Адвокатската комора на РМ и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите започнаа проект за практична обука на адвокатите за новиот ЗКП и за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната

26 Септември 2016

Адвокатската комора на РМ (АКРМ) во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ), започна со имплементација на едногодишен проект „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“.



Аспектот на практичната примена на Законот за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, аспектот на правата на одбраната, вредностите, но и дефектите на овие закони, ќе бидат во фокусот на обуките и тркалезните маси што ќе се реализираат  во рамките на проектот, а ќе се спроведуваат од страна на домашни и странски експерти.

Придобивките од овој проект, како што истакна претседателот на АКРМ, Никола Додевски, ќе бидат долгорочни не само за адвокатите кои ќе бидат обучени, туку и за Адвокатската комора како професионална организација во однос на зајакнување и проширување на капацитетите за продолжување на правното образование на адвокатите.

„Уверени сме дека по три години од функционирањето на ЗКП адвокатите се добро запознаени со неговото функционирање, но преку интерактивната обука ќе имаме можност да ги согледаме забелешките на учесниците“, истакна претседателот на АКРМ, Никола Додевски.

Според Додевски, позицијата на одбраната во постапката треба да биде респектирана, треба да биде активна, но треба и да ѝ се овозможи реализација на законските права, што не е случај во досегашната практика бидејќи не се почитува целосно. Ваквите обуки, смета Додевски, се добра основа за согледување на недостатоците кои подоцна ќе бидат преточени во предлог-законски измени.

„Потребата од измени на ЗКП беше воочена уште пред тој да стапи во примена. Постоеја работни групи, нацрт-текстови за измена на Законот. Тоа не беше ништо драматично, напротив едногласно беше констатирано. Меѓутоа, овие три години апсолутно покажаа дека биле во право сите оние што сметаа дека уште пред да почне да се применува овој закон, ќе треба да се направат некои измени. За жал, сè уште не се направени, а голем дел од тие измени се однесуваат на позициите на одбраната“, рече претседателот на АКРМ.

Како главни слабости ги посочи исклучително кратките рокови на одбраната за подготовка на својата одбрана за преземање на дејствијата на истрага.

„Има истраги кои што траат со години или со месеци, добивате материјал од повеќе илјади страници и според законот одбраната има 15 дена да ги подготви своите тези, да ги побива доказите и да ги презентира своите докази. Тоа е позиција која не е допуштена и која е директно противречна со еднаквоста на оружјето како генерален принцип на кој се базира заштитата на човековите права“, рече Додевски и додаде дека иста ситуација има и во жалбените постапки каде за предмети за кои има огромен материјал роковите се фиксни од 15-тина дена што е спротивно на практиката на повеќе држави.

Во однос пак на Законот за одмерување на висината на казните,  Додевски посочи дека Адвокатска комора има став дека ваквите одредби не треба да бидат мандаторни, односно задолжителни.

„Во тој правец настојуваме да има законски измени и тоа да биде факултативно, односно Судот да биде тој што ќе одлучи во кој случај може да го примени... Сега засега тоа не е во практика така, но и во тој правец преку дискусии ќе настојуваме да се воведат измени кои овие одредби би ги направиле применливи само кога судот ќе најде за потребно“, рече претседателот на АКРМ.

Според претседателот на АКРМ, поддршката од ИНЛ за еден ваков проект дава за право да бидеме сигурни дека само на ваков начин се обезбедува еднаквост на странките во постапката и се тежнее кон еднаквост на оружјата и кон балансирано и правично судење.

„Поддршката на одбраната како странка во постапките е сигурен гарант за обезбедување на правични судења, гарант за обезбедување на балансирана позиција и за обезбедување заштитници на владеењето на правото и поради тоа и понатаму ќе биде во фокусот на сите наши пријатели кои се залагаат за правдата и владеењето на правото да завладее во Македонија и секое искуство и соработка ни е потребно и добредојдено“, рече Додевски.

Ајрин Ф. Мар, в.д. правен советник на ИНЛ, во поздравното обраќање истакна дека и покрај многуте предизвици со кои се соочува Македонија има луѓе - професионалци кои се борат во одбрана на владеењето на правото. 

„Преку овие обуки ние демонстрираме доверба да го промениме трендот и со вашата работа да ги охрабрите граѓаните да бараат отчет од правосудните институции. Улогата на адвокатите е драматично сменета со новиот ЗКП, но важно е да се потенцира дека правилната примена на новиот ЗКП ќе им овозможи на граѓаните да го имаат конечниот збор дали е реформата успешна“, истакна таа.

Првата обука, која се однесуваше на Законот за кривичната постапка  се одржа во петокот,  23.09.2016.  На обуката, од страна на претседателот на АКРМ и адвокат Никола Додевски, како и адвокатот Дељо Кадиев, беа презентирани најважните новини во кривичната постапка спроведени со новиот ЗКП, по што беше спроведена вежба за симулирано судење според овој закон во која се вклучија сите адвокати - учесници на обуката. 


Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме