АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ НА ТАРИФАТА ЗА НАГРАДА И НАДОМЕСТОК НА ТРОШОЦИТЕ ЗА РАБОТА НА АДВОКАТИТЕ

30 Јули 2015
Врз основа на член 19 и член 34 став 2 од Законот за адвокатурата, член 23 од Статутот на Адвокатска комора на Република Македонија и член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на седницата одржана на ден 25.06.2015 година го донесе следното
 
АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ НА ТАРИФАТА ЗА НАГРАДА И НАДОМЕСТОК НА ТРОШОЦИТЕ ЗА РАБОТА НА АДВОКАТИТЕ
 
За правилно толкување на примената на Тарифата за награда и надоместок на трошоците на адвокатите во сите случаи кога е дадена правна помош неопходно е најнапред да се има предвид дека согласно член 19 од Законот за адвокатурата, адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, а Тарифата ја донесува Управниот одбор на АКРМ согласно член 34 став 2 точка 5 од Законот за адвокатурата. Со тоа одредувањето на висината на наградата и трошоците за дадената правна помош е исклучива законска надлежност на АКРМ и неможе да се менува со ничии општи или поединечни акти. Согласно член 34 став 2 точка 5 од Законот за адвокатурата и член 9 од Адвокатската тарифа, толкување на Тарифата врши Управниот одбор на АКРМ.
Овие законски надлежности мора да се имаат предвид за правилно да се разберат и одредбите од член 149 од Законот за парнична постапка. Имено, според став 1 од овој член судот е овластен при одлучувањето кои трошоци ќе и се надоместат на странката да ги земе во предвид само оние трошоци кои биле потребни за водење на парницата, како и за висината на трошоците да одлучува судот. Од ова произлегува дека став 1 се однесува исклучиво за надоместување на трошоците на странката (вештачења, сведоци, судски такси итн).
Висината на наградата и трошоците за дадената правна помош од адвокатите се регулира во став 2 од овој член при што одредувањето се врши исклучиво според Тарифата за награда и надоместок за работа на адвокатите, без примена на критериумот на потребни или нужни.
Тоа значи дека единствен критериум за одредување на висината на трошоците и наградата за дадената правна помош од адвокатите, е фактот дали тоа дејствие е предвидено во Адвокатската тарифа. Тарифата се донесува врз основа на Законот за адвокатура кој за ова прашање е специјален закон во однос на сите други процесни закони и донесувањето и толкувањето е во исклучива надлежност на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија.
 
Одтука, Управниот одбор на АКРМ ги дава следните толкувања  на Адвокатската тарифа:
 
  1. Судовите и другите органи пред кои е дадена правната помош немаат право ниту законска основа со своја одлука да определуваат кое превземено дејствие било нужно и немаат право да ја менуваат висината на наградата и трошоците на дадената правна помош одредени со Тарифата. Неправилна е кумулативната примена на одредбите од ставот 1 и 2 од членот 149 од Законот за парнична постапка и судот нема право при примена на Тарифата да одредува кои износи од истата се нужни или потребни. Судот е единствено овластен превземените дејствија од адвокатот да ги подведе под соодветната одредба од Адвокатската тарифа и спротивната страна да ја задолжи со износите предвидени во тие одредби.
 
  1. Одредбите од член 1 од Адвокатската тарифа регулираат 2 правни ситуации:
  • Прва правна ситуација
Член 1 Став 1  – висината на наградата и трошоците на дадената правна помош одредени со Адвокатската тарифа.
  • Втора правна ситуација
Член 1 Став 2 – ставот 2 им остава можност адвокатот и странката слободно да ја договорат наградата и трошоците, како и начинот и средствата за плаќање, при што како долен лимит во тој договор се наведени износите на наградата и трошоците предвидени во Тарифата.
Одтука не е можно кумулативно применување на овие две одредби бидејќи се однесуваат на две различни ситуации.
Износите на наградата и трошоците регулирани во Адвокатската тарифа се задолжителни најниски износи и не спаѓаат во доменот на слободно договорање помеѓу адвокатот и странката.
Слободата на договорањето се однесува на договорена награда и на трошоците над износите предвидени со Адвокатската тарифа.
 
  1. Доколку адвокатот превзел одредено дејствие по повод постапката или во постапката, спротивната страна во постапката има обврска да ги надомести наградата и трошоците, доколку за тие дејствија тарифата предвидува награда и трошоци.
Па така:
  • – Спротивната странка има обврска да ги надомесува трошоците кои се предизвикани за адвокат кој има седиште надвор од општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд, независно дали во општината има адвокат.
  • – Спротивната странка има обврска на адвокатот да му ги надомести трошоците за застапување за закажано посебно рочиште за објавување на пресудата во смисла на член 324 став 4 од Законот за парнична постапка доколку адвокатот се јавил на рочиште, независно дали рочиштето се одржало или не се одржало, имајќи предвид дека таквото рочиште е предвидено согласно Законот за парнична постапка, а е тарифирано дејствие во член 8 став 1 точка 4 од Адвокатската тарифа.
  • – Изготвувањето на полномошно и трошковник е тарифирано дејствие по член 8 точка 9 од Адвокатската тарифа, и адвокатот има право на награда за тоа дејствие.
  • – Во постапка во која има повеќе учесници адвокатот има право на зголемување на наградата предвидена во член 8 точка 8 од Адвокатската тарифа, за секое наредно лице кое учествува во постапката, независно дали тие учесници ги застапува адвокатот или ги застапува друг адвокат или се застапуваат сами, како и за секое наредно лице од спротивната страна, кое зголемување се однесува за сите процесни дејствија.
  • – При делумен успех во спорот, тужителот има право да му се надоместат парничните трошоци пресметани според вредноста на побарувањето за кое успеал во спорот, а не процентуално, односно не на процентуалниот успех во однос на вкупното поставено тужбено барање од тужителот.
  • – Во случај на намалување на тужбеното барање од страна на тужителот во текот на траење на парницата, за висината на наградата и трошоците треба да се одлучи според вредноста на барањето за кое тужителот успеал во спорот.
  • – Во случај на одлагање на рочиштето заради причини на судот странката која е во обврска да ги надомести трошоците, е должна да ги надомести и трошоците за застапување за тоа рочиште затоа што адвокатот превзел дејствие за застапување на странката предвидено во Адвокатската тарифа.
 
  1. Одредбата од член 7 став 2 точка 4 од Адвокатската тарифа се применува за отсуство на адвокат од канцеларија независно дали кај адвокатот или во друштвото има вработени и други адвокати.
 
  1. Заради докажување дека се сторени трошоци за превоз со сопствено возило адвокатот доставува патен налог пополнет, со потпис и печат од негова страна, без било какви прилози.
 
***
Автентичното толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите е објавено во Службен весник на РМ број 111 од 02.07.2015 година. Истото можете да го превземете тука: .

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме