поединец и адвокатското друштво мораат да исполнуваат минимално хигиенско-технички услови за квалитетно давање правна помош, утврдени со општ акт на Адвокатската комора на Република Македонија.

Член 10

(1) Правото на вршење адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со упис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија.

(2) По уписот во Именикот на адвокати на Адвокатската комора на Република Македонија на упишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.

(3) Содржината и постапката за издавање и одземање на лиценцата за работа се уредуваат со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.


претходна 1/4 следна»

Адреса

ул. Даме Груев бр. 3 , 1000 Скопје, Македонија

Телефон:     +389 2 3212 452
Факс:           +389 2 3165 409
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме