СЕДУМДЕСЕТ ГОДИНИ МАКЕДОНСКА АДВОКАТУРА (2)
По повод 70-годишнината од основањето на двокатската комора во Македонија, во три продолженија ќе ги пренесеме најзначајните моменти што го обележиле неиното повеќедецениско работење, како и плановите за идниата. |
Основачкото собрание на Адвокатската комора се одржа на 28 јануари 1951 година, по донесено претходно решение на министерот за правосудство, адвокат Благој Левков. Собранието се одржа во салата на Окружниот суд Скопје. На собранието за претседател се избира Ѓорѓи Хаџи Манев од Велес, а за секретар Александар Стрезоски од Скопје. Во наредниот период до осамостојувањето на македонската држава за претседател на Адвокатската комора ќе бидат избрани: Јанко Дика, Панта Поленак, Трајко Јовев, Сотир Главинче, Бранко Јосифовски, Трпко Ристовски, Иван Андонов, Илија Марков, м-р Кирил Божинов, Рафаил Черепналковски и Никола Кајчевски (1989-1991).
Во првите повоени години, наместо да бидат почитувани од македонската држава, гемиџијата адвокат д-р Павел Шатев и Петре Пирузе-Мајски како основоположници на македонската адвокатура, тие ќе бидат,,жртва“ во политичкиот судир и пресметка со властодржците на идеолошкиот систем на комунизмот, кој владее во југословенската држава. Накусо да ја претставиме човечката и патриотската судбина на д-р Шатев. На Павел Шатев во револуционерната дејност секогаш му беше водилка во животот - идејата за слободна Македонија. Познат како гемиџија во македонскиот народ, на 21 јуни 1908 година, по хуриетот во Турција, ослободен е од заробеништво со другите робијаши. Павел заминува во Брисел, се запишува на државниот универзитет „Либр“, студира право и го завршува со звањето доктор на правни науки. Адвокат станува во Софија во 1934 година. Иако вршел високи државни функции во Република Македонија, тој ќе се најде на списокот на потенцијални непријатели од комунистите. На 16 јуни 1949 година ќе биде ненадејно уапсен во Загреб, кога одел кај своето семејство по завршената седница на Народното собрание во Белград. Тој беше во тоа време сојузен пратеник, а во македонската влада втор потпретседател на македонската држава и еден од уставотворците на македонскиот Устав. Некаде во тајните комунистички партиски и полициски досиеја било запишано дека е непријател на државата. Во истражниот затвор во Скопје задржан е 11 месеци, а потоа испратен во Битола, во еден вид домашен притвор, каде што останува до смртта на 30 јануари 1951 година. Шатев ќе биде закопан на гробиштата во дворот на црквата „Света Недела“ во Битола. Во таа политичка пресметка нема да биде поштеден ниту Петре Пирузе-Мајски. Мајски ќе биде уапсен како судија на Врховниот суд на ФНРЈ во Белград, на 14 ноември 1950 година. Адвокатот Пирузе ќе се најде заробен на Голи Оток до февруари 1954 година. Федералната југословенска полиција ќе го заведе адвокатот Пирузе како државен непријател под број 674. Излегувајќи од пеколот Голи Оток со нарушено здравје, следува уште една казна со елиминирање од политичкиот и општествениот живот во Македонија. Како Шатев така и Пирузе е анатемисан од македонските комунисти на чело со Лазар Колишевски, кој бил во тоа време и претседател на Владата. Адвокатите и адвокатската организација - комора покрај ваквите идеолошки проблеми што се наметнуваат во македонското општество, сепак претставуваат знаменосец во борбата за човековите права и слободи и демократизација на државата. Како што е познато на 8 јануари 1991 година се конституира првиот повеќепартиски македонски парламент. Петтата седница на парламентот се одржа на 27 јануари, г. Киро Глигоров како кандидат на Сојузот на комунистите на Македонија - партија за демократска преобразба (СКМ-ПДП) е избран за претседател на Република Македонија. Во јавноста малку е познато за личноста на Глигоров дека тој е по наобразба адвокат, туку се перципираше во југословенското време како економски експерт. Правничката наобразба Глигоров ја завршува во 1939 година во Белград со дипломирање на Правниот факултет. Адвокатски стажант бил од 1942 до 1943 година. Стекнува свидетелство со теоретско практичен државен испит заведен во државните архиви на Царството Бугарија – Министерството за правосудство во Софија заведено со номер – број 2214 од 3 јуни 1943 година. Во таа година во именикот на Скопскиот адвокатски колегиум се запишува како адвокат Киро Благоев-Глигоров заведен со номер – број 59/43 од 9 јуни 1943 година. На 10 јуни пред Скопскиот адвокатски совет дава адвокатска заклетва. Адвокатскиот совет го сочинуваат: претседател Глигори Анастасов, потпретседател Методиј Кајдамов, член-секретар Георги Хаџи Манев, член-касиер Благој Поп Панков и членови: Никола Павлов, Стефан Стефанов, Васил Топалов и Светослав Андрејчин. Неговото адвокатско досие архивирано е под номер – број 222/43.
|
|