Адвокатската комора на Република Северна Македонија вчера, 23.03.2022 година, одржа свеченoст по повод новите деловни простории на Комората.
На настанот се обрати претседателот на Адвокатската комора, г-дин Љубомир Михајловски. Тој во своето обраќање ја истакна важноста на денешниот настан за адвокатите.
„Новите простории на Адвокатската комора ги одразуваат потребите на новото време, ги исполнуваат сите услови за работа, а потоа и доликуваат на една достоинствена и благородна професија како што е адвокатурата. Она што е особено значајно и би сакал да го истакнам е фактот што овие простории не се резултат само на заложбите на ова раководство, туку и на заложбите на претходните раковдства на Комората.
Нашата цел е професионална, моќна и модерна адвокатура, па затоа и во иднина едукацијата на нашите членови останува еден од врвните приоритети. Досега се одржани голем број на обуки самостојно, како и во соработка со домашни и меѓународни институции. Ова го потенцирам бидејќи токму во оваа сала во која што се наоѓаме денеска, во иднина ќе се одржуваат обуки. За таа цел, благодарен сум на досегашната исклучителна соработка со почитуваните меѓународни и домашни институции, но истовремено сум уверен дека оваа соработка и овој партнерски однос ќе продолжат и во иднина и ќе резултираат со уште поуспешни обуки и проекти“, порача Михајловски.
Претседателот на Адвокатската комора исто така ја потенцираше важната улога на адвокатурата која е од врвен интерес за општеството кое во својот највисок правен акт Уставот ја прокламира нејзина самостојност и независност.
„Македонската адвокатура која годинава ќе го прослави својот 77 роденден, останува најголем заштитник на човековите права и слободи, на еднаквоста и законитоста кои се суштински за една правна држава. Ова треба да биде пример за новите генерации адвокати, затоа што борбата за слободите и правата е постојана. И овие наши заложби кои ги славиме денеска, се всушност заложби за создавање на општествена реалност чиј највисок дострел е владеење на правото и демократијата“, истакна Михајловски.