НИКОЛА ДОДЕВСКИ: „Нотаријатот зазема улога која не му припаѓа и агресивно презема многу повеќе“



Иницијативата беше поздравена од нотарите

 „Оваа иницијатива за измени беше поздравена и од нотарите како многу корисна. Станува збор за иницијатива која се подготвува веќе една година и накусо речено нашата заедничка иницијатива беше за истите трошоци да се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните. Е ова „истите трошоци“ им засмета малку на нотарите бидејќи нема да се зголемуваат трошоци и не треба да се зголемуваат трошоци. Со жалење констатирам ретерирања, па дури и напади на идејата. Секое право на граѓаните што подобро се штити и кое дава поголема правна сигурност на граѓаните секој треба да го поздрави, особено доколку тоа значи задржување во истите рамки на трошоците“, вели претседателот на Адвокатската Комора, Никола Додевски.

Ако е напад на нечија професија, што да кажеме за судовите?

„Околу тоа, дали е тоа напад на нечија професија, многу коментари не треба. Ако така поаѓаме, што да кажеме за судовите!? Не верувам дека некои граѓани, особено за некој сериозен предмет, одат на суд без адвокат. Е па сега, дали тоа за судовите значи дека ние ја напаѓаме независноста на судовите, дека атакуваме на нивната работа? Се разбира дека не. За жал во нашата држава, нотаријатот зазема една улога која полека, но сигурно претставува улога која не му припаѓа и би рекол агресивно презема многу повеќе. Нотарите се во уште по поинаква позиција. Нотарите, во превод значи се јавните бележници, писари. Меѓутоа, ако во моментот имате нотаријат кој работи судски работи, па макар тоа го крстиме и како „повереници на судот“, коишто работат понатаму како адвокати, бидејќи преземаат составување на одредени договори под формата на јавни исправи, за жал може да се констатира дека нотаријатот има монопол во одредени постапки да изготвува јавни исправи“, вели Никола Додевски.

Проектот е во интерес на граѓаните и за правната сигурност на нотарите

Претседателот Додевски смета дека оваа иницијатива е исклучително позитивна и ќе придонесе за зголемена правна сигурност на граѓаните.

 „Нотарите ретерираа во својот став дека ова е заеднички проект во интерес на граѓаните, па дури и во интерес на правната сигурност на самите нотари. Сметам дека би требало проектот да го поддржат и понатаму. Зошто некој би одбил нешто многу поквалитетно за исти трошоци? Кој е по вокација повикан да ги штити правата на граѓаните, ако не адвокатите? Не слушнав контрааргументи во ниеден настап од страна на нотарите. За жал, морам да констатирам дека сега тие ретерираат во своите ставови и доколку мотивот е исклучиво стравот за намалување на својот профит навистина не би сакал тоа да е вистината или причина за ова ретерирање“, потенцира Додевски, додавајќи дека не слушнал посочени аргумени за контрадикции со Уставот.

Не е противуставно адвокат да ги застапува интересите на граѓаните – тоа е логично

„Не чув дека има било каков аргумент за контрадикции со Уставот. Ако збoруваме за ваков судир – знаете вие имате судии коишто завршуваат академија и кои се квалификувани, едуцирани и коишто имаат многу јаки мотиви за да дојдат на ниво судија, којшто треба да поминат низ еден филтер, а истовремено добивте нотаријат кој има судски надлежности. Имате нотари кои сега водат оставинска постапка, а сега аргументот е дека е противуставно тоа што адвокат треба да ги застапува интересите на граѓаните, што според мене е многу логично. Вие кај судија, избран и едуциран, одите со адвокат, а што да кажеме за нотар кој има нотарски испит и на кој правото му се состои всушност во легализацијата. Неговата работа е давање дисперзиран легалитет од страна на државата, но во никој случај да го заменува судот. Сигурно не е противуставна – реализацијата на уставната улога на адвокатурата“, истакнува Додевски.

Ајде да размислиме за уставноста во тоа што нотарот врши судски улоги

Никола Додевски упатува кон член 53 од Уставот кој вели дека адвокатурата е јавна служба која пружа правна помош и практично во поглед на измените и улогата на адвокатите тука не гледа никаква противуставност, но во таа смисла укажува на давањето на судските улоги на нотарите.

„Противуставно е мешањето на извршната и судската власт. Ако вие имате нотар именуван од Министерството за правда, ако имате нотар именуван од којшто е контролиран од Министерството за правда, а врши судски улоги, ајде да размислиме тука за уставноста, а не за застапувањето пред нотарите. Не можам да кажам дека оваа теза е поткрепена со аргументи, дури не сум сигурен дека нешто такво сум слушнал во долгите дискусии при подготовки на овие законски измени кои ги правевме заедно со нотарите. Можеби е нешто погрешно цитирано, бидејќи не мислам дека нотарите сметаат дека застапувањето од страна на адвокат во било која процедура е противуставна“, резимира Претседателот на Адвокатската Комора.

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме