ГОВОРОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АКРМ, НИКОЛА ДОДЕВСКИ, НА 71-ГОДИШНИНАТА ОД АДВОКАТУРАТА ВО РМ

03 Јуни 2016

Почитувани гости, почитуван министер за правда, почитувана заменичка министер за правда, колеги адвокати.

Изминативе неколку години  би можел да ги дефинирам со една кратка реченица која што можеби звучи малку потешко, но мислам дека натамошното образложение ќе го амортизира таквото значење: Одлучна битка од перманентната борба за адвокатурата на РМ за да се сочува адвокатурата, за да се врати угледот  и нејзината уставна положба како самостојна категорија и независна јавна служба.

Оваа битка започна со спонтаната реакција на адвокатите против Законот за даночни маркички, потоа со реакцијата на инволвирањето на  сметководителите во одредени области  коишто исклучиво припаѓаа на адвокатите. Понатаму со почнување на тешката битка за ставање крај на агресивното преземање на адокатската  работа од страна на  нотаријатот  поставен многу години претходно на крајно погрешна концепција и со мотиви за да се штитат исклучиво интересите нотарите. 

Во оваа битка се соочувавме со разни отпори  поддржани од лобисти  кои ги штитат интересите на тие категории, кои упорно сакаа да опстои состојбата што значеше руинирање не само на работата, туку на угледот и на уставната положба на адвокатурата.

Ги констатираме резултатите:

  • даночните маркички се укинати  со донесување на Закон со еден единствен член којшто вели дека нема да постои  тој закон и не постои веќе три години. Се покажа дека и со тоа  угледот се враќа на адвокатурата, а особено на адвокатот поединец,  како суштествен за адвокатурата.

 

  • Натамошниот резултат што сакам да го потенцирам се неодамнешните законски измени со кои се водведува адвокатот како регистрационен агент  и тоа во основање на компании, но и како исклучив субјект за  вршење на промени во веќе основаните компании. Тоа веќе нема да бидат сметководителите, тоа веќе нема да значи одлевање  на работата на адвокатите, тоа веќе нема да значи намалување на угледот, туку обратно – адвокатите  си доаѓаат на своето.

 

  • Законот за нотаријат е една посебна работа во која не можам, а да не се осврнам на тоа колку адвокатите тешко ги бијат своите битки не само заради овој Закон, туку заради генералната позиција што адвокатурата долги години нанaзад ја има  и добро е кога ќе видиме дека има светли знаци  и има можности тоа да се подобрува. Од целосно негирање на можноста адвокатите да влегуваат  во постапки затоа што тоа било исклучиво  поле на одредена категорија  на една мала протектирана група на правници, па  до тези дека тоа било рушење на некаков системски, латински и не знам каков нотаријат, се до на крајот да се соочите со 2.000 амандмани  на Закон од стотина членови  од кои илјада Собранието ги поминува, а илјада добивате еден ден пред Собранието да го усвои законот.  Што ни зборува тоа? Тоа ни зборува дека адвокатурата минува низ трнлив пат како и секогаш, но рековме резултатот го имаме  и го добивме благодарение на партнерскиот однос и разбирање, не  нашето лично, не нашите барање да имаме приходи, не нашите барања да си ги вратиме приходите итн., туку  разбирање на вистинското значење на адвокатурата од страна на Министерството за правда, од  министрите, почнувајќи од Беџети, Јашари и актуелниот министер Џафери и перманентно од пријателот на македонската адвокатура, г-ѓата Билјана Бришкоска-Бошковски. Значи разбирањето на проблемите на адвокатурата, но и особено улогата на адвокатурата се придонес кон ова што ние денеска го имаме  како резултат.

 

Што значи новиот Закон за нотаријат имам многу зборувано, но јас само во една  кратка реченица ќе повторам, бидејќи суштествената работа за нас адвокатите не е спомената, а јас сакам да ја напоменам: се укина нотарскиот акт целосно, како најбитна форма за одземање на адвокатската работа, како најсуштествена форма за намалување на угледот на адвокатурата. Укинувањето на нотарскиот акт е пропратено и со бенефити  за граѓаните – помали трошоци.

 

Натамошна суштествена работа од овој Закон е учеството на адвокатите во постапките за кое прво слушавме дека е инкопатибилно,  дека е невозможно, дека би било  руинирање на правниот систем, но не е – тоа е само е зголемување на правната сигурност и враќање на адвокатурата на вистинското место.

Минатата година, напоменавме некои работи коишто би сакале во иднина да ги видиме и со задоволство можам да констатирам дека во однос на тие аспекти ние имаме и те како напредок.

Би сакал неколку од нив да потенцирам, бидејќи и тие се однесуваат на адвокатурата  и го подобруваат остварувањето на правата и позицијата на нашите клиенти.  

Рековме дека ќе се залагаме за менување на судската практика и дека и ние ќе придонесуваме за судската практика. Во тој правец, Управниот одбор даде толкување на Адвокатската  тарифа, како неприкосновен и законски единствен  орган којшто има право да ја толкува Тарифата, а  заради одбегнување на состојби кои и штетат на адвокатурата.  Како судиите ќе ги применуваат нашето толкување? Се надеваме исклучиво на начин како што и Управниот одбор го дава толкува. Судиите се тие што треба да ја поддржат адвокатурата, судиите се тие што треба да им помогнат на адвокатите да си ја одржат независноста во застапувањето на правата на своите клиенти, без удари врз нивната финасиска стабилност како суштествено прашање за независноста на адвокатурата.  Никој нема право да ја толкува Тарифата поинаку  отколку адвокатите, затоа што тие ја донесуваат, тие ја пишуваат и тие се тие кои што живеат од Тарифата, нема повисоко право отколку тоа. Се надеваме на натамошно развивање на судската практика во тој правец.

Зборувавме за заштита на темелните права, како нешто што го очекуваме во идниот период. Тоа, ние како странки во постапката го правиме со инволвирање на Конвенцијата за заштита на човековите права и нејзината директна примена во правораздавањето во Република Македонија, се разбира вклучително и судската практика на Европскиот суд за човекови права. Можам да констатирам дека оди тешко, како што и предмалку рековме како што и се што адвокатите преземаат, но има напредок и конечно се надминува позицијата кога нашите органи забораваа во примената на правото дека постои Конвенцијата и судската практика.  Сега тоа полека се менува, па и оваа наша заложба оди кон подобро.

Спомнавме дека бараме современи граѓански постапки: eве денес да изразам задоволство дека имаме измени на Законот за парничната постапка во корист на адвокатите во која што е инволвиран т.н. институт „продукција на докази“ кои што се наоѓаат кај спротивната страна и кај трето лице. Колку е тоа значајно, знаеме само ние практичарите и што значи да знаеш дека имаш доказ, а да го немаш – сега имаме правила за да можеме да го имаме. Тоа е тоа што минатата година го нарековме залагање за современи граѓански постапки. Да не спомнам дека во тие измени се исто така воведени непосредното испитување на сведоци, на вештаци и полека дисперзирање на постапката од судот кон странките  и во граѓанските процеси. 

Она што во поглед на почитувањето на основните темелните права сакам да го потенцирам во оваа прилика  е дека не може владеењето на правото да се третира како флоскула, а не како што треба - апсолутна еднаквост на странките во постапките пред судовите. Фаворизирањето на само една странка не значи владеење на правото. Доведувањето на процедурата во позиција  на другата страна да нема еднаквост  со другата страна и да не може да употребува одредени оружја кои се на таа страна не значи владеење на правото.  Адвокатурата не пледира на јавноста, на медиумите, на јавните настапи... тие на кои ние пледираме се судиите кои тоа треба го ја почитуваат еднаквоста на страните и на оружјето, да го санкционираат непочитувањето на презумпцијата на невиност и нееднаквоста на странките и на оружјето.  И те каков предизвик во иднина за адвокатурата во Македонија ќе бидат овие работи.

Што во иднина, пред следното Собрание би сакале да ги имаме? Она што нашата драга колешка Бришкоска го најави, а јас ќе го доелаборирам е измена на Законот за облигациони односи, којшто како рецидив на еден систем  и за разлика од многу други системи го забрануваше и се уште за жал го забранува – договарањето на адвокатска награда во процентуален износ. Тоа е измената којашто се надеваме дека многу брзо со помош на нашиот партнерски однос и разбирањето на адвокатурата од страна на Министерството за правда и се разбира со наше несебично залагање ќе го имаме како резултат во иднина. 

Се надеваме и на други измени во законите коишто ние ги предлагаме:

  • Отстранување на дефектите на Законот за кривичната постапка коишто токму нееднаквоста на странките и нееднаквоста на оружјето ја потенцираат, особено во поглед на роковите за подготовка на одбрана, роковите за жалба. Имаме предмети што имаат илјадници страни, а за разлика на многу други системи или претежен број на ситеми каде што или рокот е екстензивен или е различно применет за одредени права, па дури и судот е оној којшто може да даде многу подолг рок за да се заштити позицијата и еднаквоста на странките од тој што е предвиден. Ние, во сегашниот нов ЗКП, имаме 15 дена и за предмет што има милион страници и за предмет што има 20 страници е тоа е предизвик да се измени бидејќи не е тоа измена која што ја сакаме, тоа е измена којашто е неопходна и не само за рокот за жалба, туку за сите рокови. Двете странки во постапката треба да имаат еднакви рокови за секое правно дејствие и во секоја фаза на постапката.

И многу други работи имаме во план, и ќе има и други прилики да ги образложуваме. 

Би сакал уште еднаш да потенцирам дека сум благодарен на сите присутни гости, претставници на Министерството за правда, судиите, обвинителитеи на сите други гости затоа што со своето присуство одново ја докажуваат својата почит кон адвокатурата на Република Македонија.

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме