Донесен нов Правилник за дисциплинска одговорност

17 Септември 2018

Врз основа на член 30-32  од Законот за адвокатура и чл. 26 до 31 и чл. 33 и 42 од Статутот на АКРМ, Управниот Одбор на Адвокатската Комора на Република Македонија, на седницата одржана на ден 10.09.2018 година, донесе 

 

П Р А В И Л Н И К

ЗА ДИСЦИПЛИНСКА ОДГОВОРНОСТ



  1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

член 1

Со цел да се заштити угледот на адвокатурата како професија, совесно вршење на адвокатската дејност; да се заштитат граѓаните од евентуални злоупотреби, да се оствари правна сигурност и владеење на правото, со овој правилник се уредуваат дисциплинските повреди и одговорност на адвокатите/адвокатските друштва, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници (член на АКРМ), се уредува надлежноста на органите, постапувањето, повредите, дисциплинските мерки, извршувањето и евиденцијата на дисциплинските мерки.

 

  1. ДИСЦИПЛИНСКИ ОРГАНИ

 

член  2

Дисцплински органи на АКРМ се:

- Дисциплински обвинител

- Дисциплински суд

- Жалбен совет

 

 

 

Дисциплински обвинител

член 3

Дисциплинскиот обвинител е самостоен и независен орган, кој поведува и застапува дисциплински обвиненија против член на АКРМ.

Дисциплинскиот обвинител е овластен:

-да ги преземе сите потребни мерки насочени кон гонење и казнување на сторителите на дисциплински повреди согласно одредбите на овој Правилник, Кодексот за професионална етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на АКРМ, Статутот на АКРМ и Законот за адвокатура;

-да води и запира дисциплинска постапка,

-подига, застапува и повлекува дисциплинско обвинение;

-да поднесува редовни и вонредни правни лекови.

 

член 4

Дисциплинскиот обвинител има 3 (три) заменици.

Замениците на Дисциплинскиот обвинител самостојно постапуваат по поединечни предмети и се целосно независни во своето работење и ги имаат истите овластувања, како и Дисциплинскиот обвинител.

 

член 5

Дисциплинскиот обвинител и неговите заменици постапуваат по поднесена пријава или по сопствена иницијатива врз основа на лични сознанија, ако постои основано сомнение дека е сторена дисциплинска повреда предвидена со овој Правилник.

Дисциплинскиот обвинител или негов заменик ги испитува наводите во пријавата или сознанијата и за таа цел, соработува со подносителот на пријавата, со правни и физички лица, со државни органи и институции, од кои бара податоци, списи или објаснувања.

Дисциплинскиот обвинител во фазата на прибирање на докази должен е да ги прибере сите докази за конкретниот случај како оние кои се на товар така и оние кои се во прилог на осомничениот.

 

член 6

Дисциплинското обвинение содржи:

- податоците за лицето против кој е покренато обвинението;

- опис на сторената повреда;

- квалификација на повредата согласно Правилникот за дисциплинска одговорност;

-доказите врз основа на кои се заснова обвинението.

Дисциплински суд

член 7

Дисциплинскиот суд (во натамошниот текст:суд) е независен и самостоен орган кој  одлучува во прв степен по дисциплинското обвинение поднесено од Дисциплинскиот обвинител.

 

член 8

Дисциплинскиот суд се состои од три членови од кои еден е претседател.

Со работата на Дисциплинскиот суд раководи претседателот.

Членовите на Дисциплинскиот суд имаат свои заменици кои постапуваат во случај на нивна спреченост.

Во случај на спреченост на претседателот на Дисциплинскиот суд со работата на судот раководи член на судот кој што ќе го определи претседателот.

Претседателот на Дисциплинскиот суд може да побара заменикот на членот на судот да присуствува на седници на судот ако основано може да се очекува отсуство на член на судот.

член 9

Членот на Дисциплинскиот суд должен е грижливо да го проучи дисциплинското обвинение, непристрасно, законито и правично да постапува и одлучува. 

  

Жалбен совет

член 10

Жалбениот совет е самостоен и независен орган кој одлучува по жалбите против одлуките на Дисциплинскиот суд.

член 11

Жалбениот совет го сочинуваат пет членови од кои еден е претседател.

Од членовите на жалбениот совет, со мнозинство гласови се избира претседател и негов заменик.

Членовите на жалбениот совет имаат свои заменици кои постапуваат во случај на нивна спреченост.

Претседателот на жалбениот совет раководи со работата на жалбениот совет, а во случај на негова спреченост го заменува член на жалбениот совет што ќе го определи претседателот.

Претседателот на жалбениот совет определува член на советот кој ќе биде известител по предметот.

 

  1. ДИСЦИПЛИНСКИ ПОВРЕДИ

член 12

Како потешки  дисциплински повреди на адвокатската должност се сметаат:

  1. Неизвршување или очигледно несовесно вршење на работите на пружање правна помош и вршење на јавни овластувања ако истите се сторени со:

-Правосилна осуда на адвокатот за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење адвокатска дејност;

-давање правна помош или одбивање на давење на правна помош во вршење на јавни овластувања спротивно на закон при што се загрозени интересите на клиентот по исклучива вина на  Адвокатот;

-давање правна помош во иста правна работа во предмети каде претходно Адвокатот постапувал во својство на судија, јавен обвинител, јавен правобранител или државен служебник во вршење на службата;

-составување на двострани правни дела во корист само на едната страна;

-дава правна помош на странка, а претходно во друг предмет бил полномошник на спротивната странка, за правен однос кој произлегува од истиот предмет  на работа;

-давање правна помош во иста правна работа истовремено и за спротивната странка;

-соработува со лица кои вршат надриписарство и кои нелегално вршат правни работи;

-Вршење на друга јавна функција или дејност, спротивно на Законот за адвокатура и Кодексот на етика, (во исто време кога ја врши професијата адвокат);

-Не плаќа члeнарина или ненавремено ја плаќа;

-Не се осигурува од  одговорност за штета нанесена на странка;

-Нема засновано работен однос како адвокат согласно закон;

-Не ја пријавил промената на седиштето на канцаларијата односно адвокатското друштво или промената на електронското сандаче за примање на пошта;

-Доколку против адвокатот се изречени повеќе од 3 дисциплински мерки.

Не се смета за дисциплинска повреда одбивањето на давање правна помош ако за тоа постојат оправдани причини како што се: конфликт на интереси, ангажираност на адвокатот во други предмети  поради кои не е во можност да даде соодветна правна помош, одбивање на давање правна помош поради неисполнување на обврските од страна на клиентот кои се однесуваат на наплата на задолжителни трошоци во постапката и наградата на адвокатот, не соработување на клиентот со адвокатот и негово непочитување, други околности поради исклучива вина на клиентот.

  1. Непостапување по овластување или непреземање на дејствија што адвокатот е должен да ги превзема за заштита на правата на странката ако е сторено со:

-непреземање на дејствија кои бил должен да ги преземе како  и постапување спротивно на овластувањето кое го добил од клиентот при што со непреземањето на истите е предизвикана штета на властодателот.

  1. Повреда на должноста за чување на тајна, ако е сторена со:

-оддавање тајна доверена од странката без нејзина согласност, освен во случај предвиден со Закон

-искористување податоци против странката која претходно му ги доверила на адвокатот или му ги сторила достапни

  1. Вршење на дејност за време на објавен прекин на работа од страна на надлежен орган на комората.

 

член 13

            Како други дисциплински повреди се:

- наплаќа и договара пониска награда за застапување и пружање правна  помош спротивно на висината утврдена со Тарифата за награда и надоместок на троАТ на АКРМ (нелојална конкуренција);

-Ако со правосилна пресуда е утврдена граѓанска одговорност за навреда или клевета спрема колеги, судии, претставици на државни органи, поединци и други институции, во вршење на адвокатската професија;

-по писмено барање не ги врати на странката списите кои му се доверени и покрај тоа што странката ја платила наградата и           трошоците;

-не ги пријавува лицата кои неовластено пружаат правна помош  до органите на АКРМ;

-во своето работење постапува спротивно на одредбите од законот за спречување на перење пари и други приноси од казниви дела;

-не постапува по одлуките на органите на АКРМ и не постапува по одредбите од Законот за адвокатура, Статутот на Адвокатската Комора на Република Македонија и Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на АКРМ;

-не придржување и неисполнување на обврската за стручно усовршување предвидена со Закон за Адвокатура и другите акти на АКРМ;

-не носи Тога во постапувањето пред судот;

-се рекламира спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите и бара странка на недостоен начин, и дава понуди преку агенти, посредници, по пат на огласи, преку печатот и средствата за јавно информирање или електронските средства за комуникација и дозволува такви понуди да бидат внесени во огласи и рекламни материјали на други правни или физички лица.

Не се смета за рекламирање спротивно на Кодексот и овој Правилник објавувањето на основни податоци за адвокатот: објавување на Веб страната на Интернет или на други социјални мрежи : име, презиме, адреса, телефон, област од дејноста, без наведување на цената на услугите и без истакнување на  лични и професионални квалитети на адвокатот. Забрането е истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата Веб страна.

Адвокатските стручни соработници и приправници одговараат за повредите од чл. 12 и 13 од овој Правилник извршени при нивното оспособување за самостојно вршење на адвокатска дејност, или при вршење на определени работи од адвокатската дејност доверени од адвокатот.

За повредите на работните обврски адвокатскиот стручен соработник и приправник одговараат пред органите на АКРМ, по поднесена пријава, согласно на овој Правилник.

 

  1. ДИСЦИПЛИНСКИ МЕРКИ

член 14

Дисциплински мерки се:

- јавна опомена

- парична казна во висина до десеткратен износ на годишна  членарина

-привремено престанување на правото на вршење на адвокатска дејност во траење до една година.

За повредите од член 12 и 13 од овој Правилник може да се изрече дисциплинска мерка јавна опомена или парична казна  во висина до десеткратен износ на годишната членарина.

За повредите од член 12 и 13 став 1 алинеа 1,3,4,5,6 и 9 може да се изрече и дисциплинска мерка привремен престанок на адвокатската дејност до 1 година.

Паричната казна секогаш се одмерува во полн износ на годишната членарина.

Член 15

За повредите од член 12 aлинеја 9 и 10 Дисциплинскиот суд донесува Решение со кое констатира повреда на должноста на адвокатот/адвокатското друштво и истото го доставува до Комисијата за прием, упис и бришење од Имениците и издавање и одземање на лиценца за натамошно постапување.

Комисијата за прием, упис и бришење од Имениците и издавање и одземање на лиценца од своја страна ќе постапи согласно одредбите од Законот за адвокатура.

 

4.1.      ПРИВРЕМЕНА ЗАБРАНА ЗА ВРШЕЊЕ НА АДВОКАТСКА ДЕЈНОСТ (СУСПЕНЗИЈА)

член 16

По поведувањето на дисциплинската постапка на адвокатот може привремено да му се забрани вршење на адвокатска дејност.

Доколку за тоа постојат оправдани причини мерката од ст.1 на овој член, по барање на Дисциплинскиот обвинител, може да се изрече и пред поведување на постапката-за времетраење на претходната постапка.

Привремената забрана за вршење на адвокатска дејност со Решение ја изрекува Дисциплинскиот суд по барање на дисциплинскиот обвинител.

Привремената забрана за вршење на адвокатската дејност може да се изрече за времетраење до 30 дена, а доколку постојат причини за нејзино продолжување, со Решение на Дисциплинскиот суд забраната може да се продолжи до завршување на првостепената постапка.

Привремената забрана за вршење на адвокатска дејност на адвокатот може да му се изрече во случај:

-да се оневозможи негово влијание врз сведоци ;

-да се оневозможи попречување во прибирањето на писмени докази;

-да се оневозможи влијание врз постапката;

-ако постои сомнение и услови дека ќе ја повтори дисциплинската повреда.

Привремена забрана на вршење адвокатска дејност, на адвокатот задолжително ќе му се изрече во случај на покрената постапка за повреда од член 12 став 4 на овој Правилник.

Привремената забрана за вршење на адвокатска дејност, престанува и пред рокот од став 3 од овој член ако престанале да постојат причините за нејзино донесување, за што одлучува Дисциплинскиот суд.

Против решението од став 2 од овој член може да се изјави жалба до Жалбениот совет во рок од 3 дена од денот на приемот.

Жалбениот совет е должен да одлучи по жалбата во рок од 8 дена од денот на приемот на жалбата.

 

 

 

  1. ЗАСТАРЕНОСТ

член 17

Пријава од странка за сторена повреда против член на комората може да се поднесе во рок од 60 дена од денот на дознавањето.

Доколку дисциплинскиот обвинител постапува согласно член 19 став 2 истиот е должен да поведе постапка во рок од 180 дена од денот на дознавањето.

Дисциплинската постапка не може да се поведе ниту да се води ако поминат четири години од денот кога е сторена дисциплинската повреда.

Доколку дисциплинската повреда е сторена со кривично дело, дисциплинската постапка не може да се поведе по истекот на рокот од 1 година од правосилноста на пресудата на кривичниот суд.

 

член 18

Изречената дисциплинска мерка може да се изврши најдоцна во рок од 3 година од денот на правосилноста на одлуката со која е изречена.

 

  1. ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА

Претходна постапка

член 19

Дисциплинскиот обвинител или неговиот заменик веднаш по приемот на пријавата е должен да спроведе претходна постапка во која ќе ги испита наводите во истата и за таа цел соработува со подносителот на пријавата, правни и физички лица, државни органи и институции од кои бара податоци или појаснување.

Дисциплинскиот обвинител или неговиот заменик е должен да покрене постапка и врз основа на лични сознанија, информации од средствата за јавно информирање или сознанија добиени на друг начин за постоење на основано сомнение за сторена дисциплинска повреда.

Дисциплинскиот обвинител во фаза на прибирање на доказите должен е да ги прибере сите докази за конкретниот случај кои се на товар на обвинетиот, како и оние кои се во прилог на обвинетиот.

Дисциплинскиот обвинител ќе ја отфрли пријавата ако:

-пријавата е анонимна;

-пријавата е некомплетна (не содржи податоци за пријавител, за пријавен, не е потпишана, не е разбирлива, и друго);

-повредата на која се повикува пријавителот не е предвидена како дисциплинска повреда според овој Правилник;

-поради застареност предвидена во член 17  од овој Правилник;

-по истата повреда претходно има донесена Одлука;

 

член 20

Претходната постапка не може да трае подолго од 180 дена од денот на приемот на пријавата од страна на Обвинителот.

Рокот од став 1 може да се продолжи по барање на обвинителот најмногу уште за 60  дена доколку за тоа постојат оправдани причини.

Одлука за продолжување на рокот донесува Дисциплинскиот суд.

Доколку судот не го прифати барањето за продолжување на рокот од став 1, Дисциплинскиот обвинител е должен по пријавата да се произнесе во рокот од 180   дена.

член 21

По спроведената претходна постапка Дисциплинскиот обвинител е должен да:

-поднесе дисциплинско обвинение, доколку утврди дека постои основано сомнение за сторена дисциплинска повреда

-со Решение да ја запре постапката или со Заклучок да ја отфрли пријавата во согласност со одредбите од овој Правилник.

 

Тек на  постапката

член 22

Дисциплинското обвинение  со сите докази се доставува до дисциплинскиот суд.

 

  член 23

Претседателот  на дисциплинскиот суд доставува  примерок од  дисциплинското обвинение  со сите  писмени докази до  обвинетиот, со напомена дека обвинетиот може да даде одговор  во рок од 8  дена од денот на приемот.

Обвинетиот  може да ангажира  адвокат  за  бранител.

 

член 24

По истекот на  рокот од чл. 23 претседателот на дисциплинскиот суд закажува  седница на дисциплинскиот суд.

На закажаната седница со покана се повикуваат:  дисицплинскиот обвинител, обвинетиот, сведоците и др. лица кои се предложени да присуствуваат.

Поканата мора да содржи податоци за кого е упатена, во какво својство се повикува лицето: за кој ден, месец, година,  часот  на  почеток на седницата на дисциплинскиот суд и местото на одржување на седницата.

Поканата, дисциплинското обвинение, одлуките на судот и сите останати писмена се доставуваат на адреса на адвокатот која тој ја има пријавено во АКРМ, како свое седиште.

Писмената се доставуваат по пошта со препорачана пратка или лично на рака преку стручна служба на АКРМ.

Доколку писмената пратка се врати назад, неврачена од било која причина, истата повторно се доставува со препорачана пратка на истата адреса на адвокатот .

Доколку писмената пратка и при вториот обид се врати назад, неврачена од било која причина, доставата ќе се изврши преку огласна табла во Адвокатска комора на РМ.

По истек на рокот од 8 дена од објавувањето, се смета дека доставата е уредна.

член 25

Седниците на дисциплинскиот  суд се јавни и само во исклучителни случаи  може да биде исклучена јавноста.

Јавноста може да биде исклучена кога тоа го налагаат заштитата на тајност на податоците кои се изнесуваат или во случај кога за тоа ќе одлучи дисциплинскиот суд  по барање на обвинетиот или по негово наоѓање.

 

член 26

Пред да отпочне седницата претседателот утврдува дали се присутни сите повикани.

Седницата нема да се одржи ако не е уредно канет дисциплинскиот обвинител или обвинетиот.

Седницата ја отвора претседателот и му дава збор на дисциплинскиот обвинител кој го изнесува дисциплинското обвинение.

Веднаш по изнесеното обвинение се дава збор на обвинетиот и се прашува дали сака да даде одбрана или пак ќе се брани со молчење.

Обвинетиот ја дава својата одбрана со одговор на наводите на обвинението и со предлагање на сведоци и докази.

 

член 27

По дадената одбрана се пристапува кон изведување на доказите.

Доказите се изведуваат по оној ред како се предложени а по наоѓање на судот или по барање на странките во постапката редот на изведување на доказите може да се промени.

Сведоците се отстрануваат од просторијата пред почетокот на седницата а се повикуваат да бидат сослушани.

За сведокот кој се сослушува се земаат лични податоци и се опоменува дека е должен да ја говори вистината и само она што нему му е познато.

Исказот на сведокот е во слободна форма.

По завршување на исказот на сведокот прв му поставува прашања оној кој го предложил, а после тоа другата странка и на крајот дисциплинскиот суд .

Писмените докази се изведуват со читање и увид во писменото.

 

член 28

Се до завршување на доказната постапка странките можат да предлагаат нови докази со назначување кои докази се предлагаат и на кои околности се однесуваат доказите.

Судот одлучува дали ќе го изведи предложениот доказ.

 

член 29

По изведувањето на сите докази доказната постапка завршува и се пристапува кон завршни зборови.

Прв го дава завршниот збор дисциплинскиот обвинител а после него обвинетиот.

Дисциплинскиот обвинител може обвинението да го промени се до завршувањето на доказната постапка.

 

член 30

Со давањето на завршниот збор на обвинетиот постпаката се заклучува.

 

Одлуки на Дисциплинскиот суд

член 31

Дисциплинскиот суд донесува 2 вида Одлуки: Решение и Заклучок. Со Решение се одлучува мериторно за работата што е предмет на постапката, а со Заклучок се одлучува за прашања што се однесуваат на постапката.

Дисциплинскиот суд  одлуките ги донесува со мнозинство гласови од членовите.

За гласањето  се води посебен записник кој го потпишуваат сите членови.

Членот кој гласал спротивно од одлуката има право  на издвоено мислење  кое го  изготвува во писмена форма.

Дисциплинскиот суд може обвинетиот да го огласи за виновен, да го ослободи од обвинение, да го отфрли обвинението или да ја запре постапката доколку дисциплинскиот обвинител го повлече обвинението.

Доколку дисциплинскиот суд утврди дека настапиле услови на застареност  за водење на дисциплинската постапка со решение постапката ќе ја запре.

член 32

Решението со која обвинетиот се огласува за виновен содржи опис на повредата, материјално подведување на повредата, изречената дисциплинска мерка, образложение и правна поука.

Решението со која обвинетиот се ослободува од одговорност содржи опис на делото и материјално подведување, обазложение и правна поука.

 

член  33

Дисциплинскиот суд  донесува Заклучок со кои им наложува на странките во  определен рок  да превземаат  процесни дејствија.

 

  1. ПОСТАПКА ПО ЖАЛБА

член 34

Против  одлуката на дисциплинскиот суд  незадоволната страна има право  во рок од 15 дена од денот на  приемот на одлуката, да поднесе жалба  до жалбениот совет.

 

член 35

По приемот на жалбата жалбениот совет  испитува  дали жалбата е благовремена и дали е поднесена  од овластен подносител.

                                                           

член 36

Претседателот на жалбениот совет  определува член на жалбениот совет за  известител, кој го излага  предметот пред жалбениот совет.

 

член 37

Седниците на жалбениот совет се одржуваат  без присуство на  странките.

Јавна седница на жалбениот совет се одржува  по барање на  странките или по наоѓање на жалбениот совет.

На јавната седница странката  ги објаснува наводите во жалбата а другата страна  има право да даде одговор на наводите.

За јавната седница се применуваат одредбите како за седница пред дисциплински суд.

 

член 38

Жалбениот совет одлуките ги донесува со мнозинство гласови од членовите.

За гласањето  се води посебен записник кој го потпишуваат сите членови.

Членот кој гласал спротивно од одлуката има право  на издвоено мислење  кое го  изготвува во писмена форма.

 

член 39

Жалбениот совет може жалбата  да ја усвои, да ја одбие или да ја отфрли.

Жалбата ја отфрла кога ќе утврди дека е поднесена неблаговремено или е поднесена од неовластено лице.

Жалбата се одбива како неоснована кога наводите на жалбата не се прифатени. 

Жалбата ја уважува и првостепената одлука ја преиначува кога фактичката состојба е правилно утврдена а погрешно е применето материјалното право или кога на јавна седница жалбениот совет утврдил поинаква фактичка состојба.

Жалбата ја уважува, одлуката ја укинува и предметот го враќа на повторно одлучување пред Дисциплинскиот суд, ако се утврдат суштествени повреди на постапката или ако фактичката состојба е погрешно утврдена, а не одлучува на јавна седница.

 

член 40

Против конечна одлука на жалбениот совет може да се поведе управен спор.

Поведувањето управен спор не го одлага извршувањето на конечната одлука.

 

  1. ЗАПИСНИЦИ

член 41

Дисциплинскиот суд и жалбениот совет за седниците водат записник.

Записниикот го води записничар кој се назначува за секоја седница посебно.

 

член 42

По завршувањето на седницата записникот го потпишуваат  странките , претседателот на дисциплинскиот суд односно на жалбениот совет и записничарот.

Записникот во изворник се чува во предметот.

 

  1. ВОНРЕДЕН ПРАВЕН ЛЕК

9.1       ПОВТОРУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА

член 43

По барање на странката постапката која е правосилно завршена ќе се повтори ако се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да биде донесена поинаква одлука а немала можност доказите да ги поднесе во текот на постапката.Подносителот  е должен  да докаже дека немал можност овие докази или факти  да ги изнесе и употреби во редовната постапка.

По барањето за повторување на постапката одлучува дисциплинскиот суд .

При повторувањето на постапката се применуваат одредбите од  овој Правилник.

Повторување на постапката може да се побара во рок од 30 дена од денот кога странката се стекнала со новиот доказ или узнала за новиот факт.

 Повторување на постапката не може да се бара по истекот на рокот од 1 година од правосилноста на одлуката.

 

  1. ЕВИДЕНЦИЈА И ИЗВРШУВАЊЕ НА ДИСЦИПЛИНСКИТЕ  МЕРКИ

член 44

Дисциплинскиот обвинител, Дисциплинскиот суд и Жалбениот совет се должни да водат евиденција за предметите по кои постапуваат.

Податоците за примени барања и поведени дисциплински обвининија од страна на дисциплинскиот обвинител и податоците за примени предмети и постапувањето со нив од страна на дисциплински суд и жалбениот совет се внесуваат во Уписник на дисциплински предмети.

Уписникот содржи: реден број, обвинител, датум на прием на пријава, податоци за подносителот, податоци за пријавениот, податоци за поведено дисциплинско обвинение, датум на дисциплинско обвинение, ДС.бр. , Одлука од Дисциплински суд, датум на Одлука, ЖС.бр. , датум на жалба, подносител на жалба, Одлука по жалба, датум на Одлука, и податоци за управни постапки.

 

член 45

Конечните одлуки ги извршува  дисциплинскиот суд преку Стручната служба на АКРМ.

Одлуката за изречена мерка привремено престанување на правото на вршење на адвокатска дејност ја извршува Комисијата за прием, упис и бришење од имениците и издавање и одземање на лиценца.

Примерок од конечната одлуката  за  изречена дисциплинска мерка се  приклучува кон досието  на адвокатот, адвокатскиот стручен соработник и  адвокатски приправник.

 

член 46

Паричната казна се извршува со уплата на сметката на АКРМ во рок од 30 дена од денот на приемот на конечната одлука.

Доколку паричната казна не се плати во рокот определен  во одлуката истата ќе се изврши на начин што паричната казна во висина од една годишна чланарина ќе се замени со одземање на лиценцата во траење од три месеци, но не подолго од 1 година.

Во одлуката за изречената парична казна се внесува и одлуката за начинот на извршување на паричната казна со одземање на лиценца доколку не ја плати паричната казна  во определениот рок.

Мерката привремено престанување на правото на вршење на адвокатска дејност  се извршува со времен престанок на важноста на лиценцата, за времето за кое е изречена мерката.

 

член 47

Изречената дисциплинска мерка привремен престанок на правото на вршење на адвокатска дејност се објавува во Службен весник на РМ. Примерок од Решението за изречена мерка привремен престанок на правото на вршење на адвокатска дејност се доставува до Врховниот суд на РМ и до Централниот регистар на РМ.

 

член 48

Средствата добиени од  изречените  парични казни се користат за покривање на трошоците на дисциплинските постапки и за стручно усовршување на адвокатите.

 

  1. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

член 49

Со денот на влегување во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за дисциплинска одговорност од 14.10.2006 година, и измените и дополнувањата од 25.12.2008 година, 18.09.2010 година, 23.02.2011 година и 24.06.2011 година.

член 50

Сите постапки кои со започнати до денот на влегување во сила на овој Правилник, ќе се довршат според Правилникот за дисциплинска одговорност од 14.10.2006 година, и измените и дополнувањата од 25.12.2008 година, 18.09.2010 година, 23.02.2011 година и 24.06.2011 година.

 

член 51

Овој Правилник влегува во сила со денот на негово донесување од Управниот одбор на АКРМ.

 

 

АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме