Адвокатската комора на Република Македонија (АКРМ), Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”, Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права и Народниот правобранител на Република Македонија денеска во хотел „Арка” во Скопје, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ) го претставија преводот на македонски јазик на публикацијата „Прирачник за европското законодавство за заштита на податоците”.
Прирачникот е подготвен заеднички од страна на Европската агенција за основните права (ЕАОП) и Советот на Европа во соработка со Административната служба на Европскиот суд за човекови права. Целта на прирачникот е да се подигне свеста и да се подобри информираноста за прописите за заштита на податоците во државите членки на Европската Унија и на Советот на Европа, служејќи им на читателите како главна референтна точка. Наменет е за адвокати, судии и за други правни практичари, како и за лицата што работат за други органи.
Според адвокатот и член на Дисциплинскиот суд на АКРМ, Петар Василев, кој од името на Адвокатската комора се обрати на настанот, важноста на Прирачникот и неговата содржина се огледа во тоа што истиот е конципиран на начин што дава можност за приближување на значењето и суштината на правата во врска со заштитата на податоците до правните практичари, институциите и органите кои се задолжени за спроведување на законите, но и до граѓанството. Тој исто така посочи дека судската практика што е опишана во Прирачникот дава увид во големиот корпус на судската практика на Европскиот суд за човекови права и на Судот на правдата на Европската Унија.
Заблагодарувајќи се за дадената можност на Адвокатската комора да даде свој придонес и поздравувајќи ја иницијативата за промоција на преводот на ова корисно четиво, г. Василев изрази надеж дека и во иднина ќе се продолжи со збогатување на правната литература која е од суштинско значење за надградба на знаењето на правните практичари.
На промоцијата се обратија и г. Штефан Пирнер, адвокат, регионален проектен раководител при ИРЗ за Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија; г-ѓа Анета Арнаудовска, судија, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”; г. Костадин Богданов, директор на Бирото за застапување на Македонија пред ЕСЧП и г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-народен правобранител.
Своето искуство во однос на предметната проблематика го споделија македонската судијка во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, која го објасни правото на приватност преку праксата на Европскиот суд за човекови права, како и г. Холгер Хембах, адвокат од Германија, кој се осврна на темата „Правото на заштита на податоците во Европската конвенција за човековите права”.
Фото:МИА