Практична обука за Законот за кривичната постапка одржана во Велес

23 Мај 2018
На 18 и 19 мај 2018 година во х. „Гардениа“, во Велес во организација на Адвокатската комора на РМ (АКРМ) во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Македонија, Бирото за меѓународна борба против наркотици се одржа обука на тема  „Унапредување на адвокатските вештини во кривичната постапка“.



Претседателот на Адвокатската комора на РМ, г. Љубомир Михајловски во своето воведно излагање го потенцираше значењето на ваквите обуки чија крајна цел како што рече се достоинствени и квалитетни судења, првенствено во интерес на правдата.

Г. Џон Мекнил, правен советник во Амбасадата на САД во Македонија, поранешен јавен обвинител во САД со над 30 годишно искуство, во своето воведно обраќање забележа дека адвокатите треба повеќе да бидат вклучени во ваков тип на обуки, бидеjќи како што потенцираше адвокатите се есенцијален дел на правосудниот систем, адвокатите се тие кои преку одбраната на правата на индивидуални клиенти всушност се грижат за правата на сите граѓани да бидат заштитени, дека тие се чувари на индивидуалните слободи.



Од страна на г. Мекнил беа споделени искуства од  САД, како и согледувања од мониторирање на кривични постапки во судовите во Македонија во однос на текот на главната расправа.

„На секое судење во САД правилата се исти - обвинетиот е невин додека не се докаже дека е виновен. Tоварот на докажување е на обвинителството и тоа треба да докаже дека обвинетиот е виновен надвор од разумно сомнение, но до тогаш обвинетиот е невин. Во адверсијалниот систем, ако обвинителството не успее да обезбеди докази надвор од разумно сомнение, пресудата ќе биде ослободителна без оглед на мислењето на судијата, без разлика дали судијата смета дека лицето е виновно. Товарот на докажување лежи врз обвинителството“, истакна г. Мекнил.



Како една од аномалиите за вистинска реализација на постапката беше посочено и отсуството на тонско снимање на рочиштата и постојаното прекинување на мислата на странките. 

Во обуката како обучувач беше вклучена и г-ѓа Габриела Гајдова, судијка во Основниот суд Велес. 

Акцентирајќи ги проблемите со кои адвокатите се соочуваат во реалноста при практичната примена на Законот за кривичната постапка, учесниците како генерален проблем ја потенцираа нерамноправноста странките, односно нееднаквоста на оружјата во постапката. 



Во рамки на обуката беше спроведена симулација на судење со цел подобрување на вештините на адвокатите, особено во делот на директно и вкрстено испрашување.

На обуката присуствуваа адвокати од Велес, Неготино, Скопје, Тетово и Струмица. Обуката од сите адвокати учесници беше оценета како многу успешна. Тие исто така изразија потреба за организирање повеќе обуки од областа на ЗКП, но и од областа на други закони.

 

 

 

 

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме