Адвокатска комора на Република Македонија, на 12 и 13 ноември во Охрид, во соработка и со финасиска поддршка на Советот на Европа под проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX) одржа обука на тема: „Клевета од аспект на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и примери од практиката на ЕСЧП“.
Предавачи обуката која предизвика огромен интерес меѓу адвокатите беа г. Никола Додевски, адвокат со долгогодишно искуство во областа и г-ѓа Ивана Роања, адвокат - Адвокатската комора на Италија и меѓународен експерт oд областа човековите права. Тие во своите поздравни зборови го нагласија значењето на овие обуки поддржани од Советот на Европа кои обработуваат мошне важна и актуелна тема, како од аспект на домашната судска практика така и од аспект на практиката на Судот во Стразбур.
На учесниците во рамките на првиот ден им беше презентирана нормативната рамка во домашното право и практика, како и клеветата во меѓународното право и праксата на Европскиот суд за човекови права. Осврт беше даден на односот клевета и јавните личности, како и на клевета и новинарите. Oсобен интерес меѓу учесниците предизвика прашањето по однос на интернет порталите и различната пракса во постапувањето на различни апелациони подрачја, како и праксата на ЕСЧП во однос на оваа проблематика.
На обуката беше посочено дека Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета ја гарантира слободата на изразување и информирање како една од битните основи на демократското општество. Ако судот со примена на одредбите од овој закон не може да реши определено прашање поврзано со утврдувањето на одговорноста за навреда или клевета, или ако смета дека постои законска празнина или судир на одредбите на овој закон со Европската конвенција за заштита на основните човекови права, врз начелото на нејзино предимство над домашното право ќе ги примени одредбите на Европската конвенција за заштита на основните човекови права и становиштата на Европскиот суд за човекови права содржани во неговите пресуди.
Во членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права - Слобода на изразување, кој е во фокусот на обуките на JUFREX, се пропишува дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите.
Остварувањето на овие слободи, што вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, за заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, за заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.Вториот ден од обуката беше посветен на практични вежби при што беа обработени повеќе случаи, како и на општите принципи на тужбата за клевета и одговор.
Обуката од страна на учесниците, адвокати од Скопје, Охрид, Струмица, Битола, Ресен, Прилеп, Тетово, беше оценета како успешна. Учесниците изразија потреба од организирање на обуки акцент на Европската конвеција за заштита на човековите како и неговата практиката на Европскиот суд за човекови права и во иднина.