Во присуство на бројни претставници на регионалните и европските адвокатски комори, претставници на правосудството, државните институции, домашната адвокатура, академската заедница и публицистика, како и пред бројни почитувачи на адвокатурата и правото, на 5 мај 2018 година, во хотелот „Изгрев“ во Струга, Адвокатската комора на Република Македонија свечено го одбележа јубилејот 73 години македонска адвокатура и го одржа 63. Годишно собрание на Комората во рамки на кое беше избран нов Управен одбор, нов претседател на Комората – г. Љубомир Михајловски-Џанго, како и нови членови на останатите органи на Комората. На настанот беше промовирана и монографијата „Адвокатурата во самостојна Република Македонија“, од авторот и адвокат Ставре Џиков, а под покровителство и со поддршка на Адвокатската комора на РМ.
Досегашниот претседател, г. Никола Додевски, во рамки на свечениот дел, во својот говор испрати порака за сочувување на независноста на македонската адвокатура и нејзино достоинствено одржување надвор од било какви влијанија. Тој потенцираше дека меѓусебното несогласување, ниските напади, меѓусебното непочитување се најсигурен пат за разнебитување на адвокатурата и порача адвокатите да не го одат тој пат.
„Во овој контекст, не помалку значајна е организираноста на адвокатите, колку сте поорганизирани, посплотени, толку сте поефикасни и посупешни. Тоа во досегашното работење, извршувајќи го вашите секојдневни обврски и должности, го докажавте, јас можам само да ви честитам на овој план и да ви ја да дадам мојата целосна поддршка во овој правец. Вие бевте креатори и на нормативата од оваа област и пошироко, со вашите активности учествувавте посредно и непосредно, бевте и сте активни и на меѓународен план и тоа го потврдувате и со денешното одбележување на деновите на македонската адвокатура на кое се присутни многу гости од значајни врвни институции и институции од државата, регионот и пошироко. Што е доказ за вашата успешност, за вашето етаблирање во системот“, рече претседателот на Уставниот суд на РМ, г. Ивановски.
„Одбележување на повеќе од 70 години постоење е историски настан, кој говори за опстојувањето и развојот на адвокатската професија. Адвокатите, преку нивната благородна улога како заштитници и борци за правда и праведност, всушност учествуваат во градењето на нашата таковина, нашата Македонија како демократска држава, која создава услови за обезбедување општествена одговорност и почитување на основните човекови права и слободи на сите граѓани подеднакво. Македонската адвокатура, вашата адвокатска професија денес е етаблирана како јавна, самостојна и независна служба во согласност со Уставот на РМ. Дозволете ми да ја изразам сета почит на премиерот и на Владата за вас, припадниците на современата адвокатска професија. Со својата работа и посветеност ги продолжувате традициите на зачетоците на македонската адвокатура, водејќи се единствено од начелото заштита на правата и слободите на граѓаните“, истакна г-ѓа Чачарова-Илиевска, подвлекувајќи дека Владата во адвокатурата гледа рамноправен партнер, кој како заштитник на граѓаните ќе влијае на создавањето општествена средина, каде се спроведуваат принципите на владеењето на правото, јакнење на независноста и професионалноста на судиите и останатите правосудни органи.
„Кој нема историја, нема ниту иднина. Латинската изрека „verba volant, scripta manent“, исто така може да се примени. Она што не го наоѓаме во зборовите и книгите за 20, 50 или 100 години нема ни да постои. Поради тоа им честитам на сите колеги адвокати, но и на вас кои сте овозможиле книгата да се реализира“, истакна тој.
„Иако ја практикуваме адвокатурата во различни држави, ние не само што имаме исти цели и задачи, ние имаме е и исти проблеми. За да можеме успешно да ги решиме задачите кои сме си ги поставиле и да ги постигнеме целите, да ги решиме проблемите, треба да сме обединети, обединети во борбата не само за заштита на правата и интересите на граѓаните, но и за заштита на основните принципи на адвокатската професија“, истакна г-ѓа Негенцова.
„Чест и задоволство ми е да присуствувам на одбележувањето на 73 годишнината од постоењето на македонската адвокатура. Безбројни се соработките на Адвокатската комора на РМ и Адвокатската комора на федерацијата БиХ во насока на зајкнување на позицијата на адвокатурата, но ова не е прилика да ги набројувам и елаборирам. Она што сакам да го направам е во име на адвокатите, стручните соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на федерацијата БиХ да ви ја честитам 73-та годишнина и да ви посакам успех“, рече г. Даутовиќ.
„Сите нас не мачат исти проблеми и јас би сакал вие на вашиот јубилеј да ги избегнете проблемите кои ја мачат Адвокатската комора на Србија. Ви посакувам да имате добра соработка со Владата, бидејќи тоа е од исклучително значење за професијата. Очекувајте ја секако поддршката од Адвокатската комора на Србија и сите нејзини членови. Ви посакувам успешна работа!“, истакна г. Цвејиќ.
„Се надевам дека ќе го завршите денот достоинствено. Дека ќе ги изберете оние кои ќе ве претставуваат на начин на кој до сега тоа го правеа досегашните ваши претставници и претседателот Додевски на кој сакам да му честитам на она што го направи за адвокатите, не само за македонските, туку за адвокатурата воопшто. Кога говориме за адвокатурата мораме да бидеме свесни дека сѐ она што се случува во една комора има и тоа како последици врз адвокатите и адвокатските комори во регионот и во Европа, бидејќи сме сведоци дека нѐ мачат исти проблеми, само во различни временски периоди и дека само она што денеска повеќе пати од оваа говорница беше потенцирано и кое упорно во последниот период го поворуваме - единството во борбата за независност и самостојност на адвокатурата може да не одржи таму каде и навистина припаѓаме“, истакна г-ѓа Бјелетиќ.
„Навистина е значајно што се среќаваме тука и ги одржуваме нашите пријателски односи. Размената на искуствата и погледите помеѓу коморите е од исклучително значење за адвокатурата во регионот и Европа. Драги македонски колеги ми преставува особена чест и задоволство да ве поздравам од името на словенечки адвокати и да ви посакам успех во вашето професионално работење и воедно да ви ја честитам 73 годишнината!“, истакна г-ѓа Дрол.
„Се надевам дека оваа одлична соработка ќе продолжи и понатаму и со македонската, но и со другите комори од регионот и пошироко. На Адвокатската комора на РМ и посакувам успех во својата работа, а на г. Никола Додевски му посакувам успех во својот живот и чувствувам должност да ја истакнам тесната соработка која ја имавме и се надевам дека истата и понатаму ќе продолжи. Она што е најбитно за нас како адвокати и треба да се потенцира е дека адвокатите се амбасадори во застапувањето на човековите права и не треба нас да нѐ делат никави разлики“, порача г. Хаволи.
„Исклучителна чест и задоволство ми е да ве поздравам во име на адвокатите на Црна Гора и на претседателот Беговиќ. На домаќинот му посакувам среќен јубилеј, а на сите вас професионален упех. Ваквите средби барем за миг не потсетуваат на некои времиња кога бевме многу поблиски отколку што сме денес. Овие настани допринесуваат за поголема слога, толеранција, не само помеѓу нас колегите, туку и помеѓу нашите народи и држави“, рече г. Распоповиќ.
Свеченоста беше финализирана со концерт на светски познатиот гитарист Влатко Стефановски.
ИЗБРАНИ НОВИ ЧЛЕНОВИ НА ОРГАНИТЕ НА КОМОРАТА
Во рамки на 63-тото Годишно собрание, кое исто така беше одржано на 5 мај, Собранието избра нов Управен одбор, како и членови на Надзорниот одбор, Дисциплинскиот суд, Дисциплински обвинител и Жалбениот совет. На конститутивната седница, новиот Управен одбор едногласно го избра адвокатот Љубомир Миахајловски-Џанго, за нов претседател на Адвокатската комора на РМ.
За членови на Управниот одбор беа избрани:
- ЉУБОМИР МИХАЈЛОВСКИ-ЏАНГО (претседател), адвокат од Скопје
- БЕСИМ РЕЏЕПИ (заменик претседател), адвокат од Гостивар
- ЈЕЛЕНА РИСТИЌ (заменик претседател), адвокат од Скопје
- ЖАНА КУЗМАНОВСКА (член), адвокат од Скопје
- ГОРДАНА МИТОВСКА (член), адвокат од Скопје
- СТЕВЧЕ ГЛИГОРОВ (член), адвокат од Скопје
- ДИМИТАР ПАНЧЕВСКИ (член), адвокат од Скопје
- ВЛАДИМИР СТОЈКОСКИ (член), адвокат од Струга
- СТОЈАН ПРЕНЗОСКИ (член), адвокат од Охрид
- ЖИВКО АЈТОВ (член), адвокат од Кавадраци
- НИКОЛА ПЕТРОВ (член), адвокат од Струмица
- ВАНЕ АНДРЕЕВ (член), адвокат од Струмица
- ДОНЕ КУЗМАНОВСКИ (член), адвокат од Битола
- НИКОЛА ГЛАВИНЧЕ (член), адвокат од Битола
- АЛЕКСАНДАР СИМЈАНОВСКИ (член), адвокат од Тетово
- ОЛИВЕР ГАШЕВ (член), адвокат од Велес
- ДАРКО ЏОРЛЕВ (член), адвокат од Штип
За членови на Надзорниот одбор беа избрани:
- НЕНАД ТРИФУНОВСКИ, адвокат од Тетово
- НИКОЛА АРСОВСКИ, адвокат од Скопје
- ВЛАТКО РИСТОВСКИ, адвокат од Скопје
Заменици на Надзорен одбор:
- БОЈАНА НЕТКОВА, адвокат од Скопје
- ЛИДИЈА РИСТОВСКА, адвокат од Скопје
- ГОЦЕ ТАСКОВ, адвокат од Свети Николе
За Дисциплински обвинител на АКРМ беше избран:
- КИРИЛ ГОЏИРОВ, адвокат од Струмица
За заменици на Дисциплинскиот обвинител беа избрани:
- РИСТО КАРКАЛАШЕВ, адвокат од Гевгелија,
- ИЛИЈАНА МАКАРОВСКА, адвокат од Скопје
- АЛЕКСАНДРА БОИНСКА, адвокат од Скопје
За членови на Дисциплинскиот суд беа избрани:
- КИРИЛ КОЛЕМИШЕВСКИ, адвокат од Скопје
- ФИЛИП ФИЛИПОВСКИ, адвокат од Гостивар
- ИЛИЈА ЧЕКОРОВ, адвокат од Кавадарци
За членови на Жалбен совет беа избрани:
- БИЛЈАНА ЈАНДРИОВСКА, адвокат од Скопје
- МИРЈАНА ГЕРАЗОВСКА, адвокат од Скопје
- ВАСИЛ АРАБАЏИЕВ, адвокат од Струмица
- ЗЛАТКА ДЕНКОВСКА, адвокат од Скопје
- ЈОВАН БАКАРЏИЕВ, адвокат од Скопје
За заменици на Жалбен совет беа избрани:
- РЕНАТА МИЛАДИНОВСКА, адвокат од Скопје
- СЛАВИЦА МИТКОВСКА, адвокат од Неготино
- ТАТЈАНА СОКОЛОВСКА, адвокат од Скопје
- ЗОРАН СТОЈАНОВСКИ, адвокат од Тетово
- ТРАЈЧЕ МИТЕВСКИ, адвокат од Кавадарци