(ИНТЕГРАЛНО) РЕШЕНИЕ НА УСТАВНИОТ СУД НА РМ: Присуството на адвокат во постапката пред нотар обезбедува правна сигурност на граѓаните

14 Септември 2017

Уставниот суд на Република Македонија донесе Решение  за не поведување постапка за оценување на уставноста на член 30 став 4, член 54 став 4, член 55 став 2, член 56 став 3, член 68 ставови 2, 3 и 4, член 147 став 2 и член 153 став 7 од Законот за нотаријат. Според Уставниот суд на РМ, обврската во постапката пред нотарот исправите за правната работа да содржат адвокатски печат и потпис, како и присуство на адвокат, не претставува повреда на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, туку напротив обезбедува правна сигурност на граѓаните.

Во продолжение Решението интегрално: 


У.Број: 141/2016-0-0
Дата на Донесување: 05.07.2017


Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија ("Службен весник на Република Македонија" бр.70/1992) на седницата одржана на 5 јули 2017 година, донесе 

Р Е Ш Е Н И Е


Текст

  1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 30 став 4, член 54 став 4, член 55 став 2, член 56 став 3, член 68 ставови 2, 3 и 4, член 147 став 2 и член 153 став 7 од Законот за нотаријат („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

    2. Никола Хаџиспирков од Прилеп, Елизабета Оцевиќ-Мандева од Битола, м-р Емилија Ѓорѓиоска од Прилеп, д-р Александар Матески од Прилеп, Игор Мицев од Кавадарци и ЈП „Комуналец“ – Кичево до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

    Со иницијативата поднесена од Никола Хаџиспирков од Прилеп се оспоруваат членови од Законот за нотаријат, наведувајќи дека правото на полномошник е право, а не обврска, а адвокатот е само еден од полномошниците, но не е исклучив.

    По Законот за адвокатура, адвокатите не поседувале никаква дополнителна квалификација подобра од правниците вработени во компаниите кои имале положено правосуден испит. Со насилно внесениот полномошник спротивно на Уставот само се зголемувале трошоците во постапувањето, а со тоа се оневозможувал пристапот до правдата и се ограничувал само за оние кои можеле да платат адвокат. Со оспорените одредби од Законот за нотаријатот се оневозможувало сами доверителите преку нивните застапници или преку нивните вработени правници да поднесуваат предлози или да преземаат било какво процесно дејствие во таа постапка пред нотар. На тој начин должниците се оптоварувале со дополнителни големи давачки кои ќе завршувале по „адвокатските џебови“ и истовремено ќе значело отпуштање на правници по компаниите.

    Правната исправа со која се вршело пренос на право на сопственост на недвижност, задолжително требало да биде составена од адвокат, и на овој начин повторно привилегирани биле банките, штедилниците и други финансиски правни лица. Тоа значело повторно насилно наметнување на адвокатите како задолжителни полномошници.

    Со членот 147 од Законот, се предвидувало задолжително присуство на адвокат во расправање на оставината, што според иницијативата не смеело да биде обврска, туку само избор на странките.

    Според наводите во иницијативата поднесена од Елизабета Оцевиќ-Мандева од Битола, оспорениот член 54 став 4 од Законот не било во согласност со член 8 алинеја 1, член 3 и член 9 од Уставот. Ова од причина што се ограничувала правно и деловно способни лица да состават исправа со правно дејство. Имено, на граѓаните им се утврдува обврска при реализација на правото на сопственост, неговата приватна исправа да ја составува исклучиво адвокат.

    Понатаму, според наводите во иницијативата наведените финансиски правни лица во член 55 став 2 од Законот биле ставени во привилегирана состојба не само спрема граѓаните на Република Македонија, физичките лица, како договорна страна на едно правно дело, туку и спрема правните лица. Од овие причини оспорените членови од Законот за нотаријат биле во спротивност и со одредбите од Законот за облигационите односи, според кои учесниците во облигационите односи сами можеле да си состават одреден правен акт, без притоа да имаат обврска да ангажираат адвокат и да се изложуваат на дополнителни трошоци. Оттука, и сите одредби од Законот за нотаријат кои уредуваат обврски за ангажирање на адвокат се во спротивност со Уставот на Република Македонија, бидејќи создаваат обврски на договорната страна што е противуставна.

    Со обврската исправите за правната работа да содржи адвокатски печат и потпис и адвокатот да биде присутен во постапката пред нотар, според иницијативата, се повредувале основните човекови слободи и права предвидени во член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија.

    Имено, деловно способната странка може сама да ги врши своите дејствија во постапката и не може да ангажира адвокат, што значи не смее да се создава обврска за такво нејзино звање кое бара дополнителни финансиски трошоци.

    Со иницијативата поднесена од Емилија Ѓорѓиоска од Прилеп, исто така се оспоруваат одредби од Законот за нотаријатот од исти причини како и во претходните иницијативи, односно негирајќи го ексклузивното право на адвокатите, кое на истите им се давало со новиот Закон за нотаријат. Имено, вклучувањето и утврдувањето на адвокатурата со означениот статус и својство, како една од уставните гаранции за основните слободи и права, не значело дека тоа е единствената надлежна за давање и обезбедување на правна помош. На овој начин индиректно се вршело ограничување на другите права и слободи на граѓаните.

    Со наведените измени се направил сериозен обид за воспоставување на монополска положба на адвокатурата, во давањето и обезбедувањето на правна помош на граѓаните и правните лица.

    Понатаму, во иницијативата повторно се укажува на тоа дека правото на полномошник е право, а не обврска, и изборот е само на странката. Адвокатите не поседувале никакви дополнителни квалифика­ции подобро од правниците вработени во нотарите кои имаат положено правосуден испит. Со „насилно“ внесениот полномошник за нотарските платни налози спротивни на Уставот, се зголемувале трошоците во постапувањето, а со тоа се оневозможувал пристапот до правдата.

    Правната исправа со која се вршело пренос на право на сопственост на недвижност задолжително треба да биде составено од адвокат. И во овој случај привилегирани биле банките, штедилниците, финансиските друштва. Повторно насилно наметнување на адвокатите како задолжителни полномошници и на кој начин се постапувало како договорните страни да имаат ограничена деловна способност и да не можат самите да оценат дали би ангажирале адвокат или сами би склучиле договор.

    Оспорените членови од Законот за нотаријат не кореспонди­рале со улогата, значењето и воопшто со определбите изразени во Уставот во поглед на слободите и правата на човекот. Ова од причина што правната помош единствено и исклучиво да ја обезбедуваат адвокатите не е во интерес на граѓаните и правните лица и не е во функција на поцелосно и поефикасно остварување на нивните права и интереси.

    Поделбата на правните субјекти според кои некои може, а сите останати не може да се застапуваат самостојно била направена без некакви критериуми и била чиста дискриминација врз основа на општествен статус и е нарушена еднаквата положба на субјектите на пазарот. Противуставноста која ја прави законодавецот преку насилното внесување на адвокатите преку зголемување на трошоците биле само на чистење на доверителите од кои огромен број се мали и средни претпријатија.

    Во иницијативата подносителката упатува и на Регулативата бр.1896/2006 од 12.12.2006 година во која децидно стоело дека во сите држави е неопходно правилно функционирање на внатрешниот пазар, отстранување на пречките за добро функционирање на парничните постапки, потребата од брза ефикасна наплата на неподмирените долгови. Според подносителот на иницијативата,основна цел на Регулативата било поедноставување, забрзување и смалување на трошоците во парничењето кои се однесувале на неспорни парични побарувања со воспоставување на постапка за европски платен налог. Во насока на примена на меѓународните акти се упатува на примена и на Директивата 2002/21/ЕЗ.

    Во иницијативата поднесена од Александар Матески од Прилеп, исто така, се посочуваат исти моменти, односно причини за оспорување како и во претходните иницијативи, наведувајќи дека оспорените одредби од Законот за нотаријат биле во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 10, член 9, член 30, член 50 став 1, член 53, член 54 и член 55 од Уставот.

    Имено, вклучувањето и утврдувањето на адвокатурата со означениот статус и својство, како една од уставните гаранции за основните слободи и права, не значело дека таа е единствена надлежна за давање и обезбедување на правна помош. И во оваа иницијатива се става акцент на правото на странката на избор на адвокат, а не обврска, како и привилегираната положба на одделни субјекти да се застапуваат сами и за разлика од други, без притоа да се утврдат одредени критериуми за тоа.

    Според наводите во иницијативата на Игор Мицев од Кавадарци, повторно се алудира на веќе наведените причини за противуставност на оспорената одредба од Законот за нотаријат, укажувајќи на рестриктивноста во давањето и обезбедувањето на правната помош, како и ставот на Уставниот суд изречен во Одлука У.бр.134/2002 од 18.02.2003 година.

    Имено, наведеното ограничување нема директен основ во Уставот и е прекумерно неоправдано од аспект на член 53 од Уставот, бидејќи ја надминувал неговата цел и суштина.

    Во иницијативата на Игор Мицев, исто така, се упатува на примена на меѓународните акти на кои се укажуваше во иницијативата на Емилија Ѓорѓиоска, односно на Директивата 2002/21/ЕЗ и на Регулативата бр.1896/2006.

    ЈП „Комуналец“ од Кичево го оспорува членот 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријат, наведувајќи дека истите се во спротивност со член 53 и 55 од Уставот на Република Македонија и член 11 од Законот за извршување член 1 од Законот за работните односи, член 5 од Законот за комунални дејности, член 1, 4 и 6 од Законот за енергетика и член 4-а од Законот за електронски комуникации. 

    Според наводите во иницијативата со оспоруваниот член, работодавачите биле должни да склучуваат договори со адвокат кои во нивно име поднесува предлози за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговор против решение со кое е издаден нотарски платен налог.

    Ваквите овластувања, својство на странка во постапка – доверител, не ја правеле адвокатурата самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош согласно член 53 од Уставот.

    Законските решенија говорат не само за противуставност и ставање во нерамноправна положба на субјектите на пазарот, туку и за непознавање на законските термини на дејностите кои ги вршат субјектите. Во комунални услуги не спаѓа испораката на електричната енергија, ниту телефонските, мобилните и кабловските услуги.

    3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 30 став 4 од Законот за нотаријат се предвидува дека нотарот ќе одбие преземање на службено дејствие, ако странките немаат уредно овластување во согласност со прописите со кои е уредено преземањето на таквото дејствие, како и доколку исправата за правната работа не содржи адвокатски печат и потпис, односно не е присутен адвокат согласно одредбите од овој закон.

    Во член 54 став 4 од истиот закон се предвидува дека нотарскиот акт се смета дека е составен откако ќе го потпишат сите учесници, адвокатите како полномошници, странки и нотарот.

    Според член 55 став 2 од оспорениот закон правната исправа од ставот (1) на овој член задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, освен доколку една од странките е Република Македонија. Доколку се потврдува приватна исправа чија вредност е под 10.000 евра, каде една од странките е банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, приватната исправа не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, а доколку вредноста на правната работа е над 10.000 евра, едната страна е должна да обезбеди адвокатски печат и потпис.

    Согласно член 56 став 3 од наведениот закон Договорот за продажба и преддоговорот за продажба на вредност на предметот на продажба над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Македонија, задолжително треба да го состави адвокат и задолжително да содржи адвокатски печат и потпис, без оглед дали ќе се потврдат (солемнизираат) или завери потпис на истите.

    Во член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот се предвидува дека:

    (2) Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.

    (3) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарување кое произлегува од комунални услуги и тоа:

    - за вода, смет и одржување на заеднички простории за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари за електрична или топлинска енергија за парично побарување од веродостојна исправа до 6.000,00 денари, - за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари, се поднесува непосредно до нотарот.

    (4) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, доколку вредноста на побарувањето во веродостојната исправа е над 10.000 евра.

    Според член 147 став 2 од Законот за нотаријат при расправањето на оставината задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците.

    Согласно член 153 став 7 од оспорениот закон нотарот нема да ја издаде нотарската исправа или решение кое го донесува согласно одредбите од овој закон, доколку странките претходно не ги надоместат наградата и трошоците на нотарот и адвокатот и таксите утврдени со овој закон.


    4. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1,3, 6 и 11 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

    Со членот 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

    Во членот 50 од Уставот се предвидува дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

    Членот 53 од Уставот предвидува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

    Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување,на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

    Со членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

    Законот за нотаријатот ги уредува организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составување на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот (член 1).

    Според членот 2 од истиот закон, нотарската служба е јавна служба што ја вршат нотари, кои се самостојни и независни носители на таа служба (став 1). Нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања, врз основа на закон (став 2).

    Согласно член 3 од Законот, нотарот е лице што врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда, кое нотарската служба ја врши како единствено професионално занимање (став 1). Нотарската служба опфаќа составување и издавање на јавна исправа за правните работи во форма на нотарски акт, изјави и потврди за факти врз основа на кои се востановуваат права или обврски, донесување решенија во постапка за издавање на нотарски патни налози, потврдување на приватни исправи (солемнизација), издавање на потврди, заверка на потпис и ракознак, на препис, на превод, примање на чување исправи, на пари и на предмети од вредност заради нивно предавање на други лица или органи, како и вршење на доверени работи определени со закон (став 2). Нотарската служба нотарот ја врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија и други прописи и општи акти засновани врз основа на закон (став 3). Нотарската служба се врши со примена на начелата за гарантирање на законито вршење на работите, одговорност за причинетата штета во вршењето на нотарската служба, неспорност на правниот однос, надзор над законитоста во вршењето на нотарската служба, угледно и достоинствено вршење на нотарската служба и надоместок за извршената работа (став 4).

    Според член 4 од Законот нотарските исправи се јавни исправи кои нотарот ги составил во рамки на делокругот на работата и службените дејствија утврдени со закон и тие исправи за правни работи и изјави кои ги составил нотарот во форма на нотарски акт, нотарски писмен налог, записници за правни работи и други дејствија што ги презел нотарот или биле преземени во негово присуство (нотарски записници), потврди за факти кои нотарот ги утврдил со непосредно забележување или со помош на исправи (нотарски потврди) и потврдени (солемнизирани) приватни исправи (став 1). Нотарски заверки се заверени на потпис и ракознак, заверки на идентичност на препис или извод (заверка на пропис), заверки на превод и други заверки предвидени со закон (став 2). Нотарските акти, потврдените (солемнизирани) приватни исправи, нотарските платни налози и решенија донесени во оставинска постапка како доверени работи од судот, во случаите утврдени со овој закон имаат сила на извршна исправа (став 3). Нотарските исправи имаат доказна сила на јавни исправи ако при нивното составување и издавање се исполнети потребните услови со овој закон (став 4). Нотарските заверки имаат доказна сила на јавни исправи во делот на фактите кои нотарот ги потврдил (став 5).

    Оспорениот член 30 од Законот е поместен во глава III со наслов: „Општи одредби за работењето на нотарот“ и поднаслов: „Одбивање на преземање на службено дејствие“.

    Според член 30 од Законот, нотарот не смее без оправдани причини да одбие преземање на службено дејствие (став 1). Нотарот е должен да одбие преземање на службено дејствие ако тоа е неспојливо со неговата службена должност, а особено ако неговото учество се бара за постигнување на очигледно недозволени цели (став 2). Нотарот не смее да презема службено дејствие во кое учествува лице за кое знае или мора да знае дека е неспособно да преземе или да склучи определена правна работа (став 3). Нотарот ќе одбие преземање на службено дејствие, ако странките немаат уредно овластување во согласност со прописите со кои е уредено преземањето на таквото дејствие, како и доколку исправата за правната работа не содржи адвокатски печат и потпис, односно не е присутен адвокат согласно одредбите од овој закон (став 4). Ако нотарот одбие да преземе службено дејствие, по писмено барање од странката, тој е должен во рок од три дена од приемот да донесе писмено решение со образложение за причините поради кои се одбива преземање на службеното дејствие (став 5). Против решението од ставот (5) на овој член, странката има право да поднесе жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Управниот одбор на Комората, кој одлучува во рок од осум дена од приемот на жалбата (став 6). По наводите од жалбата Управниот одбор одлучува со решение, кое се доставува до нотарот против чие решение е поднесена жалбата и до странката која поднела жалба(став 7).

    Оспорениот член 55 став 2 од Законот кој е поместен во точката со наслов: „Потврдување на приватни исправи (солемнизација)“ предвидува дека приватната исправа од ставот (1) на овој член, задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност на 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Македонија, освен доколку една од странките е Република Македонија. Доколку се потврдува приватна исправа чија вредност е под 10.000 евра, каде една од странките е банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, приватната исправа не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски потпис и печат, а доколку вредноста на правната работа е над 10.000 евра, едната страна е должна да обезбеди адвокатски печат и потпис.

    Според член 56 став 3 од Законот договорот за продажба и преддоговорот за продажба над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, задолжително треба да го составил адвокат и задолжително да содржи адвокатски печат и потпис, без оглед дали ќе се потврдат (солемнизираат) или завери потпис на истите.

    Со иницијативите се оспорува ставот 4 на членот 30 од Законот, како и член 55 став 2 и член 56 став 3, од причина што со истите се регулира обврска во постапката пред нотарот исправите за правната работа да содржат адвокатски печат и потпис, како и присуство на адвокат, со што се повредувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот во смисла на член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот.

    Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни норми, како и на одредбите од Законот за нотаријатот сметаме дека изнесените наводи во иницијативите по однос на член 30 став 4, член 55 став 2 и член 56 став 3 од Законот за нотаријат се неосновани. Ова од причина што, според Судот од содржината на оспорениот член 30 од Законот, јасно и недвосмислено произлегува интенцијата на законода­вецот за заштита на слободите и правата на граѓанинот во постапката пред нотарот, кој има обврска при солемнизација да ја потврди само веродостојноста на потписите. Но, што се однесува до содржината на правните акти, со вака пропишаните одредби се обезбедува поголема правна сигурност од причина што адвокатот во смисла на одредбите од Законот за адвокатурата, гарантира за содржината на правниот акт, имено дека истиот ги содржи сите потребни елементи кои се неопходни за склучување на истите, дека нивната содржина ја инволвира волјата на странките за склучување на истите, по кое се врши солемнизација, како втора фаза, од страна на нотарите, што е всушност во нивна надлежност.

    На овој начин, адвокатите согласно член 18 од Законот за адвокатурата ставаат свој потпис и печат на секоја исправа и поднесок, со што се гарантира дека содржината на правниот акт е во согласност со позитивната законска регулатива на Република Македонија. Ова дотолку повеќе што со Законот за адвокатурата се предвидува и одговорност за адвокатот за причинета штета на странките во случај на незаконски составен акт, на кој начин странките се заштитени и од одговорност за штета причинета од адвокатите. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативите дека со оспорените законски решенија се повредувале основните права и слободи на човекот и граѓанинот, туку напротив, според Судот, истите на овој начин се заштитуваат и се обезбедува нивната правна сигурност во постапката пред нотарот.

    Во врска со наводите истакнати во иницијативите дека наведените финансиски правни лица во оспорениот член 55 став 2 од Законот, биле ставени во привилегирана положба, не само спрема граѓаните на Република Македонија, како физички лица и договорна страна на едно правно дело, туку и спрема другите правни лица, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што во случајов задолжителното присуство на адвокат во постапка пред нотар при составување на нотарски акти и потврдување на приватните исправи не се однесува само кога како учесници во постапката пред нотар се јавува Република Македонија, банки, осигурителни друштва или лизинг компании, односно за овие субјекти не е потребно присуство на адвокат, од причина што во случајов се работи за правна работа за која според Законот за нотаријат не е задолжително постоење на нотарски акт кој треба да се потврди кај нотар, поради што и не е нужно присуство на адвокат, а во зависност на вредноста на правната работа, која определба е во надлежност на законодавецот кој креира норми.

    По однос на наводите во иницијативите дека во оспорените законски одредби каде се врши определување кај кои правни лица има исклучок за обврска за ангажирање на адвокат, според Судот, не се основани и не е сторена повреда на членот 9 од Уставот на Република Македонија, односно не се доведуваат наведените правни лица во привилегирана положба, како што се наведува во поднесените иницијативи. Ова од причина што, Судот оцени дека не постои во овој случај дискриминација и доведување во нееднаква правна положба на останатите правни лица и граѓани од причина на што сите правни лица немаат ист – еднаков општествен статус од причина што не вршат иста дејност. Во случајов се работи само за правни лица кои вршат дејност од областа на финансиите, поради што имаат и различен, поинаков третман со Законот за нотаријатот, од другите правни лица. Имено, не може да стане збор за нееднаквост, бидејќи за да има еднаквост во правата, правните и други лица треба да имаат и еднакво статус, што не е случај со конкретните оспорени законски одредби.

    Со иницијативата поднесена од Елизабета Оцевиќ-Мандева од Битола, се оспорува и член 54 став 4 од Законот за нотаријатот, наведувајќи дека истиот не е во согласност со член 8 ставови 1 и 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија.

    Оспорениот став 4 на членот 55 од Законот предвидува дека нотарскиот акт се смета дека е составен откако ќе го потпишат сите учесници, адвокатите како полномошници, странки и нотарот.

    Од анализата на оспорениот закон, vis a vis одредбите од Уставот на кои се укажува во иницијативата, Судот оцени дека неосновани се тврдењата во иницијативата за повреди на член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и член 9 од Уставот, од причина што со присуството на адвокат во составувањето на правниот акт е само во интерес на правната сигурност на граѓаните и на кој начин се обезбедува правна заштита на странките во постапката пред нотарот. Имено, на овој начин, сите странки, учесници во постапката пред нотарот се заштитени од правен аспект. Имено, во смисла на член 3 став 2 од Законот, нотарската служба опфаќа, меѓу другото, и составување и издавање на јавни исправи за правните работи во форма на нотарски акт. Меѓутоа, нотарскиот акт ќе се смета дека е составен само откако ќе го потпишат сите учесници и адвокатите присутни како полномошници со што се зацврстува правната сила на нотарскиот акт, што значи дека присуството на адвокатите е само и единствено во интерес и дополнителна заштита на правната сигурност на сите учесници во постапката пред нотарот. Присуството на адвокатите во постапката пред нотар е со цел обезбедување правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред органите во вршењето на јавно овластување утврдено со Законот за адвокатурата и друг закон. Оттука, целта за присуство на адвокатите во постапката пред нотарот е обезбедувањето и давање на правна помош.

    Така, во членот 3 од Законот за адвокатурата правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен бранител, составување на исправа за правни дела, составување на договори за основање, партнерство, се работи и слични акти во врска со основните или работење на деловните субјекти, составување на поднесоци во судска и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица, одбрана на осомничените и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.

    Во членот 4 од Законот за адвокатурата, се предвидува дека јавните овластувања и меѓудруго се состојат во вршење на правните работи, правно составување на исправи со изјава за потврда на факти, освен за залог за подвижни предмети и права и хипотека, потврдување на заклучоци на собранија на трговските друштва, здруженија на граѓани, фондации и други правни лица и заверување на адвокатско полномошно. Во ставот 2 на членот 4 од овој закон, се предвидува дека во вршењето јавни овластувања адвокатот остварува службени контакти и соработка со судовите, органите за внатрешни работи, други државни органи и организации или други институции кои вршат јавни овластувања и правни лица во текот на целото работно време.

    Од анализата на содржината на наведените законски норми јасно произлегува дека оспорените членови од Законот за нотаријат кои предвидуваат присуство на адвокат во постапката пред нотарот, не е во спротивност со принципот на владеењето на правото, туку напротив истото е со цел обезбедување на правната сигурност на граѓаните. Ова дотолку повеќе што и во смисла на членот 53 од Уставот, адвокатурата е независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши овластувања во согласност со закон. Во оваа смисла е и уредувањето на Законот за нотаријат и со цел обезбедување на правна помош на граѓаните во постапка пред нотар.

    Во главата V со наслов: „Нотарски платен налог“ и поднаслов: „Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог“, поместен е оспорениот член 68 од Законот за нотаријатот.

    Според член 68 од Законот:

    (1) Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа се поднесува до нотарот на чие подрачје е живеалиштето, односно престојувалиштето на должникот-физичко лице, односно седиштето на должникот-правно лице.

(2) Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.

(3) По исклучок од ставот (23) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарување кое произлегува од комунални услуги и тоа:

- за вода, смет и одржување на заеднички простории за парично побарување од веродостојна исправа до 2000,00 денари, 
- за електрична или топлинска енергија за парично побарување од веродостојна исправа до 6000,00 денари, 
- за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за парично побарување од веродостојна исправа до 2000,00 денари, се поднесува непосредно до нотарот.

(4) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, доколку вредноста на побарувањето во веродостојната исправа е под 10.000 евра.

Наведеното уредување во член 68 од Законот,со кој се предвидува наведениот акт во ставот 2 да ги составува адвокат веќе погоре е елабориран во рефератот. Меѓутоа, по однос на став 3 од член 68 од Законот, сметаме дека, не стојат наводите во иницијативата, а особено во иницијативата на ЈП „Комуналец“ од Кичево, од причина што, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарувањата кои произлегуваат од наведените комунални услуги директно да се поднесува кај нотарот, е со цел зголемување на ефикасноста на постапките со што се обезбедува поголема правна сигурност на граѓаните и правните лица, како и заштита на нивните права и интереси во постапката пред нотар.

Анализирајќи го ставот 3 на членот 68 од Законот, во контекст со наводите во иницијативите, Судот утврди дека истиот не е во спротивност со начелата на ефикасност и економичност во постапката, што е едно од основните начела за постапката кон што тежнее и целиот правосуден систем и истовремено ќе се намали бројот на судски постапки, со што ќе се остваруваат, односно побрзо реализираат побарувањата на доверителите. Според Судот, ова е и уредено и предвидено во меѓународните акти на кои се упатува во иницијативите, односно со наведените оспорени одредби од Законот за нотаријат се врши поедноставување,забрзување на постапките со цел правилно функционирање на внатрешниот пазар, добро функционирање на постапките заради потребата од брза ефикасна наплата на неподмирените долгови, од причина што јасно е дека задоцнетото плаќање на долговите е причина за неликвидност која е опасност за опстанувањето на компаниите. Оттука, на овој начин како е уредено во оспорените одредби од Законот се овозможува решавање на проблемите со масовната наплата на неспорните побарувања, што е и основна цел на Законот.

Во иницијативата, исто така, по однос на овој член 9 од Законот се упатува на околноста дека и во овие постапки се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка. Според Судот, од анализата на целината на Законот за нотаријатот, неспорно произлегува дека во постапката пред нотарот се применуваат одредби од Законот за парничната постапка. Но, во членот 81 од Законот за нотаријатот децидно се наведува дека во постапката за издавање на нотарски платен налог во недостаток на одредби од овој закон, и за измена, соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка. Меѓутоа, имајќи го во вид фактот дека оспорениот член 68 од Законот за нотаријатот е јасен и прецизен, со точно утврдени права и обврски, Судот оцени дека не постои недостаток на одредби поради што не може да стане збор за примена на одредби кои регулираат, односно уредуваат постапка согласно Законот за парнична постапка.

Оспорениот член 147 став 2 од Законот, е содржан во глава XIV од Законот, со наслов:”Нотарите како повереници на судовите и другите органи” и поднаслов: “Постапка за расправање на оставина“.

Ставот 2 на членотот 147 од Законот предвидува дека при расправањето на оставината задолжително е присуството на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците.

Од анализата на оспорените законски одредби во корелација со наводите во поднесените иницијативи, Судот оцени дека ваквата обврска не е во спротивност со уставните норми на кои се укажува во иницијативите. Ова од причина што членот 147 од Законот за нотаријатот ја уредува постапката за расправање на оставина пред нотарите како повереници на судовите и другите органи. Во ставот 1 на членот 147 од Законот се предвидува дека овластувањата на нотарите во постапката за расправање на оставина се уредуваат со Законот за вонпарнична постапка. 

Имено, во членот 1 од Законот за вопарнична постапка се наведува дека со овој закон се утврдуваат правилата на постапката според кои судовите постапуваат и одлучуваат за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи определени со овој или со друг закон.

Според член 126 од Законот за расправање на оставина на државјанин на Република Македонија во однос на неговиот имот кој се наоѓа во Република Македонија исклучително е надлежен суд на Република Македонија, односно нотар како повереник на судот.

Судот ќе му го довери на нотарот спроведувањето на оставинската постапка и ќе му го достави оставинскиот предмет со сите списи, во рок од осум дена од денот кога предметот ќе биде заведен.

Кога нотар спроведува дејствија во оставинската постапка како повереник на судот, овластен е да ги презема сите дејствија во постапката и да ги донесе сите одлуки, освен оние за кои со овој закон поинаку е пропишано. Суд на Република Македонија исклучително e надлежен за расправање на оставина на државјанин на Република Македонија во однос на неговиот движен имот што се наоѓа во странство, а во однос на неговиот недвижен имот кој се наоѓа во странство ќе биде надлежен само ако според законите на државата во која се наоѓа имотот не е надлежен странски орган.

Тргнувајќи од содржината на оваа законска одредба произлегува дека новината воведена во член 126 став 1 од овој закон се однесува на расправањето на оставината. Имено, покрај надлежноста на судот, предвидена е и надлежноста на нотар како повереник на судот, а потоа ставовите 2 и 3 од истиот член претставуваат надополнување на ставот 1,бидејќи тука се утврдува задолжување на судот за достава на оставинскиот предмет до нотарот заради спроведување на оставинска постапка, како и законско овластување на нотарот, како повереник на судот, за преземање на дејствија во оставинската постапка.

Оваа новина била воведена поради поефикасно постапу­вање на судовите при спроведување на оставинската постапка. Во исто време се доаѓа до растоварување на судството од неспорни предмети и зголемување на ефикасноста на судството што е важен предуслов за остварување на правата на граѓаните и остварување на судската заштита. Токму во таа насока и цел е и предвидувањето во оспорениот став 2 на член 147 од Законот за нотаријатот, задолжителното присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците. Присуството на адвокат во текот на оставинската постапка пред нотарот е само во интерес на граѓаните и заштита на нивните права.

Во вршењето на јавното овластување државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кого му е доверено тоа овластување. Според тоа, законодавецот поаѓајќи од уставните овластувања во смисла на член 53 од Уставот со цел заштита на правата на граѓаните и овластувањата адвокатите, чија дејност е независна јавна служба, да обезбедуваат правна помош и да вршат јавни овластувања во согласност со закон. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 147 став 2 од Законот е во спротивност со Уставот на Република Македонија, бидејќи со ваквото законско решение се овозможува поефикасно, поекономично и побрзо преземање на потребни дејствија во текот на оставинската постапка пред нотарот.

Оспорениот член 153 од Законот е содржан во глава XV, со наслов: „Награда за работата на надоместок на трошоците“, со поднаслов: „Нотарска тарифа“.

Според член 153 од Законот:

(1) Нотарот има право на награда за работата и надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија и доверените работи во согласност со Нотарската тарифа која ја донесува министерот по претходно прибавено мислење од Комората и согласност од Владата на Република Македонија.

(2) Комората е должна мислењето од ставот (1) на овој член, да го достави до Министерството во рок од 15 дена од денот на приемот на Нотарската тарифа. Ако во овој рок Комората не достави мислење, ќе се смета дека мислењето е позитивно.

(3) Наградата на нотарите од ставот (1) на овој член се определува:

1) Според вредноста, сложеноста и видот на нотарската исправа и 
2) Според времето и местото потребно за подготовка и вршење на одредени службени дејствија.

(4) Трошоците на нотарот за извршените службени дејствија се определуваат според реално направените трошоци за изработка на одделни нотарски исправи, трошоците за службените дејствија преземени надвор од нотарската канцеларија и трошоците за превоз.

(5) Нотарот е должен најдоцна до 15 март секоја година да достави писмен извештај за неговото работење во претходната година, во кој го наведува вкупниот број на уписи, висината на наградата остварена во текот на работењето во таа година, висината на наплатена такса, износот на трошоците на работењето и износот на остварената добивка. Претседателот на Комората во наредните 15 дена доставува извештај за добиените податоци до Министерството.

(6) Доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците.

(7) Нотарот нема да ја издаде нотарската исправа или решение кое го донесува согласно одредбите од овој закон, доколку странките претходно не ги надоместат наградата и трошоците на нотарот и адвокатот и таксите утврдени со овој закон.

Од анализата на целината на оспорениот член од Законот vis a vis уставните норми на кои упатуваат иницијативите, според наше мислење не може да се доведе под сомнение уставноста на оспорениот став 7 од членот 153 од Законот.

Ова од причина што законското уредување нотарот да не издава нотарска исправа или решение кое истиот го донел и доколку странките претходно не ги надоместат наградата и трошоците на нотарот и адвокатот, како и таксите утврдени во овој закон, според Судот е само со цел обезбедување на правото на нотарот на награда за работата и на надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија и доверените работи. По однос на надоместок за адвокатите, исто така, ваквото законско решение е со цел обезбедување заштита на работата на адвокатурата како јавна служба која обезбедува правна помош и врши јавни овластувања.

Од друга страна пак, нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван, што логично следи и обезбедување на добивка на наградата за сработеното, односно за извршување на своите работни обврски и задачи.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Eлена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

По однос на член 55 став 2, член 56 став 3, член 68 ставови 2 и 4 и член 147 став 2 од Законот, Решението е донесено со мнозинство гласови.



У.бр.141/2016
5 јули 2017 година 
С к о п ј е 



ПРЕТСЕДАТЕЛ 
на Уставниот суд на Република Македонија 
Никола Ивановски

 

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме