ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, НИКОЛА ДОДЕВСКИ
Почитувани колеги,
Би сакал лично да ве известам дека денес Собранието на РМ го донесе Предлог-законот за нотаријат. Со ова е исправена историската неправда која и беше нанесена на македонската адвокатура. По цели 18 години предметот на работа им се враќа на адвокатите.
Имено, со новиот Закон за нотаријат се укинува нотарскиот акт кој им беше наметнат на граѓаните како задолжителен за повеќе правни состојби и со години беше начин за преземање на работата на адвокатите. Отсега правните работи ќе бидат изготвувани како приватни исправи од страна на адвокатите, а потврдувани од нотарите.
Новото законско решение предвидува присуство на адвокатите и задолжителен адвокатски печат во постапки кои се од суштинско значење за граѓаните, за идентични трошоци кои се предвидуваат и кои се наплатуваат само за нотарска услуга. Во овој контекст: приватната исправа задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност; договорот за продажба и преддоговорот за продажба со вредност на предметот на продажба над 10.000 евра во денарска противвредност, задолжително треба да го состави адвокат и задолжително да содржи адвокатски печат и потпис; платните налози, освен сметките со помала вредност за комунални услуги, предлозите и жалбите при постапките за платните налози задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат; при расправањето на оставината задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците.
Како претседател на Адвокатската комора на РМ чувствувам задоволство што се враќа угледот на адвокатурата на Република Македонија.