I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Co овој закон се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршењето на адвокатската дејност, утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурување на адвокатите од одговорност од штета.
Член 2
Член 3
Правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори давање правна помош во деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на договори за основање, партнерство, соработка и слични акти во врска со основањето или работењето на деловните субјекти, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.
Член 4
(1) Државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, како и правните и физичките лица кои имаат јавни овластувања, се должни на адвокатот во рок од осум дена од денот на доставеното барање да му ги дадат податоците и документите потребни во вршењето на адвокатската дејност во конкретен предмет.
(2) Адвокатските книги и предмети, досиеја, податоците во електронска форма и други средства на комуникација се неприкосновени и не подлежат на преглед, копирање, проверка и одземање, освен во случаи предвидени со закон.
(3) Комуникацијата меѓу адвокатите, како и меѓу адвокатот и неговата странка, независно на кој начин се остварува, не подлежи на преглед, копирање, проверка или одземање и не може да биде искористена како доказен материјал во постапките што се водат пред судовите и другите државни органи, согласно со закон.
1.Услови за вршење на адвокатската дејност
Член 5
Самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Адвокатската комора) и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.
Член 6
(1) Адвокатската дејност ја вршат адвокати, кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора.
(2) Адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатско друштво.
(3) Адвокатите поединци се запишуваат во Именикот на адвокатите, а адвокатските друштва се запишуваат во Именикот на адвокатските друштва, коишто се водат во Адвокатската комора.
Член 7
(1) Адвокатот поединец ја извршува адвокатската дејност самостојно.
(2) Адвокатот може да вработува други адвокати, адвокатски стручни соработници, адвокатски приправници и работници за вршење административни и помошни работи во постапка и под услови определени со овој закон.
Член 8
(1) Двајца или повеќе адвокати можат да основаат адвокатско друштво.
(2) Адвокатско друштво се основа со одлука за основање.
(3) Bo адвокатско друштво основано од двајца адвокати можат да пристапат и други адвокати како основачи.
(4) Адвокатското друштво се запишува во Именикот на адвокатски друштва кој што се води во Адвокатската комора со што се стекнува со статус на правно лице согласно со овој закон.
Член 9
(1) Седиштето на адвокатот поединец го определува адвокатот, а на адвокатското друштво адвокатите основачи на адвокатското друштво, по слободен избор.
(2) За секоја промена на седиштето на адвокатот поединец и адвокатското друштво, адвокатот, односно спогодбено адвокатите основачи, се должни да ја известат Адвокатската комора во рок од осум дена oд денот кога е извршена промената на седиштето.
(3) Седиштето на адвокатот поединец и адвокатското друштво мора да исполнува минимално хигиенско-технички и други услови за квалитетно давање правна помош, пропишани со акт на Адвокатската комора.
Член 10
(1) Правото на вршење адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со упис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора.
(2) По уписот во Именикот на адвокати на Адвокатската комора на упишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.
(3) Содржината и начинот на издавање и одземање на лиценцата за работа се уредуваат со Статутот на Адвокатската комора.
Член 11
(1) Пред да се запише во Именикот на адвокатите кандидатот дава свечена изјава која гласи: „Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Адвокатската комора, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба“.
(2) Адвокатите се должни да носат тога во постапувањето пред судот.
(3) Изгледот на тогата со акт ја определува Адвокатската комора.
(4) Актот за изгледот и условите под кои се носи адвокатската тога од ставовите (2) и (3) на овој член, го донесува Управниот одбор на Адвокатската комора.
Член 12
Во Именикот на адвокатите може да се запише лице, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење на адвокатската дејност и ги исполнува следниве услови:
- да е државјанин на Република Северна Македонија или да е државјанин на држава земја членка на Европската Унија,
- да е деловно способно;
- има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Северна Македонија со завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1 или со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит - трансфер систем (ЕКТС) или нострифицирана диплома од правен факултет од странство,
- активно да го зборува македонскиот јазик,
- да има положено правосуден испит во Република Северна Македонија,
- со правосилна судска одлука да не е осуден на безусловна казна затвор во траење над шест месеци, како и да не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должноста, за време на траење на санкцијата,
- да не е во работен однос,
- да не врши работи кои се неспојливи со адвокатурата,
- да не му престанала функцијата судија, јавен обвинител, државен правобранител или заменик, народен правобранител или заменик, избран или именуван функционер, односно да не му престанал работниот однос како државен службеник, нотар, заменик или помошник нотар, извршител или заменик извршител, со конечна одлука во судска, дисциплинска или друга постапка со која е утврдена одговорност во вршење на функцијата односно службата додека не поминат пет години од конечноста на одлуката и
- да достави доказ за завршена почетна обука при Центарот за едукација на Адвокатската комора.
Член 13
(1) По барањето за упис во Именикот на адвокатите и Именикот на адвокатските друштва решава надлежен орган на Адвокатската комора, определен со акт на Адвокатската комора, во постапка и под услови определени со овој закон.
(2) Надлежниот орган од ставот (1) на овој член, во рамките на предвидените рокови за прием во актите на Адвокатската комора, донесува решение со кое врши упис или го одбива барањето за упис во Именикот на адвокатите или Именикот на Адвокатските друштва на Адвокатската комора.
(3) Против решението за одбивање на барање за упис и во случај надлежниот орган на Адвокатската комората да не донесе решение во рок определен со актите на Адвокатската комора, барателот на упис има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението, односно истек на предвидениот рок за донесување на решение, до надлежен орган на Адвокатската комора.
(4) По жалбата против решението донесено по барањето за упис во Именикот на адвокатите и Именикот на адвокатските друштва решава надлежен орган на Комората определен со акт на Адвокатската комора во рок од 30 дена од приемот на жалбата.
(5) Член на надлежниот орган кој одлучувал по барањето за упис не може да одлучува по поднесената жалба од ставот (4) на овој член.
(6) Против конечното решение на надлежниот орган на Адвокатската комора може да се поведе управен спор, пред надлежен суд определен со закон.
Член 14
(1) Адвокати од други држави можат да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност на територијата на Република Северна Македонија под услови на реципроцитет.
(2) При утврдувањето на условите за реципроцитет надлежните органи задолжително прибавуваат мислење од Адвокатската комора.
(3) Условите, начинот и постапката под кои адвокатите од други држави можат да даваат правна помош и да ја вршат адвокатската дејност, се уредуваат со Статутот на Адвокатската комора.
2. Права и должности на адвокатите
Член 15
(1) Адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамките на законот, актите на Адвокатската комора и овластувањето, самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странката.
(2) Адвокатот е должен редовно да и уплаќа коморска членарина на Адвокатската комора од денот на упис во Именикот на адвокатите.
(3) Адвокатот има обврска постојано стручно да се усовршува за време на траењето на адвокатската дејност преку задолжителна континуирана едукација со обуки, семинари, работилници и друго.
(4) Континуираната едукација се врши преку Центарот за едукација на Адвокатската комора.
Член 16
(1) Овластувањата за давање правна помош адвокатот поединец и адвокатите здружени во адвокатско друштво ги добиваат со полномошно издадено од странката.
(2) Полномошно издадено на адвокат или адвокатско друштво кое содржи потпис и печат на адвокат или адвокатско друштво не подлежи на дополнителна заверка.
(3) Адвокатот има право, овластувањата што му ги дала странката, да ги пренесе врз друг адвокат или да овласти друг адвокат за преземање само на одделни процесни дејствија во постапката.
Член 17
(1) Правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно, согласно со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Адвокатската комора и како тајна го чува она што му го доверила странката.
(2) Давањето правна помош, може да се одбие или откаже од причини утврдени со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Адвокатската комора.
(3) Правна помош не може да се даде кога по истата правна работа тој или друг адвокат од неговата канцеларија или адвокатското друштво давал/дава правна помош на спротивната странка или по истата правна работа постапувал како судија, јавен обвинител, државен правобранител, односно како државен службеник во орган на државна управа или институција.
(4) При составување на двострани правни работи, договори и друго, адвокатот е должен совесно да ги штити интересите на договорните странки без разлика која од нив побарала правна помош и која странка ја плаќа наградата. Ако меѓу странките настане спор во врска со договорот составен од адвокат, тогаш тој не може да учествува како полномошник на ниту една странка.
Член 18
(1) Секоја исправа или поднесок составен од адвокат задолжително мора да содржи потпис и печат на адвокатот.
(2) Формата, големината и содржината на печатот на адвокатот од ставот (1) на овој член, се утврдуваат со Статутот на Адвокатската комора.
(3) На секој поднесок или исправа составена од адвокатско друштво мора да стои потпис од адвокат и печат на адвокатското друштво.
(4) Содржината, формата и големината на печатот на адвокатското друштво, од ставот (3) на овој член, се утврдуваат во Статутот на Адвокатската комора.
Член 19
(1) Адвокатот и адвокатското друштво имаат право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Член 20
(1) Адвокатот и адвокатското друштво не смеат да вршат дејност, професија или активност кои со Кодексот на адвокатска етика се определени како несоодветни професии.
(2) Адвокатот може да врши јавна функција или јавна служба доколку за вршење на истата не заснова работен однос.
Член 21
(1) Адвокатот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давањето правна помош и вршењето на јавни овластувања.
(2) Адвокатот не може да биде лишен од слобода ниту притворен за кривично дело сторено во вршењето на адвокатската дејност без претходна согласност од Адвокатската комора.
(3) Претресување на канцеларија на адвокат поединец и адвокатско друштво може да се врши само во присуство на адвокатот и овластен претставник на Адвокатската комора.
(4) Претресување на канцеларија на адвокат поединец и адвокатско друштво може да се врши само во однос на писмената изречно наведени во решението за претрес донесено од надлежен судија во кривична постапка, а овластените службени лица немаат пристап до другите пишани материјали, списи, предмети и архивата.
Член 22
Bo канцеларија на адвокат поединец и адвокатско друштво не е допуштено лишување од слобода ниту е допуштено да се преземаат посебни истражни мерки, ниту истражни дејствија над странка која се обратила за правна помош.
3. Престанок и мирување на правото на вршење адвокатска дејност
Член 23
(1) Правото на вршење адвокатска дејност престанува под услови и во постапка утврдени со овој закон.
(2) Правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако:
1) се откаже од правото на вршење адвокатска дејност;
2) трајно ја загуби способноста за вршење на адвокатската дејност;
3) поради престанок на државјанството на Република Северна Македонија;
4) биде лишен од деловна способност;
5) ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење адвокатска дејност;
6) не врши уплата на коморска членарина;
7) не се осигура од одговорност за штета нанесена на странката;
8) му е одземена лиценцата за работа;
9) ако по завршувањето на мирувањето на адвокатската дејност, адвокатот не поднесе барање до Адвокатската комора за продолжување со вршење на адвокатска дејност или продолжување на мирување, во рок од 15 дена од денот на престанокот на причините за мирување на адвокатската дејност;
10) нема отворено жиро-сметка во деловна банка, а е регистриран како вршител на дејност во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
11) нема засновано работен однос согласно со закон;
12) адвокатот или адвокатското друштво на кое што адвокатот е основач и кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија, редовно не поднесуваат годишна даночна пријава во роковите и постапка утврдени со закон;
13) нема доказ за сопственост или друг правен основ за користење на недвижноста во која има регистрирано седиште на адвокатската канцеларија и во која ја обавува адвокатската дејност, освен ако адвокатот е во редовен работен однос кај адвокат или адвокатско друштво.
14) регистрираното седиште на адвокатот или адвокатското друштво повеќе не ги исполнува условите предвидени во членот 9 став (3) од овој закон.
(3) Против одлуката за престанок на правото на вршење адвокатска дејност од ставот (1) на овој член дозволена е жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката до надлежниот орган на Адвокатската комора.
(4) Против конечната одлука на Адвокатската комора може да се поведе управен спор, пред надлежен суд определен со закон.
Член 24
(1) Ha адвокат избран или именуван на јавна функција, со засновање на работен однос вршењето на адвокатската дејност му мирува до престанувањето на функцијата.
(2) Ha барање на адвокатот вршењето на адвокатската дејност може да му мирува:
1) поради болест;
2) негово отсуство, односно отсуство на брачниот другар кога се упатени наработа во странство од страна на Република Северна Македонија;
3) стручно усовршување во странство и
4) со засновање на работен однос.
(3) Начинот и постапката за одобрување на мирување од ставот (2) на овој член, се уредува со Статутот на Адвокатската комора.
4. Адвокатски приправници и адвокатски стручни соработници
Член 25
(1) Bo Именикот на адвокатските приправници може да се запише државјанин на Република Северна Македонија кој ги исполнува општите услови за засновање работен однос во органите на државната управа согласно со закон и кој има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Северна Македонија со завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1 или со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит - трансфер систем (ЕКТС) или нострифицирана диплома од правен факултет од странство.
(2) Bo Именикот на адвокатските стручни соработници може да се запише лице кое покрај условите од ставот (1) на овој член, има положено правосуден испит.
Член 26
(1) Адвокатскиот приправник стручно се оспособува за самостојно вршење на адвокатската дејност и работите на правната помош и јавните овластувања ги врши според упатствата на адвокатот.
(2) Адвокатскиот приправник стекнува право да полага правосуден испит согласно со Законот за правосудниот испит.
Член 27
Адвокатскиот приправник може стручно да се оспособува заради стекнување услови за полагање на правосуден испит и самостојно вршење на адвокатската дејност и без засновање на работен однос.
Член 28
Адвокатскиот приправник по положувањето на правосудниот испит може да работи во својство на адвокатски стручен соработник.
Член 29
Адвокатскиот стручен соработник и адвокатскиот приправник вршат определени работи од адвокатската дејност што ќе им ги довери адвокатот и од негово име.
5. Одговорност за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата.
Член 30
(1) Адвокатите се одговорни за стручно и совесно вршење на адвокатската должност и за чување на угледот на адвокатурата.
(2) Како потешка повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата, особено се смета неизвршување или очигледно несовесно вршење на работите на правна помош и вршење на јавни овластувања, непостапување по овластувањето и непреземањето дејствија што адвокатот е должен да ги преземе во заштита направата и интересите на странката и повредување на должноста на чување тајна.
(3) Co акт на Адвокатската комора поблиску се утврдуваат повредите на вршење на адвокатската должност и угледот на адвокатурата.
Член 31
(1) За повреда на должноста или угледот на адвокатурата, на адвокатот можат да му се изречат следниве дисциплински мерки: јавна опомена, парична казна во висина до десетократен износ на годишната коморска членарина и привремено престанување на правото на вршење адвокатска дејност во траење до три години.
(2) Ha адвокатот против кого е поведена постапка за утврдување на одговорност за повреда на должноста или угледот на адвокатурата, може привремено да му се забрани вршење на адвокатската дејност додека трае дисциплинската постапка, но не подолго од 30 дена.
(3) Начинот и постапката за привремена забрана на вршење на адвокатската дејност се определуваат со акт на Адвокатската комора.
Член 32
(1) Против решението за изречена дисциплинска мерка и против решението за привремена забрана на вршењето на адвокатската дејност, во рок од осум дена од приемот на решението може да се изјави жалба до надлежниот орган на Адвокатската комора.
(2) Против конечното решение за изречената дисциплинска мерка може да се поведе управен спор, пред надлежен суд определен со закон.
6.Адвокатска комора
Член 33
(1) Адвокатите во Република Северна Македонија се организираат во Адвокатска комора.
(2) Адвокатската комора има својство на правно лице.
Член 34
(1) Адвокатската комора во својата работа е самостојна и независна.
(2) Адвокатската комора:
1) решава за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатска дејност и упис и бришење во Именикот на адвокатите, Именикот на странските адвокати, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници;
2) врши упис и бришење во Именикот на адвокатските друштва и Именикот на странски адвокатски друштва;
3) решава за одговорноста за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата;
4) решава за привремена забрана на вршење адвокатска дејност;
5) донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите;
6) донесува акти на Комората;
7) донесува Кодекс на адвокатската етика;
8) се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници;
9) формира Центар за едукација на Адвокатската комора и донесува акти со кои се уредува неговото работење;
10) врши почетна обука на кандидатите за упис во Именикот на адвокати и врши континуирана едукација на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници преку Центарот за едукација на Адвокатската комора;
11) дава мислење за реципроцитет на барање на надлежен државен орган и
12) изготвува листи за ангажирање на адвокати во согласност со закон, на барања од надлежните судови, државни органи, единици на локална самоуправа и други институции и установи.
(3) Адвокатската комора соработува со адвокатски комори на други држави и други адвокатски меѓународни организации.
Член 35
Адвокатската комора се финансира од:
1) коморска членарина;
2) коморски уписен влог;
3) подароци и грантови;
4) закупнина;
5) други приходи во согласност со закон.
Член 36
(1) Висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина, се утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската комора и ја објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
(2) Висината на коморскиот уписен влог не може да изнесува помалку од две просечни нето- плати исплатени во Република Северна Македонија во месецот пред донесувањето на одлуката од ставот (1) на овој член, според податоците на Државниот завод за статистика.
Член 37
Со Статутот на Адвокатската комора се уредуваат, особено: делокругот, организацијата и работата на органите на Комората, начинот и постапката за упис во Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници, органите што ја водат дисциплинската постапка и нивната надлежност и постапката за изрекување дисциплински мерки, актите и постапката за нивно донесување; водење на Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници и правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници, како и одредбите за осигурување на адвокатите од одговорност за штета.
7. Осигурување од одговорност
Член 38
(1) Адвокатот е должен да се осигура од одговорноста за штета која би ја сторил на трети лица при вршење на адвокатската дејност. Договорот за осигурување од одговорност за адвокатите - членови на адвокатското друштво и за адвокатите кои работат во тоа друштво, го склучува друштвото.
(2) Најнискиот износ на осигурување за кој адвокатот што е запишан во Именикот на адвокатите е должен да склучи договор за осигурување, изнесува 10.000 евра во денарска противвредност.
(3) Адвокатите, основачи на адвокатско друштво, подлежат на поединечно осигурување од одговорност за штета во износ утврден во ставот (2) на овој член, а најнискиот износ на осигурување на кој адвокатското друштво е должно да склучи договор за осигурување од одговорност за штета изнесува 50.000 евра во денарска противвредност.
(4) Адвокатите пред започнување со вршењето на адвокатската дејност се должни да достават доказ за осигурување од одговорност за штета, согласно со ставот (1) на овој член.
(5) Со условите за осигурување може да се предвиди дека штетата до одреден износ ја надоместува адвокатот лично.
(6) Ако дојде до измена на условите за осигурување, адвокатот е должен, откако ќе прими известување од Адвокатската комора за тоа, без одложување да го усогласи своето осигурување со изменетите услови.
(7) Адвокатот е должен уредно да го продолжува осигурувањето од одговорност.
(8) Комората може да го преземе осигурувањето од одговорност на сите адвокати во Република Северна Македонија. Во тој случај адвокатите се должни на Адвокатската комора да и плаќаат надоместок за осигурување од одговорност.
(9) Повредата на обврските за осигурување од одговорност, односно плаќањето на надоместок на Адвокатската комора за осигурувањето е тешка повреда на адвокатската должност.
(10) Осигурувателите се должни да го склучат договорот за осигурување од одговорност со адвокатот кој ќе им се обрати или со Адвокатската комора.
(11) Условите за осигурување заеднички ги утврдуваат осигурителните друштва во Република Северна Македонија во договор со Адвокатската комора, освен во случај кога Адвокатската комора го врши осигурувањето на адвокатите. Осигурителните друштва се должни за секоја следна година да определат осигурително друштво кое ќе ги застапува. Ако истите не постапат така најдоцна до крајот на октомври во тековната година, за нивен застапник ќе се смета осигурителното друштво кое ќе го определи Адвокатската комора.
(12) Ќе се смета дека адвокатот склучил договор за осигурување кога поднел барање за осигурување, без оглед на тоа дали во тоа време веќе бил постигнат договор од ставот (11) на овој член.
(13) Ако адвокатот штетата ја направил на трето лице намерно или од грубо невнимание, осигурителното друштво кое ја надоместило штетата на третото лице има право на регрес спрема адвокатот, односно адвокатското друштво.
III. СТРАНСКИ АДВОКАТИ И АДВОКАТСКИ ДРУШТВА
Член 39
(1) Обезбедувањето на давање на правна помош и вршење на адвокатска дејност на територијата на Република Северна Македонија на адвокатите и адвокатските друштва од земјите-членки на Европската Унија, кои според прописите на матичната држава, земја членка на Европската Унија го стекнале правото завршење на адвокатска дејност (во натамошниот текст: странските адвокати и адвокатски друштва), се врши согласно со овој закон.
(2) Под матична држава, во смисла на овој закон, се подразбира државата земја-членка на Европската Унија во која странскиот адвокат или странското адвокатско друштво го стекнале правото да вршат адвокатска дејност како професија.
Член 40
(1) Странски адвокати и адвокатски друштва можат трајно да вршат адвокатска дејност на територијата на Република Северна Македонија под релевантна професионална титула на државата во која го стекнале правото на вршење адвокатска дејност по уписот во Именикот на странски адвокати, Именикот на странски адвокатски друштва на Адвокатската комора.
(2) Релевантната професионална титула на странскиот адвокат и адвокатското друштво, мора да биде изразена на службениот јазик или на еден од службените јазици на неговата земја-членка (во натамошниот текст: матичната држава), на начин што се разликува од професионалната титула на земјата-членка домаќин, со назначување на професионалната организација која им дала дозвола за вршење на адвокатска дејност во матичната држава и надлежниот орган во кој се запишани во својата матична држава.
(3) Странските адвокати кои се запишани во Именикот на странските адвокати, можат адвокатската дејност да ја вршат како адвокатско друштво под називот на занимањето во својата матична држава, а можат да го користат и називот на адвокатското друштво во кое се членови во својата матична држава или во некоја друга држава земја-членка на Европската Унија.
(4) Странскиот адвокат кон барањето за упис во Именикот на странските адвокати мора да приложи потврда за државјанство на земјата членка на Европската Унија, доказ за осигурување од професионална одговорност за штета, доказ од соодветен орган или професионална организација дека стекнал право да врши адвокатска дејност во својата матична држава, како и доказ за членство во адвокатско здружение во матичната или во некоја друга држава земја-членка на Европската Унија.
(5) Странскиот адвокат кој е запишан во Именикот на странските адвокати се ослободува во целост или делумно од осигурување за одговорност за штета од членот 38 од овој закон, ако поднесе доказ дека во матичната држава во целост или делумно е осигуран во иста вредност од одговорност за штета, односно доколку такво осигурување е еднакво според условите и степенот на покривање.
(6) Исполнетоста на условите од ставот (4) на овој член, се докажува со потврда издадена според прописите на матичната држава на странскиот адвокат во заверен превод на македонски јазик, која не смее да биде постара од три месеци.
(7) За уписот во имениците од ставот (1) на овој член, Адвокатската комора ја известува професионалната организација во матичната држава на странскиот адвокат и странското адвокатско друштво која им дала дозвола за вршење на адвокатска дејност во матичната држава и надлежниот орган во кој се запишани во својата матична држава.
(8) Странскиот адвокат или странското адвокатско друштво кој е запишан во имениците од ставот (1) на овој член, може да врши поединечни работи во рамките на вршење на адвокатската дејност, односно да дава совети за правото на својата матична држава, за правото на Европската Унија, за меѓународното право и за правото на Република Северна Македонија.
(9) Странскиот адвокат од ставот (1) на овој член, не може да биде избран во органите на Адвокатската комора, ниту да има адвокатски приправник.
(10) Странскиот адвокат кој е запишан во Именикот на странските адвокати, се претставува пред Адвокатската комора преку слободно избран адвокат запишан во Именикот на адвокатите, при што има право само да гласа за избор на адвокат во органите на Адвокатската комора.
(11) При вршење на адвокатска дејност, странскиот адвокат кој е запишан во Именикот на странските адвокати, е должен да ги почитува правилата од Кодексот на адвокатска етика на Адвокатската комора.
(12) Странскиот адвокат кој е запишан во Именикот на странските адвокати може да биде вработен кај адвокат или адвокатско друштво во Република Северна Македонија.
Член 41
Странските адвокати и адвокатски друштва, од членот 40 од овој закон, можат да ги застапуваат клиентите и да ги бранат нивните права и интереси пред правосудните органи, управните органи и служби, само заедно со адвокат или адвокатско друштво на Република Северна Македонија.
Член 42
(1) По уписот во Именикот на странски адвокати на Адвокатската комора, странскиот адвокат и по три години континуирано и ефективно вршење на адвокатската дејност на територијата на Република Северна Македонија или по положување на правосудниот испит на Република Северна Македонија, странскиот адвокат може да побара да биде запишан во Именикот на адвокати на Адвокатската комора.
(2) Странскиот адвокат од ставот (1) на овој член има право да ја користи релевантната професионална титула на својата земја изразена на службениот јазик или на еден од службените јазици на неговата матична држава, заедно со називот адвокат.
Член 43
(1) Странскиот адвокат за да биде запишан во Именикот на адвокати на Адвокатската комора, треба да поднесе барање и да приложи:
- доказ за стекнати адвокатски права во неговата земја членка и
- документ со кој се потврдува дека кандидатот го положил правосудниот испит на Република Северна Македонија или документ со кој се потврдува тригодишното континуирано и ефективно вршење на дејноста како адвокат на територијата на Република Северна Македонија и тоа со доказ за бројот и природата на предметите во кои постапувал според законодавството на Република Северна Македонија.
(2) Потребните документи, странскиот адвокат и адвокатското друштво ги доставуваат до Комисијата за упис и бришење на адвокати и адвокатски друштва на Адвокатската комора во постапка согласно со одредбите од овој закон.
(3) Во решението на Комисијата за упис и бришење на адвокати и адвокатски друштва на Адвокатската комора со кое се одбива упис или се одлучува за бришење од Именикот од ставот (1) на овој член, во согласност со овој закон, Статутот на Адвокатската комора и Кодексот на адвокатска етика на Адвокатска комора, мора да се наведат причините за неговото донесување.
(4) Комисијата за упис и бришење на адвокати и адвокатски друштва на Адвокатската комора во рамките на предвидените рокови за прием во актите на Адвокатската комора, донесува решение со кое врши упис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора во првата наредна уписна сесија согласно со актите на Адвокатската комора.
(5) Против решението за одбивање на барање за упис како и доколку надлежниот орган на Адвокатската комора во рокот предвиден во актите на Адвокатската комора не донесе решение, барателот на упис има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението, односно истекот на рокот во кој требало да биде донесено решението.
(6) По жалбата против решението донесено по барањето за упис во Именикот на адвокатите и Именикот на адвокатските друштва решава надлежен орган на Адвокатската комора определен со акт на Адвокатската комора, а во рок од 30 дена од приемот на жалбата.
(7) Против конечното решение на Адвокатската комора може да се поведе управен спор, пред надлежен суд определен со закон.
Член 44
(1) Привременото или трајното одземање на лиценцата за работа на странскиот адвокат од страна на надлежниот орган во неговата матична држава во која тој го стекнал правото на вршење адвокатска дејност, доведува до одземање на правото на вршење адвокатска дејност и во Република Северна Македонија.
(2) За барање да се покрене дисциплинска постапка против странски адвокат, кој е запишан во Именикот на странските адвокати, Дисциплинскиот обвинител на Адвокатската комора ја известува професионалната организација во матичната држава на странскиот адвокат и надлежниот орган во кој е запишан во својата матична држава.
(3) Дисциплинскиот суд на Адвокатската комора е должен на надлежниот орган во матичната држава на странскиот адвокат да му овозможи да учествува во постапката со правна помош на адвокатот.
(4) Дисциплинската мерка привремено престанување на правото на вршење адвокатска дејност во траење до три години изречена на странскиот адвокат, се применува само во Република Северна Македонија.
(5) Странскиот адвокат, кој е запишан во Именикот на странските адвокати, дисциплински е одговорен и му се изрекуваат дисциплински мерки согласно со овој закон.
(6) Во решението на Дисциплинскиот суд при Адвокатската комора за изрекување на дисциплинска мерка, мора да се наведат причините за неговото донесување.
(7) Против решението од ставот (6) на овој член, може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежниот орган на Адвокатската комора.
(8) Против конечното решение за изрекување на дисциплински мерки може да се поведе управен спор пред надлежен суд определен со закон.
IV. АДВОКАТСКА ПРАВНА ПОМОШ ОД СТРАНСКИ АДВОКАТИ И СТРАНСКИ АДВОКАТСКИ ДРУШТВА
Член 45
Во случаите на одбрана или застапување во одредени предмети, странските адвокати и адвокатски друштва од членот 40 од овој закон ќе имаат права и обврски еднакви со оние на адвокатите од Република Северна Македонија и ќе ја користат титулата под која ја вршат адвокатската дејност во матичната држава, изразена на јазикот или на еден од јазиците на матичната држава, со назнака на професионалната организација што ги овластила да вршат практика или судот пред кој се овластени да вршат практика, во согласност со законодавството на матичната држава.
V. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 46
Адвокатите или адвокатските друштва на кои им се повредени правата од членот 4 став (1) од овој закон, се овластени да поведат постапка за сторен прекршок пред надлежен суд определен со закон.
Член 47
(1) Глоба во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на правно лице, ако на адвокатот или адвокатското друштво во определениот рок не му ги даде податоците и документите потребни во вршењето на адвокатската дејност, согласно со членот 4 став (1) од овој закон.
(2) Глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во правното лице за дејствијата од ставот (1) на овој член.
(3) Глоба во износ од 150 до 350 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице за дејствијата од ставот (1) на овој член.
Член 48
Одмерувањето на висината на глобата се врши согласно со Законот за прекршоците.
Член 49
За прекршокот утврден во овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.
VI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 50
(1) Статутот и другите општи акти на Адвокатската комора ќе се усогласат со одредбите од овој закон во рок од една година од денот на влегување во сила на овој закон.
(2) До влегувањето во сила на прописите и другите акти чие донесување е утврдено со овој закон, ќе продолжат да се применуваат прописите и другите акти кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон.
(3) Одредбите од членот 12 став (1) алинеја 1 од овој закон, во делот кој се однесува на државјаните на држава земја членка на Европската Унија, членот 34 став (2) точките 1 и 2 и членот 37 од овој закон, во делот кој се однесува на Именикот на странските адвокати и Именикот на странските адвокатски друштва, ќе започнат да се применуваат по пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.
(4) Одредбите од членот 12 став (1) алинеја 10 и членот 15 став (4) од овој закон, ќе отпочнат да се применуваат со започнување со работа на Центарот за едукација на Адвокатската комора.
Член 51
Адвокатите запишани во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора пред влегувањето во сила на овој закон ги задржуваат стекнатите права, а усогласувањето на своето тековно работење, согласно со одредбите од овој закон се должни да го направат во рок до една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 52
Co денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/11, 113/12 и 148/15).
Член 53
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.