Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија (AKРМ), г. Никола Додевски, во рамки на обука која се одржува во Скопје, апелираше до адвокатите да внимаваат како се применуваат новите закони за извршување и за нотаријат.
„Би ве повикал да бидете малку поактивни во соработката со Адвокатската комора. Ние сме во период во кој имаме имплементација на повеќе нови закони, меѓу кои Законот за нотаријат, и Законот за извршување. Не треба јас да ви кажувам, самите чувствувате дека одредени категории, бранејќи се да не им ја земеме работата, со сите можни средства се трудат да направат опструкции. Но, она што за мене е уште позагрижувачко е тоа што тоа го прават, свесно или несвесно, и колегите адвокати кои се впуштаат во примена на Законот за нотаријат на начин кој не е дозволен - како што е работење со нотарите под Тарифата, работење со нотарите само за ставање печат, иако Законот точно кажува дека ние треба да ги составуваме тие договори. Ме изненадија колеги кои до Комората праќаат предлози за измени на Тарифата и велат – за ставен печат од адвокат да биде толку и толку пари. Значи удрен печат од адвокат не е правна помош, не знам каде го прочитале тоа и ме разочарува што колегите овој закон го немаат прочитано. Во законот пишува - за состав кој се потврдува со печат и потпис на адвокатот се наплатува толку. Значи, ја користам оваа прилика да апелирам да обрнувате внимание како колегите работат. Ако имаме колеги кои сакаат да работат на шета на адвокатурата, вие, другите, сте должни да ја заштитите адвокатурата. Не е тоа само работа на претседателот, на Комората, на Управниот одбор. Не можеме ние да знаеме што точно прават 2700 адвокати. Не е доволно да кажеме само не чини, не’ опструираат. Aко ние не знаеме самите да се одбраниме, ако не знаме своите права да ги одбраниме, или ако секогаш чекаме од некој друг, тогаш не сме и дораснати на професијата. Ние сме заштитници на нашите клиенти и на нивните права. Апелирам до вас да внимавате како се применуваат овие нови закони за да го заштитиме тоа што сме го добиле во кодификацијата и во практиката. Чувствувам за потреба ова да го кажам бидејќи повеќе адвокати сте присутни тука, а не е доволно само да ги читате нашите соопштенија, добро е и вака да разговараме. Но, ве молам за повратна информација, за се' што регистрирате, пишувајте до Комората, барајте да покренат постапка дисциплинските обвинители. Внимавајте како овие закони ги применуваат нотарите и извршителите. Не очекувајте од нив воодушевеност. Се’ ќе направат за да прикажат во јавноста дека се тоа лоши закони и дека во практиката не фунционираат. Но, не е така. Ако тие ги применуваат законите така како што е предвидено, нема да има никаков проблем и затоа треба противзаконските дејствија да се санкционираат. Морам да потенцирам дека со Нотарската комора веќе направивме состаноци, но тоа не е доволно, бидејќи, нормално, и таа Комора го гледа интересот на своите припадници. Но, сега сме ние во позиција и мораме да ја браниме нашата позиција“, подвлече претседателот на АКРМ, Додевски.