Изминатата недела во Охрид се одржа тридневна обука за родово базирано насилство организирана од Адвокатската комора на РМ, Балканската регионална мрежа за владеење на правото (БРРЛН), меѓународната адвокатска фирма „Hogan Lovells“, која е посветена на про-боно работа и ги поддржува женските иницијативи, Иницијативата на Партнерството за фондот за транспарентност Мецгер (Partnership for Transparency Fund Metzger Initiative) со поддршка на Холандската Амбасада и УСАИД.
Обуката се фокусираше на градење капацитети и специјализација на адвокати за случаи кои вклучуваат родово базирано насилство и дискриминација. Првата половина од обуката беше посветена граѓански случаи, а втората половина на кривични случаи. На учесниците им беа презентирани стратегии за тоа како да се соберат докази и како ефективно да се водат постапки во случаи на семејно насилство пред националните судови и пред Европскиот суд за човекови права, како и за чувствителноста на специфичните потреби на жртвите на родово-засновано насилство.
Проектот БРРЛН гради механизми за соработка и споделување на најдобрите пракси, алатки и знаење меѓу регионалните адвокатски комори и организациите на граѓанското општество во областа на правосудството. Од неговото лансирање во 2014 година БРРЛН има креирано мрежа од приближно 50 членки од регионот која вклучува адвокатски комори, адвокати, организации на граѓанското општество и новинари – кои се состануваат во текот на годината за да дискутираат за проблеми и проекти во клучните области на: образованието, правната помош, капацитетот на адвокатските комори, реформите во кривичното право и медиумите.