ИЗВОР: Академик
Адвокатите категорично бараат да останат сите овластувања на адвокатот како полномошник на оштетениот и се против предложените решенија во членот 21 точка 5 од Предлог-законот за кривичната постапка.
Со овој предложен член, појаснуваат од АКРМ, се брише учеството во кривичната постапка на оштетениот со приклучување кон кривичното гонење. Аналогно на ова во одредбите за текот на постапката, коишто понатаму ќе бидат предмет на овој предлог, се исклучува неговото учество во постапката во однос на кривичното гонење и се сведува само на остварување на имотноправно побарување.
„Неприфатливо е ваквото законското решение за ограничување на правото на оштетениот да се приклучи кон кривичното гонење од причина што од докажувањето на кривичното дело зависи и имотноправното побарување, па во интерес на правдата е и самиот оштетен да придонесе во постапката кон успехот на јавниот обвинител. Оштетениот треба да има целосно учество во постапката и во поглед кривичното гонење и во поглед на имотноправното побарување. Ова право целосно го овозможува ЗКП кој е на сила веќе 6 години.
Сметаме дека постојното законско решение целосно го уредува прашањето за правата и учеството на оштетениот во кривичната постапка на начин што кумулативно го опфаќа неговото учество во однос на утврдување кривична одговорност и имотноправното побарување. Ваквата поставеност на Законот за кривичната постапка произлегува од укинувањето на супсидијарното кривично гонење од страна на оштетениот, поради што неприфатливо е со предложените измени неговото учество да биде сведено на истакнување имотноправно побарување“, образложуваат од АКРМ во своите коментари и предлози за Предлог-законот за кривичната постапка, доставени до Министерството за правда, кои Академик.мк тематски ќе ги објавува.
Од АКРМ нагласуваат дека исклучувањето на оштетениот од кривичната постапка во однос на кривичната одговорност е на директна штета на адвокатурата бидејќи станува непотребно учеството на адвокатот како полномошник на оштетениот, што би се свело само на изјава дека предјавува отштетно побарување и евентуално приложување докази за висината, иако и тие се должност на јавниот обвинител.
„Таквото учество оштетениот во најголем број случаи може да го направи сам. Поради тоа, предлагаме да се задржи постојното законско решение и во значењето на изразите и во однос на учеството во текот на целата постапка на оштетениот“, велат од АКРМ.
Во врска со предложниот член 57 на Предлог-законот за кривичната постапка, од АКРМ истакнуваат дека со предложените формулации на точката 5 се ограничува укажувањето на факти и предлагањето на докази само во однос на имотноправното побарување, па како што е наведено во образложението на предлогот за измена на членот 21 неосновано се исклучува можноста оштетениот да укажува на факти и да предлага докази за самото кривично дело.
„Покрај причините наведени во членот 21, би илустрирале со пример колку е нелогично и практично неизводливо ваквото исклучување на оштетениот. На пример, имотноправно побарување во вид на надомест на нематеријална штета претрпена со кривичноправен настан Убиство на член на семејство, секако, дека дозволува и предлагање докази за самиот настан, доживување на настанот од фактички аспект за да може да се дојде до заклучоци за психолошкото доживување.
Втор пример, имотноправно побарување во вид на поништување на правна работа произлезено од кривично дело Злоупотреба на службена положба, исто така, неминовно предвидува предлагање докази за самата правна работа, начинот на нејзиното создавање, што е всушност и опис на настанот и на кривичното дело.
Трет пример, кривично дело Тешка кражба – имотноправно побарување со барање за враќање на предмети кои се предмет на делото предизвикува опис на факти и во врска со тоа докази за постоењето на тие предмети, каде се наоѓале од каде се одземени и на кој начин, а сето тоа исто така е елемент и опис на делото и безброј други ситуации. Но сепак, најсуштественото е што исклучувањето на оштетениот од докажувањето во однос на кривичната одговорност претставува оневозможување на неговиот придонес кон правдата“, образложуваат од АКРМ во врска со нивните предлози за Предлог-законот за кривичната постапка.
Инаку, при презентацијата на овие предлози, што ја вршеше адвокатот Никола Додевски, тие беа поддржани и од претставници на правосудството, судии и обвинители.
Публикација „Проблеми во примена на Законот за кривичната постапка од аспект на одбраната“
Адвокатите во Охрид дискутираат за проблемите во примената на Законот за кривичната постапка