Статут

Врз основа на член 5 од Законот за адвокатура (Службен весник на Република Македонија бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/11, 113/2012 и 148/2015) и член 19 алинеја 1 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, донесен од Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија на 28.05.2006 година, како и врз основа на Одлуката за измена на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 25.05.2007 година, Одлуката за измена на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 30.05.2009 година, Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 28.05.2011 година, Одлуката за дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 12.05.2012 година, Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 18.05.2013 година и Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, е изготвен овој :

 

(Консолидиран текст)

на

СТАТУТ НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА

НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

I.ОПШТА ОДРЕДБА

Член 1

Со овој Статут се уредуваат: јавните овластувања, делокругот на работа, организацијата и работата на Адвокатската комора на Република Македонија (во натамошниот текст Комората), нејзините органи и тела, општите акти и постапката за нивно донесување, начинот и постапката за прием, упис и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници, правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници, постапката за издавање и одземање на лиценца, постапката за полагање на адвокатски испит, услови за осигурување од одговорност за адвокатот и адвокатското друштво од штета, финансирање на Комората и други прашања.

II. ДЕЛОКРУГ НА РАБОТА НА КОМОРАТА

Член 2

Комората во извршувањето на работите од својот делокруг обезбедува унапредување на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба и ефикасно обезбедување правна помош и вршење јавни овластувања.

Работите од својот делокруг, Комората ги извршува самостојно и независно, врз основа и во рамките на Уставот, Законот за адвокатурата и други закони, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на РМ, Статутот, Кодексот на адвокатската етика и други прописи и општи акти.

 

Член 3

Комората:

– ја претставува адвокатурата;

– ги застапува интересите на адвокатурата;

– обезбедува услови за непречено вршење на адвокатската дејност, во рамките на независноста, самостојноста и јавноста на адвокатската професија;

– решава за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатска дејност и упис и бришење во Именикот на адвокатите; Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници;

– врши упис и бришење во Именикот на адвокатските друштва;

– издава и одзема лиценци

– решава за одговорноста за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата;

– решава за привремена забрана на вршење адвокатска дејност;

– донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите;

– донесува акти на Комората;

– донесува Кодекс на адвокатската етика;

– се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници;

– одлучува за реципроцитетот ;

– остварува соработка со сите правни институции во државата, како и со оние кои директно или индиректно можат да помогнат во остварувањето на целите и задачите на адвокатурата;                                                                                                                                                
– обезбедува услови за осигурување од одговорност за адвокатите и адвокатските друштва од штета;

– обезбедува услови и начин за полагање на адвокатски испит;

– ја развива адвокатската етика;

– воспоставува и ја развива соработката со други адвокатски комори и меѓународни адвокатски асоцијации и

– врши други работи што се ставени во надлежност на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба.

 

III.ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ НА КОМОРАТА

Член 4

Називот на Комората е: АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Член 5.

Комората има својство на правно лице

За своите обврски Комората одговара со целиот свој имот.

Член 6

Седиштето на Комората е во Скопје, на ул. Даме Груев  бр.3 влез 5 локал 8.

Член 7

Комората има печат, штембил и лого.

Печатот на Комората има тркалезна форма со пречник од 3см., во чија внарешна страна полукружно е испишано: Адвокатска комора на Република Македонија, а во средината симболот.

Штембилот е со правоаголна форма и на него е испишано: Адвокатска комора на Република Македонија и празен простор за број и датум на актот што се прима или испраќа и во последниот ред стои: во Скопје.

Логото на АКРМ е со форма на штит на кој во горниот дел е испишано Адвокатска Комора,под кој текст е впишана бројката 1945,а во долниот дел Република Македонија.Во средиштето на позадина со стилизирано знаме на Република Македонија во горниот лев дел има клуч,,во горниот делесен дел отворена книга,а во долниот дел средишно се наоѓаат две раце во поздрав.

Член 8

Работата на органите на Комората е јавна.

При одлучување во одредени случаи и за одредени прашања, јавноста во работата на Комората може да биде исклучена со акт на Комората.

Член 9

Комората може да членува во адвокатски меѓународни организации и други правни асоцијации и здруженија во земјата и во странство.

Член 10

На подрачјето на основен суд во Република Македонија се основа адвокатска заедница ( во натамошен текст АЗ ), освен за подрачјето на основните судови на град Скопје каде се основаат четири адвокатски заедници ( АЗ Скопје 1 ; АЗ Скопје 2 ; АЗ Скопје 3 и АЗ Скопје 4 ) кои бројат еднаков број адвокати.

Бројот и припадноста на адвокатите на адвокатската заедница ги утврдува Управниот одбор со своја одлука.

Адвокатската заедница ја сочинуваат сите адвокати запишани во Именикот на адвокатите, коишто имаат седиште на канцеларијата на подрачјето утврдено во став 1 од овој член.

 

Член 11

Името на адвокатските заедници гласи: АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА - Адвокатска заедница..., со додавање на градот за кој е основана заедницата, а за Адвокатските заедници на градот Скопје името: Адвокатска заедница Скопје 1 ; 2 ; 3 или 4.

Член 12

Адвокатската заедница ги има следните права и должности:

– избира претседател на АЗ ,

– се грижи за угледот и достоинството на адвокатурата како професија,

– избира свои претставници во органите на АКРМ,

– разгледува прашања, дава мислења и предлози до органите на АКРМ,

– комуницира со судовите од месна надлежност каде делува АЗ во врска со прашања кои се од интерес на АЗ.

– соработува со други АЗ по прашања кои се од заеднички интерес,

– врши и други работи кои со одлука на орган на АКРМ им се доверени.

Собирот на адвокати на АЗ избира претседател, заменци претседатели по предлог на претседателот, претставници во собранието на АКРМ и завзема мислења и дава предлози од интерес за АЗ.

Со АЗ раководи претседател, чиј избор го врши собирот на адвокати.

Мандатот на претседателот и неговите заменици е четири години без ограничување на изборот.

Со Правилник донесен од УО на АКРМ поблиску се утврдуваат правата должностите и начинот на работа на АЗ.


претходна 1/5 следна»

Адреса

ул. Даме Груев бр. 3 , 1000 Скопје, Македонија

Телефон:     +389 2 3212 452
Факс:           +389 2 3165 409
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме