На 28 мај 2016 година, во хотелот Инекс Горица во Охрид, во организација на Адвокатската комора на РМ (АКРМ) се одржа настанот „Денови на македонската адвокатура" со кој беа одбележани 71 година од основањето на Адвокатската комора и адвокатурата во Република Македонија, како и 61-вото Годишно собрание на Адвокатската комора.
Свечениот настан беше одржан во присуство на голем број гости, меѓу кои претставници на регионалните, европските и светските адвокатски комори, претставници на правосудството, државните институции, домашната адвокатура, академската заедница и публицистика, како и почитувачи на адвокатурата и правото.
На настанот се обрати министерот за правда, г-дин Валдет Џафери, кој укажа на интензивните реформи во правосудниот систем насочени кон вградување на меѓународните стандарди во законодавството и постојана надградба на институциите во државата.
„Функционирањето на адвокатурата е од исклучително значење за остварувањето на владеењето на правото. Притоа, како врвен приоритет се наметнува вршењето на основната задача на адвокатите – одбраната и советувањето на клиентите“, рече тој.
Нагласувајќи дека Министерството за правда и во иднина ќе ги поддржува адвокатите во вршењето на нивните уставно гарантирани функции, како и во зајакнување на улогата и значењето на адвокатурата во Република Македонија, Џафери потсети на новините во легислативата, поддржани од адвокатите во земјата и Адвокатската комора, меѓу кои новиот Закон за нотаријат.
Заменик министерот за правда на РМ, г-ѓа Билјана Бришкоска-Бошковски, во своето обраќање, пак, ја истакна улогата и значењето на Адвокатската комора на РМ, како асоцијација која што ги претставува интересите на адвокатите и на граѓаните.
„Би сакала да ја нагласам и улогата на адвокатите во нашиот правен систем, посебно во остварувањето на една од основните функции – заштитата на човековите слободи и права. Поаѓајќи од потребата и положбата на адвокатурата, како и нејзината функција во однос на унапредувањето на самите права на адвокатите, како и потребата да се зголеми нејзината ефикасност, компетентност и одговорност во вршењето на функцијата како јавна служба којашто има исклучително важно значење за судските постапки, од страна на Министерството за правда во континуитет се преземаат конкретни активности“, рече таа.
Укажувајќи на позитивната соработка меѓу Министерството за правда и Адвокатската комора, Бришкоска-Бошковски истакна дека во рамките на проектите кои се реализираат преку Министерството за правда несомнено значајна е улогата на адвокатите во изготвувањето на законите во сферата на правосудството.
„Во оваа пригода дозволете да ја истакнам улогата на адвокатите во системот на бесплатна правна помош. Длабоко сум убедена дека оваа практика ќе ја продолжиме и во престојниот процес на реформирање на законодавството во делот на бесплатната правна помош. Позитивен пример во однос на соработката меѓу Министерството за правда и Адвокатската комора на РМ е фактот што она што пред една година го зацртавме како цел, а тоа е унапредувањето на позицијата на адвокатите во делот на заголемувањето на правната сигурност на граѓаните, односно измената на Законот за нотаријат и на Законот за извршување –како една од придобивките кои што во изминатиов период успеавме да ја оствариме. Имено со наведените закони се воведоа доста новини кои имаат за цел афирмирање на правната сигурност на самите граѓани и во оваа прилика дозволете ми да се заблагодарам, особено на претседателот Адвокатската комора Никола Додевски, којшто даде несебична поддршка во делот на реализацијата на овие закони, како и на членот на Управниот одбор на Адвокатската комора, Мерџан Даути, којшто исто така да даде придонес во делот на остварувањето на оваа зацртана цел, особено тргнувајќи од одредени опструкции коишто беа направени во изминатиов период при донесувањето на овие закони“, истакна Бришкоска-Бошковски.
Како идни предизвици во областа на адвокатурата, Бришкоска-Бошковски ги посочи донесувањето на измените на Законот за облигациони односи за кои во изминатиов период, како и јакнењето на капацитетите на Адвокатската комора преку зајакнување на етиката, дисциплинските системи, како и развивање на системот на обука коишто ќе играат клучна улога во подигањето на професионалноста на адвокатите.
Во име на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE) и ПЕКО Комитетот на свеченоста се обрати г-дин Ранко Пелицариќ, претседател на ПЕКО комитетот. Тој своето обраќање го истакна значењето и корисноста од членувањто во CCBE, како и ПЕКО Комитетот, кои имаат за цел промовирање на владеење на правото, како и поддршка на процесот на правни реформи во Централна и Источна Европа.
„Она за кое сакам посебно да ви честитам е донесувањето на Законот за нотаријат на кој многу, вклучувајќи ги адвокатските комори на државите членки на Европската Унија, гледаат со гордост“, истакна тој.
Претседателот на Здружението на судиите на РМ, д-р Џемали Саити, во своето обраќање истакна дека седумдесет и една година - адвокатура, значи оформен професионален ентитет, кој остава трага на правниот систем и општествениот развој.
„И денес, адвокатурата продолжува со својата мисија, засновајќи ја својата работа, на нејзината законска поставеност, како самостојна и независна јавна служба, притоа покажувајќи релевантен правен сенс, за новите предизвици, и потребата за нова поставеност односно преструкуирање, согласно многубројните реформски зафати во нашиот правен систем, особено, со воведувањето на новите правни институти во кривичната и граѓанската постапка“, рече тој и додаде дека Адвокатската комора треба да биде уште повеќе вклучена, во креирањето на нашиот правен систем бидејќи таков професионален коректив, е добредојден, не само за законодавната и извршната власт, туку и за судската власт и судиите.
Претседателот на Здружението на судии го изрази своето задоволство, од досегашната професионална соработка со адвокатската фела, но истовремено, ја истакна и потребата од продлабочување на истата, особено во делот на примената на некои институти од процесен карактер.
„Во овој контекст, Здружението на судиите на Република Македонија, тргнувајќи од целите и задачите дефинирани во нејзиниот Статут, и особено, последните промовирани принципи, во кои доминира инклузивниот пристап, кон истите и сродните здруженија и организации, преку градење на директно партнерство и соработка, е подготвено да се отворат сите прашања кои ги тангираат судите и адвокатите, се со единствена цел, обезбедување на функционалност на постапките и зајакнување на статусните гаранции за едната и другата фела.
Останувам со надеж, дека за многу краток период, Здружението на судиите и Адвокатската комора, ќе воспостават по директна соработка, по многу прашања, кои ги тангираат двете фели, почнувајќи од процесни, па се до разните етички дилеми и стандарди“, истакна тој.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, г-ѓа Анета Арнаудовска во своето обраќање наведе дека адвокатите и Адвокатската комора се неодминлив дел од општественото живеење во Република Македонија, посебно кога станува збор за ефикасно функционирање на правниот систем и заштитата на човековите права.
„Судиите, јавните обвинители и адвокатите имаат различни улоги во општеството, а заедничка им е улогата за донесување на ефикасни и квалитетни одлуки во корист на граѓните на Република Македонија. Станува збор за однос кој доведува до ефикасна правда само доколку почитта е взаемна и доколку се реализира уставната улога на адвокатурата во Република Македонија, нејзината независност и ефикасност“, рече таа.
Арнаудовска го потенцираше значењето на успешната соработка и партнерскиот однос помеѓу Адвокатската комора на РМ и Академијата.
„Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Адвокатската комора на РМ имаат воспоставено долгогодишна успешна соработка која се заснова на заеднички настап на двете институции пред јавноста, учество во заеднички проекти, а се со цел промоција и афирмација на стручносто усовршување на сите целни групи. Односот со Адвокатската комора на РМ и адвокатите успешно се остварува и е вистински партнерски однос бидејќи адвокатите се вклучени во обуки, почетната и континуирана обука и тоа како предавачи, но и во изготвувањето на наставните материјали“, посочи директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.
Пред присутните се обрати и претседателот на Адвокатската комора на Босна и Херцеговина, г-дин Бранко Мариќ, кој истакна дека целта на овие настани не е само дружење, туку и нужност бидејќи адвокатурата во регионот, како што рече, се соочува со бројни проблеми кои се прелеваат од една во друга држава.
„За среќа почнаа да се прелеваат и позитивни решенија на тие проблеми. Како пример ќе го посочам информирањето од страна на престседателот на АКРМ за доаѓањето на делегацијата на Меѓународна нотарска комора заедно со претставници на босанската Нотарска комора во Македонија со цел да објаснуваат дека Законот за нотаријат не бил совршен. Благодарејќи на нашата комуникација, јас му објаснив за нашата претставка пред Уставниот суд на БиХ токму за истото прашање и тој прв удар како што бев информиран е успешно амортизиран. Сега доаѓаме во една друга ситуација – кога ние успеавме со нашата претставка пред нашиот Уставниот суд и не очекуваат преговори со надлежното Министерство и јас можам да го пренесам вашето позитивно искуство и вашата одлична соработка која ја оставривте со вашето Министерство за правда. Се надевам дека и кај нас конечно ќе се стави точка на овој проблем, но тоа не ја намалува потребата за размена на искуства, туку напротив следуваат времиња кога соработката треба да се интевизира“, потенцираше Мариќ.
Програмскиот координатор на Американската адвокатска комора – Иницијативата за владеење на правото, г-ѓа Елизабет Гивенс, во своето обраќање го изрази задоволството од плодната и успешна соработка со Адвокатската комора на Република Македонија, како и значењето на меѓусебното единство коморите од различни држави.
„Преку проектите кои ги реализиравме заедно со Адвокатската комора на Македонија се сретнав со бројни адвокати од Македонија кои и денеска се тука присутни и ми е мило што ги гледам. Во Македонија сум веќе четири години и во изминатиот период преку различни проекти спроведовме бројни обуки. За мене е прекрасно да работам со толку многу македонски адвокати и да ги разберам предизвиците со кои тие се соочуваат со оглед на тоа што македонскиот и американскиот правен систем се различни. Но, иако нашите системи се различни, предизвиците најчесто се исти – еднаквоста на оружјата, недостаток на ресурси, да се биде личноста во судницата која се спротиставува речиси на сите... - тие предизвици се универзални и како што кажа претседателот Мариќ важно е да се сплотиме и да бидеме единствени во делувањето и унапредувањето на адвокатурата“, истакна таа.
Претседателот на АКРМ, Никола Додевски: Измени на Законот за облигациони односи и договарање на адвокатската награда во процентуален износ - иден предизвик
Претседателот на Адвокатската комора на РМ (АКРМ), г-дин Никола Додевски во своето излагање ги сумираше резултатите кои Адвокатската комора ги има постигнато во поновиот период во насока на подигнување на нејзиниот углед, кон враќањето на нејзината улога во општеството и запирање на трендот на минимизирање на нејзината улога и одземање на нејзините ингеренции.
„Изминативе неколку години би можел да ги дефинирам со една кратка реченица која што можеби звучи малку потешко, но мислам дека натамошното образложение ќе го амортизира таквото значење: Одлучна битка од перманентната борба за адвокатурата на РМ за да се сочува адвокатурата, за да се врати угледот и нејзината уставна положба како самостојна категорија и независна јавна служба.
Оваа битка започна со спонтаната реакција на адвокатите против Законот за даночни маркички, потоа со реакцијата на инволвирањето на сметководителите во одредени области коишто исклучиво припаѓаа на адвокатите. Понатаму со почнување на тешката битка за ставање крај на агресивното преземање на адокатската работа од страна на нотаријатот поставен многу години претходно на крајно погрешна концепција и со мотиви за да се штитат исклучиво интересите нотарите“, истакна тој.
Констатирајќи ги резултатите, претседателот на Адвокатската комора посочи дека даночните маркички се укинати, адвокатот се воведува како регистрационен агент и тоа во основање на компании, но и како исклучив субјект за вршење на промени во веќе основаните компании, додека со новиот Закон за нотаројат нотарскиот акт се укинува целосно, како најбитна форма за одземање на адвокатската работа и како најсуштествена форма за намалување на угледот на адвокатурата.
Додевски во својот говор се осврна и на поставените цели од минатата година, истакнувајќи дека и тука е постигнат напредок.
„Рековме дека ќе се залагаме за менување на судската практика и дека и ние ќе придонесуваме за судската практика. Во тој правец, Управниот одбор даде толкување на Адвокатската тарифа, како неприкосновен и законски единствен орган којшто има право да ја толкува Тарифата, а заради одбегнување на состојби кои и штетат на адвокатурата. Како судиите ќе ги применуваат нашето толкување? Се надеваме исклучиво на начин како што и Управниот одбор го дава толкува...
Спомнавме дека бараме современи граѓански постапки: eве денес да изразам задоволство дека имаме измени на Законот за парничната постапка во корист на адвокатите во која што е инволвиран т.н. институт „продукција на докази“ кои што се наоѓаат кај спротивната страна и кај трето лице. Колку е тоа значајно, знаеме само ние практичарите и што значи да знаеш дека имаш доказ, а да го немаш – сега имаме правила за да можеме да го имаме. Тоа е тоа што минатата година го нарековме залагање за современи граѓански постапки“, рече тој.
Како идни приоритетни предизвици за адвокатурата во Македонија за кои Адвокатската комора ќе се залага, првиот човек на АКРМ ги посочи отстранување на дефектите на Законот за кривичната постапка, како донесување на измените на Законот за облигациони односи кои предвидуваат договарање на адвокатска награда во процентуален износ.
„Што во иднина, пред следното Собрание би сакале да ги имаме? Она што нашата драга колешка Бришкоска го најави, а јас ќе го доелаборирам е измена на Законот за облигациони односи. Коишто како рецидив на еден систем и за разлика од многу други системи го забрануваше и се уште за жал го забранува – договарањето на адвокатска награда во процентуален износ. Тоа е измената којашто се надеваме дека многу брзо со помош на нашиот партнерски однос и разбирањето на адвокатурата од страна на Министерството за правда и се разбира со наше несебично залагање ќе го имаме како резултат во иднина“, подвлече претседателот на Аадвокатската комора, Никола Додевски.
Одбележувањето на „Деновите на македонската адвокатура“ беа збогатени со концерт на македонските музички амбасадори, етно групата „Баклава“, чие име е вообичаен симбол на македонската изворна традиција, претставувајќи еднаквост и сплотеност на културните разлики на четирите страни на светот, што симболично, пак, претставува и една од целите на овој свечен настан.