Претседателот на Адвокатската комора на РСМ, Љубомир Михајловски и в.д. Директорот на ЈП Службен весник на РСМ, Владимир Кроневски на 03.05.2022 година потпишаа Меморандум за соработка, со кој уште еднаш се потврдуваат долгогодишната тесна соработка и добрите намери за унапредување на заемната институционална поврзаност.
Со склучувањето на овој Меморандум за соработка ќе се овозможи правна рамка за соработка, а воедно и за давање на повластена понуда за адвокатите – членови на АКРСМ, за претплата на Електронската база со мобилната апликација на прописи со редакциски (консолидирани) пречистени текстови коja ja изработува претпријатието.
Базата на прописи во Република Северна Македонија во електронска форма, како и на апликација за мобилен телефон, претставува сеопфатна база на важечки прописи во правниот систем на Републиката, систематизирани на начин да може на брз и едноставен начин корисникот да го пронајде прописот кој му е потребен. Воедно, во наведената база се содржани и пречистените текстови на законите, подредени по соодветни хронолошки верзии и по секоја нивна нова измена или дополнување на одделен закон, како и електронското издание на службеното гласило.
Согласно со членот 7 од од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“, електронското и печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија“ имаат ист текст и содржина и еднаква правна важност. По исклучок, доколку се појави неусогласеност помеѓу текстот и содржината на електронското и печатеното издание, за точен, односно правно важен, ќе се смета текстот објавен во електронското издание.
Новиот Меморандум за соработка, всушност, е надополнување на скоро една деценија воспоставената комуникација со адвокатската фела во сферата на законодавството во Република Северна Македонија низ услугите кои ги нуди ЈП Службен весник на РСМ и поволностите во користењето на електронската база на прописите како извонредна алатка за секојдневно безбедно правно постапување.