Имено, само изминативе две недели се одржаа две дводневни практични обуки за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната во Скопје и во Велес во рамки на која едукација беа опфатени приближно 90 адвокати. Предавачи на обуката во Скопје беа Боро Тасевски, адвокат од Скопје, воедно и заменик претседател на АКРМ и Светлана Кузманова, адвокат од Кочани и претседател на АЗ Кочани. Во Велес, предавачи на обуките беа Синиша Станковиќ, адвокат од Куманово и дисциплински обвинител при АКРМ, како и Оливер Гашев, адвокат од Велес и претседател на АЗ Велес.
Претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, го изнесе ставот на Комората во однос на ова законско решение на обуката која се одржа во Скопје, како и на обука на истоимената тема која во рамки на проектот се одржа во Гвегелија во ноември 2016 година.
„Во дебатите за донесување на Законот, Адвокатската комора беше стриктно на ставот дека ако овој Закон веќе се носи, мора да се донесе со учество на Адвокатската комора. За волја на вистината, Комората учествуваше, но еден од главните предлози на Комората врзан со задолжителната примена на Законот не беше прифатен. Но, тоа не значи дека во натамошниот тек, ние, преку нашите преставници во Комисијата, нема да дојдеме во една ситуација кога ќе биде востановено и правото на отстапување или т.н right to depart, односно судијата да има право да може со специфично образложение, кое ќе биде подолжено на контрола од повисоките судови, да отстапи од овие правила што ги содржи законот. Тоа една точка на која ние, како Комора, се фокусираме и за кое сметаме дека треба да се подобрува, бидејќи веќе има согледување кои ја оправдуваат нашата претходна позиција.
Тоа што исто така го сметам за важно и суштинско за подобрување на ефикасноста, покрај практичните начини за примена, и кое што не е само идеја, туку е и во одредена фаза на реализација, иако е успорена и не е дојдена до крај, тоа е измена на Законот за кривичната постапка во поглед на рочиштето за изрекување на казна. Имено, вие, како адвокати, најдобро знаете колку е деликатната состојбата на адвокатот и затоа треба посебно рочиште за вина и посебно рочиште за изрекување казна на коешто на крајот, ако веќе е утврдена вина, ако веќе е изречена дел од одлуката дека се огласува за виновен да почне процесот во кој ќе се утврдуваат околностите и ќе се имплементира и овој Закон и критериумите со активно учество и на одбраната и на службите кои ќе мора да постојат за да се дојде до вистинска кривична санкција за индивидуален сторител. Тука се разбира недостига уште еден важен дел, а тоа е учеството на пробациските офицери чија што улога е токму индивидуализацијата, давање на предлози и утврдување на индивидуалните карактеристики. Ова се чекори кои ние како адвокати ќе се залагаме да поминат. Овој предлог да се одвојат овие две рочишта беше обработен во работната група за измени на новиот ЗКП пред неговото влегување во сила и колку што се сеќавам беше прифатен од сите учесници во работната група, но, ете тука се запре работата и тие измени не се усвоени. Оптимисти сме дека кога ќе дојде моментот ќе се изменат тие одредби и ќе биде многу полесно“, образложи претседателот на Адвокатската комора.
Додевски подвлече дека без оглед колку адвокатите ги сакаат или не ги сакаат овие прописи, должни се да ги спроведуваат како што треба и во интерес на одбраната и за токму за таа цел се организираат конкретните обуки.
Досега, во рамки на проектот се одржаа и три обуки за Законот за кривичната постапка и тоа во Скопје, Гостивар и Штип. Интенцијата на Адвокатската комора на РМ е реализација на што повеќе практични обуки на сите апелациони подрачја со што поголема опфатеност на адвокати од целата територија на Република Македонија.