Првите адвокати биле наши народни херои

Сојузното министерство за правосудство донесе акт број 263 од 21 мај 1945 година врз основа на кој по предлог на министерот за правда, адвокат д-р Павел Шатев, Министерскиот совет донесе решение за создавање на Скопската адвокатска комора со надлежност за територијата на Македонија

 
 
 
  

СЕДУМДЕСЕТ ГОДИНИ МАКЕДОНСКА АДВОКАТУРА (1)

Адвокатурата на балканските простори егзистира од антиката, во општествените услови на правните системи на државите во чиј состав била Македонија, како што се империите и царствата на античкиот Рим, Византија, Турција и кралствата на Југославија, Грција и Бугарија.

Со латинскиот збор адвокатус - се означува некој што е повикан за помош-правник, кој со стручни совети или на друг начин ѝ помага на странката што води парница. Адвокатот не истапува пред судот. Таа работа посебно ја работеле стручњаци-говорници (оратори). Почнувајќи од третиот век од нашата ера адвокатите постепено го преземаат целосното застапување на странките и настап пред судот. Адвокатската комора е сталешка професионална организација на адвокатите. Нивната улога и организација се различни во различни правни и општествени системи.

Во Втората светска војна македонскиот народ со другите прогресивни слободарски народи се бори и се наоѓа на страна на антифашистичката коалиција.

Македонија е окупирана од Царството Бугарија, која е во сојуз со фашистичка Германија и Италија.
Адвокатите и адвокатските приправници во време на НОВ ќе загинат херојски во оживотворување на идејата за македонска држава. Покрај херојската смрт на Васил Антевски-Дрен, храбро ќе загинат Рампо Лефков-Лефката, Никола Христо Тодоровски, Коле Канински, Јосиф Христовски-Ѕвонарот, Јосиф Јосифовски-Свештарот и други.

Накусо раскажан животниот и професионален пат на Васил Антевски-Дрен почнува на 11-годишна возраст, станува емигрант есента 1915 година, одејќи преку Солун на бродот Лион во Франција, како и многу други Македонци што принудно ги напуштале родните огништа. Запишан бил во колеџот „Клод Бернард“ во Вилфранш Арондисман на Рона. На 30 септември 1922 година Васил Антевски-Дрен поднесе молба за упис во Деканатот на Правниот факултет во Белград. Дипломата ја примил на 3 јули 1928 година, а истата година Министерството за правда во Белград со уверение број 1122249 од 18 септември го упатува како судски приправник на работа во Првостепениот суд во Куманово.

Со решение број 1608 од 19 октомври 1938 година запишан е во Адвокатската комора на Скопје, тогаш е заведен како Василие Стевановиќ. Меѓу првите борци на Скопскиот партизански одред на 15 ноември 1941 година Васил бил уапсен од фашистичката бугарска полиција и ќе се најде зад решетките на велешкиот затвор. На 27 април 1942 година оковани со средновековни пранги на нозете и рацете обвинетите, меѓу 25-те од нив и Васил Антевски-Дрен, се одржа судењето пред судскиот совет на Воено-полевиот суд на Скопската воена област. На 9 мај истата година им беше изречена пресуда од 45 обвинети 19 со смртни казни. Во софискиот затвор на 11 август 1942 година Васил Антевски-Дрен ќе биде егзекутиран со другите лица осудени на смрт.

Во македонската држава - федерална република, функцијата на Привремена влада ја презема Президиумот на АСНОМ на 6 август во с. Рамно, Кумановско. Таа е составена од поверенства за одредени области на чие чело се наоѓа повереник. Поверенството за судство го води Петар Пирузе-Мајски.

Президиумот на АСНОМ на заседанието во с. Горно Врановци, на 27 октомври 1944 година ќе кооптира нови членови. Во тој состав ќе биде адвокатот д-р Павел Шатев. Адвокатурата ВО ФНР Југославија - федерална Македонија имала свој развоен пат, а во согласност со тоа се развивале адвокатските комори на републиките. Адвокатурата како самостојна општествено-правна служба во склопот на целиот правосуден систем служи пред сѐ за давање стручна правна помош во различни области на примена и остварување на правниот систем.
Президиумот на АСНОМ на заседанието од 7 декември 1944 година, а врз основа на решението на Националниот комитет на ослободување на Југославија под бр. 7/Каб. од 21 ноември 1944 година донесе решение со број 14/44, со кое по бившите закони на Југославија и Бугарија работењето на адвокатските комори и адвокатските совети понатаму ќе продолжи во согласност со интересите и начелата на редот и на народноослободителното движење, а особено со искуството на новото народно судство.

Во Адвокатскиот совет членови се: Стефан Стефанов, Никола Павлов, двајцата во тој период затворени во град Скопје; Методија Кајдамов, Васил Топалов, Страхил Развиговор, тројцата во тоа време се наоѓаат во Бугарија, Благој Поп Панков, Светислав Андрејчин, двајцата од Скопје, администратор на советот е Димитар Стојчев. На Второто заседание на АСНОМ одржано на 30 декември 1944 година во Скопје се избира нов президиум, во кој членуваат адвокатот Киро Глигоров и адвокатот д-р Павел Шатев.
Од 14 до 16 април 1945 година во Скопје беше одржано Третото заседание на АСНОМ, а на 16 април 1945 година е избрана првата македонска влада.

Владата на Демократска Федеративна Македонија е формирана врз основа на Законот за изменување и дополнување на решението на АСНОМ од 15 април 1944 година и Законот за Народната влада на Македонија донесен од Народното собрание на Македонија, на 16 април 1945 година. Во нејзиниот состав, покрај претставници на македонскиот народ, влегоа и претставници на другите националности.
Првиот состав на владата го сочинуваа: Лазар Колишевски - претседател, Љупчо Арсов, прв потпретседател и министер за финансии, Абдурај Мехмет, втор потпретседател, д-р Павел Шатев - министер за правосудство, i drugi ministri po resori. По предлог на министерот за правда, д-р Павел Шатев, Министерскиот совет на заседанието одржано на 16 јуни 1945 година, во согласност со член 13 од Повелбата за устројство на редовните судови во Федерална Македонија, а во врска со актот бр. 263 од 21 мај 1945 година на Сојузното министерство на правосудство, донесе решение за создавање на Скопската адвокатска комора со надлежност за територијата на Федерална Македонија. Решението е потпишано од д-р Павел Шатев, министер за правда, и Лазар Колишевски, претседател на Македонската федерална влада. Во Скопската адвокатска комора се назначува Ратко Анастасов, чиновник при Министерството за правда. Делегатот Ратко Анастасов со наведеното решение бил задолжен да ја спроведе постапката за укинување на Скопскиот адвокатски совет, да го устрои Именикот на адвокатите и адвокатските кандидати, да води контрола над адвокатската работа, да подготви привремен буџет и правилник за неговото спроведување и запишување на сите лица што го стекнале правото на адвокат и адвокатски кандидат до ослободувањето на Македонија.

 
   
Автор: Ставре Џиков / Александар Џиков

Извор: Нова Македонија / Објавено: 19.05.2015

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме