„Почитувани колеги,
Почитувани гости,
Дами и господа,
Драги пријатели,
Почитувани претставници на Владата на РСМ, преставници од судовите, Нотарската комора, Комората на извршители, Правниот факултет „Јустинијан Први“... Денес имам посебна чест и задоволство што можам да Ве поздравам сите Вас и да ви се заблагодарам за Вашата соработка, помош и партнерство која ја имавме од Ваша страна како Адвокатска комора во текот на изминатиот период. Ја користам оваа прилика да ги поздравам и сите гости од повеќе странски земји кои се присутни на ова Годишно собрание на македонската адвокатура - Вашето присуство драги гости е одраз на долгогодишното пријателство и ја потврдува соработката на адвокатите од сите земји кои што се овде присутни, како и јасна порака дека адвокатите и во иднина ќе соработуваат, ќе разменуваат искуства и ќе си помагаат во работењето.
Деновите на македонската адвокатура се значаен настан за нас од причини што со одбележување на јубилејот всушност и потврдуваме дека остануваме на патот кој е јасно зацртан со Уставот и законите во нашиот правен систем, а тоа е заштита на правата и слободата на граѓаните.
Адвокатурата е неприкосновена уставна категорија, независна и самостојна професија кои се неопходни предуслови и гаранција за обезбедување непристрасна правна помош.
Управниот одбор на Адвокатската комора на Македонија изминатава година презема активности за целосно остварување на својата функција.
Продолжуваме да се залагаме за брз и ефикасен правен систем во кој странките ќе можат во најкраток период ефикасно и целосно да ги остварат своите права во различни постапки пред судовите и државните институции во сите сфери на општественото живеење. Големи напори се вложија и во обезбедување на законските права и вредности кои произлегуваат од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Свесни дека законите се менуваат, свесни дека и во иднина ќе се менуваат и прилагодуваат кон европските закони, Комората во изминатиот период презема чекори за едукација на нашите членови, како еден од врвните приоритети. Со гордост можам да истакнам дека само изминатава година беа одржани бројни обуки на кои учество земаа повеќе од 500 адвокати. Обуките се однесуваа на закони од повеќе области со различна содржина и истите беа со поддршка од Амбасадата на САД, Американската адвокатската комора, Советот на Европа, Академијата за судии и јавни обвинители, како и Фондацијата „Фридрих Екберт“, на кои во оваа прилика срдечно им се заблагодарувам.
Професионална, моќна и модерна адвокатура е нашата цел, па затоа и во иднина едукацијата на нашите членови останува еден од приоритетите, а за таа цел првпат овде официјално најавуваме дека во наредниот период ќе формираме Академија за адвокати.
Би сакал исто така да истакнам дека во тек е набавка на нов деловен простор со канцеларии и сала за обуки, каде покрај домашните предавачи, ќе одржуваат обуки и странски истакнати правници, експерти, професори, судии и обвинители.
Овие наши заложби се всушност заложби за создавање на општествена реалност чиј највисок дострел е вистинското владеењето на правото. И затоа дами и господа, во сите вас гледаме партнер кој ќе влијае на остварување на оваа цел!
Ви благодарам на сите вам, кои со своето присуство ја направивте оваа средба значајна и се надевам дека и во иднина ќе се гледаме за успеси и напредок, за модерна адвокатура и демократско општество“.