Врз основа на член 5 од Законот за адвокатура (Службен весник на Република Северна Македонија 199/2023) Собранието на Адвокатската Комора на Република Северна Македонија одржано на ден 1 јуни 2024 година го донесе следниот:
СТАТУТ НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА
НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
I. ОПШТА ОДРЕДБА
Член 1
Со овој Статут се уредуваат: јавните овластувања, делокругот на работа, организацијата и работата на Адвокатската комора на Република Северна Македонија (во натамошниот текст Комората), нејзините органи и тела, општите акти и постапката за нивно донесување, начинот и постапката за прием, упис и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници, Именикот на странски адвокати и Именикот на странски адвокатски друштва, правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници, постапката за издавање и одземање на лиценца, постапката за полагање на адвокатски испит, услови за осигурување од одговорност за адвокатот и адвокатското друштво од штета, финансирање на Комората и други прашања.
II.ДЕЛОКРУГ НА РАБОТА НА КОМОРАТА
Член 2
Комората во извршувањето на работите од својот делокруг обезбедува унапредување на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба и ефикасно обезбедување правна помош и вршење јавни овластувања.
Работите од својот делокруг, Комората ги извршува самостојно и независно, врз основа и во рамките на Уставот, Законот за адвокатурата и други закони, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на РСМ, Статутот, Кодексот на адвокатската етика и други прописи и општи акти.
Член 3
Комората:
- ја претставува адвокатурата,
- ги застапува интересите на адвокатурата,
- обезбедува услови за непречено вршење на адвокатската дејност, во рамките на независноста, самостојноста и јавноста на адвокатската професија,
- решава за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатска дејност и упис и бришење во Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници,
- врши упис и бришење во Именикот странски адвокати и странски адвокатски друштва,
- издава и одзема лиценци,
- решава за одговорноста за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата,
- решава за привремена забрана на вршење адвокатска дејност,
- донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите,
- донесува акти на Комората,
- донесува Кодекс на адвокатската етика,
- се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници,
- одлучува за реципроцитетот,
- остварува соработка со сите правни институции во државата, како и со оние кои директно или индиректно можат да помогнат во остварувањето на целите и задачите на адвокатурата,
- обезбедува услови за осигурување од одговорност за адвокатите и адвокатските друштва од штета,
- формира Центар за едукација на адвокатите,
- ја развива адвокатската етика,
- воспоставува и ја развива соработката со други адвокатски комори и меѓународни адвокатски асоцијации, и
- врши други работи што се ставени во надлежност на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба.
III. ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ НА КОМОРАТА
Член 4
Називот на Комората е: АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА.
Член 5
Комората има својство на правно лице.
Адвокатската комора во својата работа е самостојна и независна.
Член 6
Седиштето на комората е во Скопје.
Член 7
Комората има печат, штембил и лого.
Печатот на Комората има тркалезна форма со пречник од 3см., во чија внатрешна страна полукружно е испишано: Адвокатска комора на Република Северна Македонија, а во средината се наоѓа логото на Комората.
Штембилот е со правоаголна форма и на него е испишано: Адвокатска комора на Република Северна Македонија и празен простор за број и датум на актот што се прима или испраќа и во последниот ред стои: Скопје.
Логото на Комората е со форма на штит на кој во горниот дел е испишано Адвокатска комора, под кој текст е впишана бројката 1945, а во долниот дел Република Северна Македонија. Во средиштето на логото во горниот лев дел има клуч, во горниот десен дел има отворена книга, а во долниот средишен дел се наоѓаат две раце во поздрав.
Член 8
Адвокатите се организираат и здружуваат само и единствено во Адвокатска комора на Република Северна Македонија.
Член 9
Комората може да членува во адвокатски меѓународни организации и други правни асоцијации и здруженија во земјата и во странство.
Член 10
На подрачјето на основните судови во Република Северна Македонија се основаат Адвокатски заедници ( во натамошен текст АЗ), освен за подрачјето на основните судови на град Скопје каде се основаат 4 (четири) Адвокатски заедници (АЗ Скопје 1; АЗ Скопје 2; АЗ Скопје 3 и АЗ Скопје 4) кои бројат еднаков број адвокати.
Бројот и припадноста на адвокатите на Адвокатската заедница ги утврдува Управниот одбор со своја одлука.
Адвокатската заедница ја сочинуваат сите адвокати запишани во Именикот на адвокатите, коишто имаат седиште на канцеларијата на подрачјето утврдено во став 1 од овој член.
Член 11
Името на адвокатските заедници гласи: АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Адвокатска заедница..., со додавање на градот за кој е основана заедницата, а за Адвокатските заедници на градот Скопје гласи: Адвокатска заедница Скопје 1; 2; 3 или 4.
Член 12
Адвокатската заедница ги има следните права и должности:
- избира претседател на АЗ,
- се грижи за угледот и достоинството на адвокатурата како професија,
- избира свои претставници во Собранието на Комората,
- разгледува прашања, дава мислења и предлози до органите на Комората,
- комуницира со судовите од месна надлежност каде делува АЗ во врска со прашања кои се од интерес на АЗ,
- соработува со други АЗ по прашања кои се од заеднички интерес и
- врши и други работи кои со одлука на орган на Комората им се доверени.
Собирот на адвокати на АЗ избира претседател, заменици претседатели по предлог на претседателот, претставници во собранието на Комората и завзема мислења и дава предлози од интерес за АЗ.
Со АЗ раководи претседател, чиј избор го врши собирот на адвокати.
Мандатот на претседателот и неговите заменици е четири години без ограничување на изборот.
Со Правилник донесен од УО на Комората поблиску се утврдуваат правата, должностите и начинот на работа на АЗ.
IV. ОРГАНИ И ТЕЛА НА КОМОРАТА
Член 13
Органи на Комората се: Собрание; Управен одбор; Надзорен одбор; Дисциплински обвинител; Дисциплински суд и Жалбен совет.
Членовите на органите на Комората се бираат од редот на претставниците на Собранието
Мандатот на органите на Комората трае 4 (четири) години.
Во Комората се формира и Центар за едукација на Адвокатската комора.
- Собрание на Комората
Член 14
Собранието е највисок орган на Комората.
Собранието го сочинуваат претставници на Адвокатските заедници.
Во Собранието се избира по еден претставник за секои десет адвокати од една АЗ, а ако преостанатиот број на членови на АЗ е поголем од пет се избира уште еден претставник.
Бројот на претставниците во Собранието, се утврдува согласно став 3 од овој член заклучно со први јануари во годината во која престанува мандатот на избраните претставници.
Одлуката од ст.4 на овој член ја донесува Управниот одбор и за истата ја известува Адвокатската заедница.
Претставниците во Собранието на Комората, АЗ ги избираат најдоцна шеесет дена пред истекот на мандатот на претходно избраните претставници.
Член 15
Седницата на Собранието се одржува најмалку еднаш годишно, а датумот го определува Управниот одбор на комората.
Седницата на Собранието од став 1 на овој член ја свикува Управниот одбор на Комората најдоцна 30 (триесет) дена пред денот на одржувањето на седницата.
Собранието задолжително ќе се свика ако тоа го побараат со писмено барање повеќе од 1/2 од претставниците на Собранието.Седницата од став 32 на овој член ја свикува Управниот oдбор на Комората во рок од 30 (триесет) дена по поднесувањето на барањето. Доколку Управниот oдбор не ја свика седницата во овој рок седницата задолжително ќе се одржи во рок од 60 (шеесет) дена од денот на поднесеното барање.
Ако Управниот одбор не свика седница на Собранието согласно став 1 и 3 од овој член сите органи на Комората освен Собранието се распуштаат, а на наредната седница се бираат нови органи на Комората кои ќе работат до истекот на мандатот на Собранието на Комората.
Член 16
Дневниот ред на Собранието го предлага Управниот одбор, а го усвојува Собранието.
Член 17
Претставниците на Собранието се известуваат за закажаната седница на Собранието најмалку 15 дена пред денот на нејзиното одржување, а во итни случаи може и во покус рок.
Член 18
Седницата на Собранието се одржува ако на неа присуствуваат мнозинството од вкупниот број на претставници на Собранието, а одлуките се донесуваат ако за нив гласале мнозинството од присутните претставници на Собранието.
Член 19
Собранието:
- го донесува Статутот на Комората,
- го донесува Кодексот на адвокатската етика,
- го избира Управниот одбор,
- го избира Надзорниот одбор, Дисциплинскиот обвинител, Дисциплинскиот суд и Жалбениот совет,
- расправа за прашања од интерес за адвокатурата и донесува одлуки во врска со тоа,
- ја контролира и ја насочува работата на Управниот одбор,
- го разгледува и усвојува извештајот за работа на: Управниот одбор, Надзорниот одбор, Дисциплинскиот обвинител, Дисциплинскиот суд и Жалбениот совет,
- ја разгледува завршната сметка на Комората,
- го разрешува Управниот одбор, Надзорниот одбор, Дисциплинскиот обвинител, Дисциплинскиот суд и Жалбениот совет пред истекот на мандатот, ако констатира дека истите го кршат Уставот, законите и другите прописи, Статутот и другите акти на Комората,
- Управен одбор
Член 20
Управниот одбор е раководен орган на Комората и извршен орган на Собранието.
Управниот одбор го сочинуваат 17 (седумнаесет) членови кои ги избира Собранието на начин утврден со Деловникот за работа на Собранието.
При изборот на членови на Управниот одбор се обезбедува територијална застапеност на адвокатите од целата држава.
Член 21
На конститутивната седница, Управниот одбор, од редот на своите членови избира Претседател на Управниот одбор и двајца заменици, со мандат од 2 (две) години.
Претседателот на Управниот одбор ја застапува и претставува Комората.
Претседателот на Управниот одбор при застапувањето и претставувањето на Комората го носи називот „Претседател на Адвокатската комора на Република Северна Македонија“.
Член 22
Седници на Управниот одбор свикува Претседателот на Управниот одбор и раководи со нив.
Седница на Управниот одбор може да се свика и по барање на 1/3 од неговите членови.
Во случај на спреченост на Претседателот на Управниот одбор, седница свикува и со неа раководи неговиот заменик.
Член 23
Управниот одбор, како извршен орган на Собранието, ги извршува одлуките на Собранието и ја спроведува неговата политика.
Управниот одбор:
- донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите,
- донесува Правилник за дисциплинска одговорност на адвокатите,
- го формира Центарот за едукација и ги именува членовите на Програмскиот совет на Центарот за едукација на Адвокатската комора,
- ги избира членовите на Етичкиот совет на Комората,
- формира постојани и повремени комисии и тела и ги именува нивните членови, според потребите на Управниот Одбор,
- остварува соработка со институциите на државата, како и соработка со здруженија и организации,
- остварува соработка со правните асоцијации на други држави и меѓународни институции и донесува Одлука за зачленување во истите,
- разгледува предлози, ги проучува и по нив зазема став или донесува одлуки што се од интерес за адвокатурата,
- соработува во подготовките на прописите што се однесуваат на работата на адвокатурата,
- ја следи состојбата во адвокатурата и дава препораки и мислење за поуспешно извршување на истата,
- донесува Правилник за систематизација на работните места во стручната служба;
- одлучува во втор степен за сите права од работен однос за вработените во стручната служба,
- управува со средствата на Комората и поднесува извештај,
- ја одобрува завршната сметка,
- ја определува висината на коморската чланарина и коморскиот уписен влог - ја утврдува висината на надоместокот за континуирана едукација и почетна обука при Центарот за едукација на Адвокатската комора,
- ја утврдува висината на надоместокот на членовите на органите и телата на комората,
- одлучува по жалби против одлуките на Комисијата за прием, упис и бришење во имениците и издавање и одземање на лиценца,
- се грижи за заштита на адвокатурата пред надлежни органи и институции,
- определува свој претставник - адвокат кој присуствува при претрес на адвокатска канцеларија,
- донесува одлука за давање или недавање согласност за лишување од слобода или одредување на мерка притвор, а по претходно поднесено барање од надлежен орган за давање на согласност, на адвокат за кривично дело сторено во вршење на адвокатска дејност,
- поведува прекршочна постапка,
- Управниот одбор на комората свикува изборен собир на Адвокатските заедници,
- донесува Правилник за Адвокатските заедници,
- донесува Правилник за изгледот и условите за носење на адвокатска тога,
- донесува Правилник за прием, упис и бришење од Имениците, и издавање и одземање на лиценца на Комората,
- го донесува Правилникот за Центарот за едукација на Адвокатската комора,
- врши и други работи кои со овој Статут не се во надлежност на друг орган.
- Надзорен одбор
Член 24
Надзорниот одбор брои 3 (три) члена кои ги избира Собранието.
Секој член има свој заменик, кој присуствува на работата на Надзорниот одбор во случај на спреченост на членот кого го заменува.
На првата седница, Надзорниот одбор од членовите избира Претседател и заменик.
Член 25
Надзорниот одбор:
- врши контрола на финансиското и материјалното работење на Комората,
- ја разгледува завршната сметка на Комората и дава мислење до Собранието.
- Дисциплински обвинител
Член 26
Дисциплинскиот обвинител поведува и застапува дисциплинско обвинение против член на Комората за сторени дисциплински повреди.
Дисциплинскиот обвинител има 3 (тројца) заменици.
Работата на дисциплинскиот обвинител се уредува со Правилникот за дисциплинска одговорност, во согласност со Законот за адвокатурата и со Статутот на Комората.
- Дисциплински суд
Член 27
Дисциплинскиот суд одлучува по дисциплинско обвинение од дисциплинскиот обвинител, против членови на Комората за сторени дисциплински повреди.
Дисциплинскиот суд го сочинуваат 3 (три) члена, од кои еден е претседател.
Претседателот и членовите имаат свои заменици.
Дисциплинскиот суд на првата седница, од своите членови, избира претседател и негов заменик.
Член 28
Работата на Дисциплинскиот суд се уредува со Правилникот за дисциплинска одговорност, во согласност со Законот за адвокатурата и Статутот на Комората.
- Жалбен совет
Член 29
Жалбениот совет одлучува по жалбите против одлуки на Дисциплинскиот суд.
Член 30
Жалбениот совет го сочинуваат 5 (пет) члена од кои еден е Претседател.
Претседателот и членовите имаат свои заменици.
Жалбениот совет од своите членови на првата седница избира претседател и заменик.
Член 31
Работата на Жалбениот совет се уредува со Правилникот за дисциплинска одговорност, во согласност со Законот за адвокатура и Статутот на Комората.
- Етички совет.
Член 32
Етичкиот совет е советодавно тело на Комора.
Етичкиот совет по барање на Комисијата за прием, упис и бришење од Имениците и издавање и одземање на лиценца на АКРМС, дава мислење дали кандидатот за упис во Именикот на адвокати или членот на комората е достоен да врши адвокатска дејност.
Етичкиот совет го сочинуваат 5 (пет) члена.
8. Центар за едукација на Адвокатската комора
Член 33
Центарот за едукација на Адвокатската комора е тело на комората кое е надлежно да врши почетна обука на кандидатите за упис во Именикот на адвокатите и континуирана едукација на адвокатите .
Почетна обука на адвокатите задолжително треба да заврши секој кандидат за упис во Именикот на адвокатите при Адвокатската комора, согласно актите на Центарот за едукација на Адвокатската комора
Адвокатите имаат обврска за континуирана едукација при Центарот за едукација на Адвокатската комора, согласно актите на Центарот за едукација на Адвокатската комора.
V. ОПШТИ АКТИ НА КОМОРАТА И ПОСТАПКА ЗА НИВНО ДОНЕСУВАЊЕ
Член 34
Општи акти на Комората се:
- Статут на Комората,
- Кодекс на адвокатска етика,
- Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите,
- Правилник за дисциплинска одговорност,
- Правилници,
- Одлуки и други акти кои имаат карактер на општи акти.
Актите на Комората мора да бидат во согласност со Уставот, Законот за адвокатурата и другите закони.
Член 35
Актите кои ги донесува Собранието не можат да се пренесат во надлежност на другите органи на Комората.
Член 36
Статутот и Кодексот на адвокатската етика ги донесува Собранието на Комората со мнозинство гласови од вкупниот број присутни претставници на Собранието.
Член 37
Управниот одбор ги донесува Тарифата за награда и надоместок на трошоците на адвокатите, Правилникот за дисциплинска одговорност, Правилникот за минимално хигиенско-технички услови, правилници кои уредуваат одредени области, одлуки и други акти кои по својата природа се општи акти.
Член 38
Органите и телата на Комората доставуваат извештаи за својата работа до Управниот одбор на Комората.
Член 39
Иницијатива за измена и дополнување на Статутот и Кодексот на адвокатската етика, може да поднесе секој претставник на Собранието и адвокатските заедници.
Иницијативата од ст.1 на овој член се доставува до Управниот одбор.
Член 40
Предлог за донесување на Статут и Кодекс на адвокатската етика и предлог за нивна измена и дополнување поднесува Управниот одбор.
Член 41
Пред поднесување на предлогот од член 40, Управниот одбор го доставува истиот на адвокатските заедници, кои се должни своите забелешки да ги достават во рок од 30 (триесет) дена.
По истекот на рокот од став 1, Управниот одбор го утврдува конечниот текст на предлогот и го доставува на Собранието, најмалку 15 (петнаесет) дена пред неговото одржување.
Член 42
Управниот одбор општите акти ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број присутни членови.
Член 43
Иницијатива за донесување, измена или дополнување на општ акт, чие донесување е во надлежност на Управниот одбор, може да поднесе член на Управниот одбор или Авокатска заедница. Иницијативата од ст.1 на овој член се поведува со поднесување предлог во писмена форма.
Управниот одбор е должен да го разгледа предлогот и по истиот да донесе одлука.
Член 44
Одлуките на органите и телата на комората се донесуваат со мнозинство од вкупниот број на присутните членови на органите односно телата.
Член 45
Во Службен весник на Република Северна Македонија се објавуваат: висината на коморската членарина, коморскиот уписен влог, и Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите.
VI. АДВОКАТСКА ДЕЈНОСТ
- Носител на дејност и организациони форми
Член 46
Адвокатската дејност ја врши адвокат поединец или адвокатско друштво, како единствена професија.
Вршењето на адвокатска дејност е неспоиво со вршењето на друга дејност, согласно актите на комората.
Адвокатот слободно избира дали адвокатската дејност ќе ја врши како адвокат поединец или преку адвокатско друштво.
Член 47
Адвокатското друштво се основа со договор за основање, кој мора да содржи:
- назив на адвокатското друштво,
- име и презиме на адвокатите, основачи на друштвото,
- седиште на друштвото,
- висина на сопственичкиот удел на основачите,
- одговорност на друштвото и на основачите за обврските на друштвото,
- распределба на добивката меѓу основачите на друштвото,
- поднесување на загубите во работењето,
- начин на донесување на одлуките на друштвото,
- лице овластено за застапување и претставување на друштвото и неговите овластувања во правниот промет,
- времетраење и престанок на постоење на друштвото, и
- други прашања за кои основачите сметаат дека се од значење за уредување на нивните односи.
Член 48
Адвокатското друштво одговара со целиот свој имот за обврските на друштвото.
Член 49
Називот на адвокатското друштво ги содржи зборовите адвокатско друштво, името и/или презимето на еден или на сите основачи и може да го содржи зборот „партнери“.
Забрането е во називот на адвокатското друштво да бидат содржани други зборови освен наведените во претходниот став.
Член 50
Седиштето на адвокатот го определува адвокатот поединец.
Седиштето на адвокатското друштво го определуваат основачите на друштвото.
Седиштето на адвокатот односно на адвокатското друштво е само на едно место.
Промена на седиштето се врши врз основа на барање до комисијата за прием, упис и бришење во имениците и издавање и одземање на лиценца.
Член 51
Забрането е рекламирање на адвокатската дејност и давање на правни совети во печатени и електронски медиуми.
Не се смета за рекламирање истакнувањето на податоци на адвокатот или адвокатското друштво на нивната лична веб страна на интернет, под услови определени во Правилникот за дисциплинска одговорност.
Член 52
Седиштето на канцеларијата на адвокатот и седиштето на адвокатското друштво задолжително се обележува со називот на адвокатот односно на адвокатското друштво.
Називот се испишува на бела подлога со димензии 60 х 40 сантиметри со црни букви.
Член 53
Седиштето на канцеларијата на адвокатот мора да ги исполнува минималните хигиено технички услови и минималните технички уреди.
Седиштето на адвокатското друштво мора да ги исполнува минималните хигиено технички услови и тоа: просторија за прием и просторија за адвокатите, санитарен јазол и минималните технички уреди.
Површината на седиштето на адвокатот или адвокатското друштво , начинот и постапката за минималните хигиено технички услови и минималните технички уреди се уредуваат со посебен правилник кој го донесува Управниот одбор.
Член 54
Адвокатот поединец и адвокатското друштво имаат печат со големина 40 х 20 милиметри.
Печатот на адвокатот содржи: адвокат, име и презиме, седиштето на канцаларијата на адвокатот и бројот на лиценцата.
Печатот на адвокатското друштво содржи: назив на адвокатското друштво, седиштето, бројот на друштвото во Именикот на адвокатски друштва. Адвокатското друштво има штембил со големина 50 х 25 милиметри и содржи: називот на адвокатското друштво, седиштето, простор за деловоден број, ден месец и година.
Член 55
На секој поднесок или исправа составена од адвокат, адвокатот е должен да стави сопствен печат, односно печат на адвокатот или на адвокатското друштво каде е вработен.
- Постапка за прием, упис, издавање и одземање на лиценца
Член 56
Решение за упис и издавање на лиценца донесува Комисијата за прием, упис и бришење од Имениците и издавање и одземање на лиценца (во натамошниот текст Комисија за прием).
Свечената заклетва се дава пред претседателот на Управниот одбор и пред Комисијата за прием.
Член 57
Прием на адвокати се врши во месеците: март, јуни, септември и декември.
Член 58
Својството адвокат се стекнува со упис во Именикот на адвокати.
Член 59
На адвокатот, по уписот во Именикот на адвокати, му се издава адвокатска лиценца и легитимација.
Член 60
Лиценцата ја издава и одзема Комисијата за прием.
Член 61
Лиценцата содржи: назив на издавачот АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, називот лиценца испишан со стилизирани букви, бројот на лиценцата, името и презимето на носителот на лиценцата, место и датум на издавање, име и презиме и потпис на претседателот, и логото на Комората.
Член 62
Обликот, големината и стилизацијата на текстот го пропишува со правилник Управниот одбор.
Член 63
Лиценцата на адвокатот мора да биде истакната во адвокатската канцеларија каде адвокатот ја врши дејноста.
Член 64
Комисијата за прием ја сочинуваат 3 (три) члена, од кои едниот е претседател на комисијата.
Член 65
Членовите на Комисијата за прием ги избира Управниот одбор за време од четири години.
Член 66
Барањето за прием се доставува до Комисијата за прием.
Кон барањето за прием, како доказ за исполнување на член 12 од Законот за адвокатура, се приложуваат:
- кратка биографија,
- универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Северна Македонија со завршено четиригодишно високо образование на правни студии и стекнат VII/1 степен на образование или стекнати 300 кредити според Европскиот кредит-трансфер систем,
- доказ за положен правосуден испит,
- уверение за државјанство,
- уверение дека не е одземена деловна способност,
- доказ дека во моментот на уписот не е вработен,
- уверение од казнена евиденција,
- доказ дека не му е изречена забрана за вршење дејност, дожност или професија, и
- потврда за завршена почетна обука издадена од Центарот за едукација на Адвокатска комора.
Член 67
Врз основа на барањето и прилозите од член 66 од Статутот Комисијата за прием донесува решение за запишување во Именикот на адвокати.
Пред донесување на одлуката по барањето за прием, Комисијата за прием ќе изврши проверки на пригоден начин на фактите од член 12 од Законот за адвокатура и тоа дали лицето ужива углед, дали е достојно за вршење адвокатска дејност вклучително од аспект на познавање на адвокатската етика регулирана во актите на Комората и дали врши работи кои се неспоиви со адвокатурата.
Комисијата на пригоден начин ќе го провери и исполнувањето на условите од член 12 став 1 алинеја 4 од Законот за адвокатура, односно дали лицето активно го зборува македонскиот јазик.
Ако кандидатот не ги исполнува условите од чл. 66 од Статутот и член 12 од Законот за адвокатура, Комисијата за прием донесува решение со кое се одбива барањето за прием.
Против решението со кое се одбива приемот кандидатот има право на жалба во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на приемот на решението.
По жалбата одлучува Управниот одбор.
Против конечното решение на Управниот одбор кандидатот може да поведе управен спор.
Член 68
По приемот на Барањето за упис, Комисијата за прием преку стружната служба врши увид и утврдува дали седиштето ги исполнува минималните хигиенско-технички услови за работа согласно актите на Комората.
Член 69
Кандидатот кој ги исполнил условите од член 66, 67 и 68 на овој Статут дава Свечена заклетва.
Член 70
Правото на вршење на адвокатската дејност престанува под услови и во постапка утврдени со Законот за адвокатура, овој Статут и актите на Комората.
Правото на вршење на адвокатската дејност на адвокатот му престанува во следните случаи:
- ако се откаже од правото на вршење адвокатска дејност;
- трајно ја загуби способноста за вршење на адвокатската дејност;
- го изгуби државјанството на Република Северна Македонија;
- биде лишен од деловна способност или трајно ја загуби способноста за вршење на адвокатска дејност;
- ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на адвокатска дејност;
- не врши уплата на коморска членарина;
- не се осигура од одговорност за штета нанесена на странката.
- му е одземена лиценца за работа;
- ако по завршувањето на мирувањето на адвокатската дејност, адвокатот не поднесе барање до Адвокатската комора за продолжување со вршење на адвокатска дејност или продолжување на мирување, во рок од 15 дена од денот на престанокот на причините за мирување на адвокатската дејност;
- нема отворено жиро-сметка во деловна банка, а е регистриран како вршител на дејност во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
- нема засновано работен однос согласно со закон;
- адвокатот или адвокатското друштво на кое што адвокатот е основач и кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија, редовно не поднесуваат годишна даночна пријава во роковите и постапка утврдени со закон;
- нема доказ за сопственост или друг правен основ за користење на недвижноста во која има регистрирано седиште на адвокатската канцеларија и во која ја обавува адвокатската дејност, освен ако адвокатот е во редовен работен однос кај адвокат или адвокатско друштво.
- регистрираното седиште на адвокатот или адвокатското друштво повеќе не ги исполнува условите предвидени во членот 9 став (3) од Законот за адвокатура.
Во случај на престанок на правото на вршење адвокатска дејност согласно став 2 точка 1 од овој член, на адвокатската лиценцата и легитимација им престанува важноста.
Против одлуката за престанок на правото на вршење на адвокатска дејност од ставот 2 точка 1 на овој член е дозволена жалба до Управниот одбор на Комората во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на приемот на одлуката.
Жалбата не го одлага извршувањето на Одлуката.
Против конечната одлука на Адвокатската комора на Република Северна Македонија може да се поведе управен спор, пред надлежен суд определен со закон.
Член 71
Одземање на лиценца на адвокат и престанок на правото на вршење адвокатска дејност се изрекува во следните случаи:
- врз основа на конечна Одлука на дисциплинскиот суд на Комората,
- врз основа на правосилна судска или конечна одлука донесена во управна постапка,
- во случај на престанок на правото на вршење адвокатска дејност согласно член 70 став 2 точки 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14.
Комисијата за прием донесува Одлука за одземање на лиценца и престанување на правото на вршење адвокатска дејност.
Во случај на одземање на лиценца и престанок на правото на вршење адвокатска дејност согласно став 1 од овој член, на адвокатската лиценцата и легитимација им престанува важноста.
Против одлуката за одземање на лиценца и престанок на правото на вршење на адвокатска дејност од ставот 1 на овој член е дозволена жалба до Управниот одбор на Комората во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на приемот на одлуката.
Жалбата не го одлага извршувањето на Одлуката.
Против конечната одлука на Адвокатската комора на Република Северна Македонија може да се поведе управен спор, пред надлежен суд определен со закон.
Член 72
Постапката за престанок на правото за вршење адвокатска дејност во смисол на член 70 став 2 точка 1 се иницира:
- по барање на адвокатот,
- по добиено сознание за смрт на адвокатот
Постапката за одземање на лиценца и престанок на правото за вршење адвокатска дејност во смисол на член 70 став 2 точки 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 и член 71 се иницира:
- по известие на дисциплинскиот обвинител,
- по известие на дисциплинскиот суд,
- по известие на друг орган на Комората,
- по известие на државен орган или институција,и
- врз основа на сознание на Комисијата за прием.
Член 73
По утврдување на постоењето на причините од член 70 и член 71 од Статутот, Комисијата за прием донесува Решение за одземање на лиценца и/или престанок на правото на вршење на адвокатска дејност.
Член 74
Против Решението за одземање на лиценца и престанок на правото на вршење на адвокатската дејност донесено од Комисијата врз основа на правосилна и конечна одлука од судовите или државен орган, не е дозволена жалба.
Член 75
На адвокатска лиценца и легитимација им престанува важноста од датумот на престанокот на правото на вршење адвокатска дејност.
Член 76
По барање на адвокатот за мирување на вршење на адвокатската дејност решава Комисијата за прием во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на приемот на барањето.
Кон барањето адвокатот доставува потребни документи со кое ја докажува оправданоста на барањето.
Против решението со кое не се одборува мирување на адвокатската дејност адвокатот има право на жалба во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на приемот на решението до Управниот одбор.
Против конечното решение адвокатот може да поведе управен спор.
За времетраењето на мирувањето на адвокатската дејност мируваат правата и должностите од вршењето на адвокатската дејност.
- Осигурување од одговорност
Член 77
Адвокатот е должен да се осигура од одговорност за штета која би ја сторил на трети лица со намера при вршење на адвокатската дејност. Договорот за осигурување од одговорност на адвокатите-членови на адвокатското друштво и за адвокатите кои работат во тоа друштво, го склучува друштвото.
Најнискиот износ на осигурување за кој адвокатот кој е запишан во Именикот на адвокатите е должен да склучи договор за осигурување, изнесува 10.000 евра во денарска противредност.
Адвокатите, основачи на адвокатско друштво, подлежат на поединечно осигурување од одговорност за штета во износ утврден во ставот 2 на овој член, а најнискиот износ на осигурување на кој адвокатското друштво е должно да склучи договор за осигурување од одговорност за штета, изнесува 50.000 евра во денарска противредност.
Со условите за осигурување може да се предвиди дека штетата до одреден износ ја надоместува адвокатот лично.
Ако дојде до измена на условите за осигурување, адвокатот е должен, откако ќе прими известување од Комората за тоа, без одложување да го усогласи своето осигурување со изменетите услови.
Адвокатот е должен уредно да го продолжува осигурувањето од одговорност.
Комората може да го превземе осигурувањето од одговорност на сите адвокати во Република Северна Македонија. Во тој случај адвокатите се должни на Комората да и плаќаат надоместок за осигурување од одговорност.
Повредата на обврската за осигурување од одговорност, односно плаќањето на надоместок на Комората за осигурувањето е тешка повреда на адвокатската должност.
Осигурувателите се должни да го склучат договорот за осигурување од одговорност од адвокатот кој ќе им се обрати или со Комората.
Условите за осигурување заеднички ги утврдуваат осигурителните друштва во Република Северна Македонија во договор со Комората, освен во случај кога Комората го врши осигурувањето на адвокатите. Осигурителните друштва се должни за секоја следна година да определат осигурително друштво кое ќе ги застапува.Ако истите не постапат така најдоцpна до крајот на октомври во тековната година, за нивен застапник ќе се смета осигурителното друштво кое ќе го определи комората. Одлуката на Комората за тоа не е управен акт.
Ќе се смета дека адвокатот склучил договор за осигурување кога поднел барање за осигурување, без оглед на тоа дали во тоа време бил постигнат договорот од став (8) на овој член.
член 78
Постапката,условите за осигурување и начинот на склучување на договори за осигурување од одговорност на адвокатите ќе се регулираат со посебен правилник.
- Адвокатски именици
Член 79
Комората води Именик на адвокати, Именик на адвокатски друштва, Именик на адвокатски стручни соработници, Именик на адвокатски приправници, Именик на странски адвокати и Именик на странски адвокатски друштва.
Содржината на имениците се уредува со акт на комората.
Член 80
Уписот и бришењето во Имениците на Комората се врши на начин и постапка регулирани со посебен Правилник.
Член 81
Формата, обликот и содржината на адвокатската легитимација се уредува со Правилник кој го донесува Управниот одбор на Комората.
- Реципроцитет
Член 82
Адвокати од други држави можат да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност на територијата на Република Северна Македонија под услови на реципроцитет.
Обезбедување на правна помош и вршење на адвокатска дејност на територија на Република Северна Македонија на адвокати и адвокатски друштва од земјите членки на ЕУ се врши согласно Законот за адвокатура.
Постоењето на реципроцитетот го утврдува Управниот одбор.
Реципроцитетот за адвокатите од земјите на Европска Унија нема да се утврдува по приемот на Република Северна Македонија во Европска Унија.
Член 83
Адвокатите од други држави кои сакаат да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност преку нивната институција се обраќаат до Управниот одбор.
Кон барањето доставуваат доказ дека е допуштено адвокати на Република Северна Македонија да даваат правна помош и вршат адвокатска дејност во домицилната држава.
Обемот и видот на овластувањата за давање на правна помош и вршење на адвокатска дејност се уредуваат со договор.
Видот и обемот на овластувањата за давање на правна помош и вршење на адвокатска дејност мора да се идентични.
Член 84
Управниот одбор поведува постапка и ги води преговорите адвокати на Комората да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност во трети држави.
VII.ФИНАНСИРАЊЕ НА КОМОРАТА
Член 85
Комората се финансира од:
- коморска членарина;
- коморски уписен влог;
- подароци и грантови;
- закупнина; и
- други приходи во согласност со закон.
Член 86
Адвокатите, се должни да плаќаат коморска членарина.
Висината на коморската членарина ја утврдува Управниот одбор.
Коморската членарина се плаќа еднаш годишно, однапред од 01.01. - 31.03. во тековната година.
Комората доставува до адвокатите кои не платиле коморска членарина известување со обврска во рок од 8 (осум) дена да ја платат коморската членарина.
По истекот на овој рок Комората ќе покрене постапка за наплата на долг од членот на комората кој врши адвокатска дејност. Во случај кога на адвокатот му е одземена лиценца и/или му престанало правото за вршење адвокатска дејност, наплатата на долг ќе се бара како од физичко лице.
Постапката за наплата на долг е независна од примената на одредбите за престанок на правото на вршење на адвокатска дејност заради неплаќање члeнарина.
Одлуката за висината на коморскиот уписен влог и коморската членарина ја носи Управниот одбор на Комората и ја објавува во Службен весник на Република Северна Македонија.
Висината на коморскиот уписен влог не може да изнесува помалку од две просечни нето плати исплатени во Република Северна Македонија во месецот пред донесувањето на одлуката за висина на коморскиот уписен влог од став 7 на овој член според податоците на Државниот завод за статистика.
Член 87
Паричните средства обезбедени од коморскиот уписен влог, коморската членарина, подароците и грантовите, закупнината и другите приходи во согласност со Закон се користат за вршење на работите на Адвокатската комора на Република Северна Македонија.
Член 88
Адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници се должни при секое поднесено барање за упис во Имениците да уплатат на сметка на Комората износ одреден согласно став 3 на овој член на име трошоци на постапка за упис.
Адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници се должни при секое поднесено барање за мирување на адвокатска дејност, бришење од именикот на адвокати, други промени, изготвување на документи и издавање на информација од стручната служба и органите на Адвокатската комора на Република Северна Македонија (потврда, решение, легитимација и друго), да уплатат на сметка на Комората износ одреден согласно став 3 на овој член, на име трошоци за мирување на адвокатска дејност, бришење од именикот на адвокати, други промени, изготвување на документи и издавање на информација.
Висината на износите од став 1 и 2 на овој член се утврдува со Одлука на Управниот одбор.
Член 89
Со средствата на Комората располага Управниот одбор, со одлуки што се извршуваат од страна на овластени потписници, а врз основа на овој Статут и законот.
VIII.СТРУЧНА СЛУЖБА
Член 90
Стручните, помошните и административните работи за потребите на Комората ги извршува стручна служба на Комората.
Член 91
Со стручната служба раководи Извршен директор.
Извршниот директор за својата работа одговара пред Управниот одбор.
Извршниот директор учествува во работата на органите и телата на Комората и дава свое мислење, без право на глас.
Член 92
Систематизацијата на работните места, бројот на работниците, нивните права и обврски, платите и другите надоместоци се уредуваат со Правилник, кој го донесува Управниот одбор на Комората.
IX.СВЕЧЕНИ ПРИЗНАНИЈА
Член 93
Свечени признанија можат да се доделат на адвокати, физички и правни лица.
Член 94
Плакета за успешно извршување на адвокатската дејност се доделува на адвокат кој со својата долгогодишна работа во адвокатурата дал придонес во подигнување на угледот на адвокатурата.
Член 95
Плакета за особени заслуги се доделува на физичко или правно лице кое не е член на Комората, за особени заслуги во развојот и унапредувањето на адвокатурата.
Член 96
Благодарница за успешно извршена работа им се доделува на адвокати кои извршиле определени работи од особен интерес за адвокатурата.
Член 97
Плакета и благодарница ги доделува Собранието по предлог на Управниот одбор.
Член 98
Признанија за успешна соработка со Комората доделува Управниот одбор.
X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 99
Адвокатите кои се запишани во Именикот на адвокатите до денот на донесување на овој Статут ги задржуваат лиценците и не се должни да посетуваат почетна обука при Центарот за едукација на адвокатите.
Член 100
Сите општи акти на Комората ќе се усогласат со одредбите на овој Статут во рок од 60 дена од денот на неговото влегување во сила.
Член 101
Со денот на влегувањето во сила на овој Статут, престанува да важи Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 28.05.2006 година, Одлуката за измена на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 25.05.2007 година, Одлуката за измена на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 30.05.2009 година, Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 28.05.2011 година, Одлуката за дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 12.05.2012 година, Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 18.05.2013 година, Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 28.05.2016 година, Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Адвокатска комора на Република Македонија од 14.05.2019 година, Одлука за измена и дополнување на Статутот на Адвокатска комора на Република Северна Македонија од 11.06.2022 година и Одлука за изменување и дополнување на Статутот на Адвокатска комора на Република Северна Македонија од 13.05.2023 година.
Член 102
Овој Статут е донесен на 01 јуни 2024 година и истиот влегува во сила со денот на неговото донесување.