Адвокатските комори на Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, членки на Балканската регионална мрежа за владеење на правото (BRRLN), викендов во Скопје одржаа состанок на Управниот комитет на Мрежата, поддржана од Стејт Департментот на САД за демократија, човекови права и труд и имплементирана од Американската адвокатска комора – иницијатива за владеење на правото (ABA ROLI ).
Целта на состанокот е продолжување на регионалните проекти на BRLLN чија мисија е придонес кон владеењето на правото, демократијата и заштитата на човековите права преку зајакнување на независноста и ефикасноста на адвокатурата и адвокатските комори.
Претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, нов претседател на BRRLN
Нов претседател на Балканската регионална мрежа за владеење на правото од ноември 2017 година е претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски. Потсетувајќи на целите на BRRLN, тој го изрази своето задоволство од поддршката на Стејт Департментот на САД, како и на ABA ROLI за препознавање на потребата за продолжување на проектот.
„Проектите кои досега беа имплементирани се покажаа како успешни, но во иднина се надевам на поголем успех. Мрежата беше воспоставена заради: подобрување на капацитетот на Коморите преку унапредување на независноста на професијата, подобрување на пристапот до правна помош и квалитетот на застапување во кривичните предмет, заштита на човековите права“, истакна Додевски.
Лиза Русо, правен експерт на ABA ROLI и посака успешна работа на Мрежата и во периодот кој следи, потенцирајќи ја важноста на улогата на адвокатурата во едно општество.
„Луѓето кои ги прават промените во едно општество се адвокатите кои ги унапредуваат човековите права. Проектите беа успешни и досега и ви посакувам успешна работа и понатаму“, истакна Русо.
Користејќи компаративна анализа за практичните проблеми на одбраната во кривичната постапка како основа, основачите на мрежата на BRRLN определија пет клучни области каде може да се подобри застапувањето на одбраната: Правна помош и ex officio одбрана, Обука и образование, Капацитети на коморите, Кривично право и медиуми и Поддигнување на јавната свест. Работна група составена од членови од секоја од петте земји членки на BRRLN беше формирана околу секоја од овие суштински области. Овие групи ги идентификуваа клучните заеднички проблеми во целиот регион, а во првата година од основањето на Мрежата преку состаноците на работната група одржани во есента 2014 година се развија предлози за решавање на овие проблеми. За повеќе информации за секоја работна група, повеќе на следниов линк – htt p://www.brrln.org/http/record.php?id=12&mv=33 .