„Во предвечерието на донесувањето на новиот Закон за кривичната постапка е мошне важно да се поразговара со останатите страни во судските процеси, од причина што од синхронизирано функционирање на сите субјекти и страни во постапките зависи имплементацијата на самите измени на законските решенија. Ние во декември до ресорното министерство ги доставивме нашите предлози, фокусирани пред сè врз можностите за поефективна одбрана, фактичка, а не формална еднаквост на оружјето во процесите. Мошне е важно и изедначувањето на примената на одредени законски решенија затоа што во пракса се соочувавме со неизедначена примена на законски решенија за идентични правни ситуации, што претставува потенцијал да задира директно во правната сигурност на граѓаните“, истакна заменик-претседателот на Адвокатската комора на РМ, Јелена Ристиќ, која изрази задоволство од соработката со Министерството за правда и увереност дека забелешките на претставниците на одбраната ќе бидат земени предвид.
„Законскиот текст генерално добро ги поставува позициите на страните во судските процеси. Но, апсолутно сè уште постои простор за изградба на реална еднаквост на оружјето со судницата, тоа да не биде само формално на хартија туку целосно имплементирано во судската пракса“, додаде Ристиќ.
Според адвокатот и поранешен претседател на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, исклучително е важно и неопходно - барањето за заштитата на законитоста кое во моментов е исклучиво во рацете на Јавниот обвинител да биде достапно директно на обвинетиот и неговиот бранител и на одбраната, односно тоа барање одбраната да може директно непосредно да го поднесува до Врховниот суд на РМ.
Образложувајќи ги предлозите, тој потенцираше дека ефективната одбрана и еднаквоста на оружјето меѓу странките е целта на истите. Во тешки и сложени предмети на барање на одбраната, подвлече Додевски, судот треба да решава колку ќе биде рокот за обжалување во зависност од обемноста на материјалот.
„Генерално, ефективноста на одбраната, еднаквоста на странките во процесот, еднаквоста на оружјето меѓу странките е главна поента за сите предлози и забелешки. Доколку тие се прифатат, ќе добиеме многу подобар Закон за кривичната постапка во интерес на сите граѓани“, нагласи Додевски.
На настанот беше презентирана и публикацијата „Проблеми во примена на ЗКП од аспект на одбраната“, чиј автор е Додевски, која претставува резиме на обуки за Законот за кривичната постапка одржани во рамки на проект на Адвокатската комора на Република Македонија, поддржан од Амбасадата на САД кој се спроведуваше на сите апелациони подрачја.
Целта на публикацијата е да се концентрираат дискусиите и согледувањата на учесниците и на предавачите (и едните и другите адвокати на одбраната) од досегашната практична примена на Законот за кривичната постапка, и тоа пред сè од аспект на одбраната и можностите таа да биде ефикасна, и од аспект на неуедначената практика и различниот третман на правните ситуации, но и воочување на одредени недостатоци на законското решение и проблеми во практичната примена.
Текстот нема претензија да биде прирачник за адвокатите на одбраната. Одбраната и не треба да работи со прирачници, туку во секој конкретен случај на најдобар начин да го заштити интересот на клиентот. Но, имајќи предвид дека во конкретниот проект за обуки за практичната примена на Законот за кривичната постапка од аспектот на одбраната учествуваа повеќе од 250 учесници, за адвокатите на одбраната е корисно забелешките, искуствата и проблемите истакнати од тој значителен број адвокати на одбраната да се најдат на едно место и да им послужат во практиката на адвокатите кои учествуваат во кривичните постапки. Во таа смисла овој материјал е наменет за адвокатите на одбраната.
Редоследот на коментарите е според редоследот на одредбите на кои се однесувале дискусиите и согледувањата и на предавачите и на учесниците во дискусијата. Намерно не е правена градација според важност затоа што, кога се работи за одбрана на клиент, тешко може одредена правна ситуација да се оцени како помалку важна во однос на друга ситуација.
Импликациите од погрешна или различна практична примена на Законот за кривичната постапка може да се појават во секоја натамошна фаза од постапката.
Заради поголема прегледност при користење на материјалот, во него се вметнати и одредбите од Законот за кривичната постапка на коишто се однесува соодветното излагање, а исто така во одредени сегменти и повикувањето на соодветна судска практика на Европскиот суд за човекови права, имајќи го предвид наднационалниот карактер на Европската конвенција за заштита на човековите права како составен дел на правниот поредок на Република Македонија.
Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени во публикацијата се на авторот и не мора да значи дека тие се одраз на ставовите на Стејт Департментот на САД или Владата на САД, велат од Адвокатската комора
Адвокатите, бесплатни примероци од публикацијата ќе можат да подигнат во просториите на Комората.
Електронската верзија на публикацијата преземете ја од линкот подолу.