Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE) му ја додели наградата за човекови права за 2015 година на Интигам Алијев, еминентен азербејџански адвокат за човекови права. Истовремено, поради последните политички напади врз адвокатите за човекови права во Кина, CCBE донесе одлука награда да и додели и на кинеската адвокатска фирма „Фенгруи“.
Алијев, кој го посвети својот живот на заштита на човековите права, во април 2015 година беше осуден на седум и пол години затвор и три години забрана за вршење на професија, откако беше прогласен за виновен по обвиненијата за проневера, злосторничко здружување, даночно затајување, злоупотреба на службената положба и фалсификување на документи. И покрај меѓународната мобилизација, Алиев и натаму останува во притвор. Наградата на свечената церемонија во Виена ја прими неговото семејство.
Кинеската адвокатска фирма „Фенгруи“ од Кина , пак, последниов период поради својот активизам во областа на чоековите права беше мета на политички напади кои резултираа со приведување на најмалку 255 адвокати, вработени во адвокатски канцеларии и борци за човекови права. Како резулат на сето ова „Фенгруи “ во моментов не работи.
Поради чувствителнaта природа на наградата, адвокатската компанија не била во можност да биде известена за истата. Сепак, Тенг Биао, исто така кинески адвокат за човекови права, кој во моментов престојува во САД, преку видео-бим се обрати на доделувањето на наградите објаснувајќи ја тешката ситуација со која се соочуваат адвокатите во Кина.
Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа обединува над еден милион адвокати од 32 земји во Европа, меѓу кои и Република Македонија. Наградата за човекови права е воведена од 2007 година и оттогаш се доделува секоја година на адвокат или организација кои со почитување на највисоките професионални вредности и лично однесување во областа на човековите права придонеле за угледот и честа на правната професија.