РЕФОРМА НА КРИВИЧНОТО ПРОЦЕСНО ЗАКОНОДАВСТВО: Адвокатите бараат рамноправност во кривичната постапка и еднаквост на оружјата

 Денеска, во рамките на проектот „Реформа на кривичното процесно законодавство“ се одржа Конференцијата „Реформа на кривичното процесно законодавство“.

foto
На денешниот настан, адвокатските комори и правните професионалци од Западен Балкан дискутираа за измена на правилата и практиките на кривичната постапка и за подобрување на правата на обвинетите.

За таа цел, на Конференцијата беа презентирани резултатите од проектот, чија цел е идентификување на најголемите и најчестите проблеми во однос на процесната позиција на одбраната во регионот, како и залагање за подобрувања во оваа област, и де јуре и де факто, преку размена на искуствата во интерес на обезбедувањето на еднаквост на страните и еднаквост на оружјата.

Крајната цел на проектот, вели Елизабет Гивенс од Американската адвокатска комора и  директор на програма при Балканска регионална мрежа за владеење на правото (БРРЛН), е отворање на дијалог за неопходните промени во кривичното процесно законодавство на земјите во регионот.

foto

Конференцијата беше отворена од страна на претседателот на Адвокатската комора на Македонија, Никола Додевски, кој истакна дека е исклучително важно што во петте држави одбраната се соочува со идентична нерамноправност во однос на другата страна во кривичната постапка и со нееднаквост на оружјата, како основен принцип на правото на фер судење, и од аспект практиката и од аспект на законската поставеност.

„Ова ја наметнува неминовната измена на законите за кривична постапка, но и на практиката при нивната имплементација во сите пет држави. За таа цел, потребно е унифицирано да укажеме и да бараме измени на кривичното процесно законодавство, односно на Законот за кривичната постапка и отстранување на лошите практики при неговото применување. Откако во Македонија започна да се применува новиот Закон за кривичната постапка, адвокатите најдобро ги воочија неговите слабости, особено во делот на одбраната, која, за жал, е ставена во нефер позиција и во многу лоша положба“, истакна Додевски.

фото

Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, повикувајќи се на искуствата на адвокатската фела од примената на новиот Закон за кривична постапка, рече дека стариот Закон за кривична постапка бил подобар за одбраната и за адвокатите, а дека новиот Закон за кривична постапка се покажал како лош експеримент во однос на одбраната. Оттука, додаде Додевски, сосема е јасно дека измените на овој закон се неопходни.

Во таа насока, тој посочи и на потребата од продолжување на рокот за квалитетна подготовка на одбраната, бидејќи, како што нагласи, нема таков „суперадвокат“ кој за толку мал временски период би успеал да обезбеди квалитетна одбрана.

Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија упати и забелешки кон одредени судии, за кои истакна дека мора да го почитуваат начелото дека сите се еднакви пред законот.

foto akademik

„Како што Јустиција има превез над очите, така и судиите треба да го имаат тој превез затоа што законот е еднаков за сите и сите се еднакви пред законот“, рече Додевски.

Принципот на еднаквост на оружјата мора да се почитува, акцентираше и  претседателот на Адвокатската Комора на Република Србија, Драгољуб Ѓорѓевиќ. Тој нагласи дека заложбите за адвокатите да ја добијат вистинската положба во правосудниот систем и во кривичноправниот систем не подразбираат само доследно почитување на нивната суштинска улога како одбрана, туку и почитување на корпусот на човековите права, а со тоа и на правната сигурност и на правичноста.

foto

„Кога говориме за еднаквоста на оружјата, треба да биде сосема јасно дека тој принцип мора да биде неприкосновен, тој принцип мора да постои и мора да се применува. Тој принцип води кон почитување на човековите права, а адвокатите се бранители на човековите права. Исто така, треба да се напомене дека судиите кои се кријат зад формализмот нема никогаш да донесуваат правични одлуки“, подвлече Ѓорѓевиќ.

Oсман Хаволи, претседател на Адвокатската комора на Косово, истакна дека адвокатот на одбраната мора да има право на увид во целокупните списи и да има увид во сите предмети кои се во својство на доказ.

фото

На настанот се дадоа и заеднички препораки за измени на законодавството и на практиките во кривичните постапки во регионот, а кои се однесуваат на правото на обвинетиот, правото на одбраната, употребата на доказите, правилата на товарот на докажување, вкрстеното испитување, принципите на контрадикторност и непосредност.

Во врска со иднината на кривичното законодавство во регионот, на настанот беше потенцирано дека регионалната соработка е од исклучително значење за надминување на проблемите на адвокатурата во делот на кривичното законодавство и практика.

„Нерамноправноста во кривичната постапка и нееднаквоста на оружјата мора да биде надмината со соодветни законски измени и со воведување на нови практики“, беше резимирано на настанот.

 

Југослав Тинтор,  генерален секретар на Адвокатска комора на Србија, Јордан Дачи, од Адвокатска комора на Албанија, и Дељо Кадиев, од Адвокатска комора на Македонија, ги презентираа  активностите и резултатите од проектот „Реформа на кривичното процесно законодавство“, вклучувајќи ги и наодите од Извештајот за состојбата на одбраната во системите на кривичната правда во регионот.

Извештајот претставува единствен преглед на законските рамки, на примерите на проблематични практики кои ги загрозуваат правата на обвинетиот, како и на позицијата на бранителот во рамките на кривичната постапка во регионот.

 

Во Извештајот се детектираат десет заеднички проблеми поврзани со правата на обвинетите и на одбраната во сите земји вклучени во проектот. Како дел од проблемите, во извештајот се нагласуваат: важноста на правото на одбраната да спроведе сопствена истрага, право на пристап до списите и доказите, како и соодветна имплементација на адверсијалните принципи на кривичната постапка со цел постигнување на еднаквост на оружјата помеѓу страните. Извештајот, исто така, содржи конкретни препораки за изменување и дополнување на законите и практиката во кривичните постапки во регионот.

Денешната Конференција беше организирана како завршен настан на проектот „Реформа на кривичното процесно законодавство“, кој претставува прва проектна иницијатива имплементирана со партнерство помеѓу Адвокатската комора на Македонија, Адвокатската комора на Србија, Адвокатската комора на Албанија, Адвокатската комора на Косово, Адвокатската комора на Босна и Херцеговина  и невладината организација „Партнери за демократски промени Србија“.

фото

Проектот „Реформа на кривичното процесно законодавство“ е поддржан од Балканската регионална мрежа за владеење на правото (BRRLN), која го промовира владеењето на правото преку градење механизми со цел да им овозможи на адвокатските комори и на граѓанските организации од регионот да соработуваат и да споделат знаења и најдобри практики. Програмата се имплементира од Американската адвокатска асоцијација – Иницијативата за владеење на правото, со поддршка на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД).

Извор: Академик / Објавено: 06.07.2016

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме