СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАНИ ДЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА АДВОКАТУРА: „Повеќе од седум децении, адвокатите се бескомпромисен заштитник на човековите права“

13 Мај 2017

Денеска во Скопје пред бројни претставници на регионалните и европските адвокатски комори и сојузи, пред претставници на правосудството, државните институции, домашната адвокатура, академската заедница и публицистика, како и пред бројни почитувачи на адвокатурата и правото, Адвокатската комора на Република Македонија го одбележа јубилејот 72 години македонска адвокатура и го одржа 62. Годишно собрание на Адвокатската комора на Република Македонија.

Поаѓајќи од историскиот развој на македонската адвокатура, проткаен со имињата на епопејата на македонските адвокати-револуционери чии дела се вградени во изградбата на македонската држава и адвокатура, на почетокот на настанот беше нагласено дека историјата на македонската адвокатура е заснована врз исклучителниот ентузијазам и врз борбата за општествена правда, човекови права и слободи. Адвокатите секогаш биле знаменосци во борбата за човековите права и слободи и нивниот пат до правдата никогаш не бил лесен. Повеќе од седум децении, македонската адвокатура го гради својот пат на бескомпромисен заштитник на правата на граѓаните.

Континуитетот на македонската адвокатура низ различните времиња на своето етаблирање, како што беше нагласено, секогаш се засновал врз идеите за заштита на правата и слободите, вредност што и во иднина мора да претставува водилка кон која ќе се стремат заштитниците на човековите права.

Во историскиот развој на македонската адвокатура, уште во предасномскиот период, запишани се имињата на голем број адвокати од Македонија чии дела се вградени во изградбата на македонската држава и адвокатура. Актот, пак, кој означува продолжување на македонските адвокатски традиции и формално-правно втемелување на македонската адвокатура, врз основа на Повелбата за устројство на редовните народни судови на федерална Македонија, е донесен на 16 јуни 1945 година, од страна на Министерскиот совет при АСНОМ, по предлог на министерот за правосудство, револуционерот и адвокат д-р Павел Шатев, чие име денес го носи Академијата за судии и јавни обвинители.

Функцијата прв пoвeрeник за правосудство на Македонија ја извршува охридскиот адвокат Петре Пирузе-Мајски во периодот од 1944 до 1945,  кој дава исклучителен и единствен придонес за втемелувањето на македонскиот правосуден систем и адвокатура и чиј потпис, како министер повереник за правда, на 7 декември 1944 година стои на решението на Президиумот на АСНОМ, со кое се регулира привремениот статус на Адвокатската комора.

„Адвокатите секогаш биеле битки за човековите права и слободи и биеле битки за она што претставува адвокатот во општеството – заштитник на правата на граѓаните. Но, тие битки секогаш биле предизвик за адвокатите затоа што нивната професија подразбира посветеност и храброст“, беше истакнато на денешниот настан.

Адвокатурата е гаранција за основните слободи и права на граѓаните и како уставна категорија, таа е дефинирана како самостојна јавна служба. Адвокатурата, се пропишува во членот 53 од Уставот на РМ, е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Адвокатите, беше истакнато на денешниот свечен јубилеј, се вистинските заштитници на правата на граѓаните, достоинствено грижејќи се за еднаков третман на сите странки во постапките и за почитување на законските права и вредности кои произлегуваат од Уставот на Република Македонија, од Европската конвенција за заштита на човековите права и од поширокиот корпус на конвенциското право.

Се заборава, беше истакнато на настанот, дека во постапките постојат две страни и тоа сосема рамноправни и дека адвокатите се една од тие рамноправни страни. Перманентна е борбата на адвокатите секогаш да имаат еднаков третман.

„Тоа е ултимативно барање на сите прописи, на домицилните закони и меѓународните конвенции, како и на практиката на Европскиот суд за човекови права. Еднаквоста на оружјата, еднаквиот третман на странките, почитувањето на пресумпцијата на невиност се височини што адвокатите секојдневно ги освојуваат“, беше потенцирано на свечениот јубилеј.

Адвокатурата, истакна претседателот на АКРМ, Никола Додевски, мора да го добие вистинското и заслужено место во општеството, сè со цел граѓаните да бидат оние на кои ќе им бидат заштитени правата, а правната сигурност преку адвокатите да биде начело и гаранција за остварување на правата и слободите.

Во таа насока, претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Никола Додевски, посочи дека денес адвокатите се соочуваат со неквалитетни  законски решенија, но и со недоследна примена на законодавството во поширок контекст.

„Имаме ситуација во кривичното законодавство со супер моќен обвинител, а слаб бранител. Бараме ваквите закони да се изменат и да се усогласат со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи. Бараме доследна примена на законите, а не нивна примена до степен на стигматизација на адвокатите. Бараме да се престане со дисперзирањето на судските надлежности таму кај што не треба“, нагласи Додевски.

Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија посочи дека адвокатурата е постојано напаѓана од, како што рече, мала група која ја негира адвокатурата и која сака да ја приграби работата на адвокатите. Денес има подобрување на законодавството во овој поглед, но повторно нападите кон адвокатурата продолжуваат и тоа за она што адвокатите според Уставот и законите треба да го работат, а кое во минатото неправедно им беше одземено.

Адвокатурата, истакна Додевски, е професија која вработува најмногу млади правници, која дава  најмногу можности за младите правници и која е секогаш отворена кон нив за нивно вработување и професионален развој.

„На разни форуми и средби низ Европа, често за нападите врз адвокатурата се посочува една реплика од Шекспировото драматуршко творештво која вели – да ги убиеме адвокатите. Но ние нема да го дозволиме тоа, тоа убиство ќе остане само во обид“, истакна Додевски.

Покрај претседателот на АКРМ, на денешниот свечен јубилеј и годишно собрание се обратија: Ранко Пелицариќ, трет потпретседател на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE), Јово Вангеловски, претседател на Врховниот суд на Република Македонија, д-р Џемали Саити, претседател на Здружението на судии на Република Македонија, Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Спасенка Андонова, претседател на Здружението на јавни обвинители на Република Македонија.

Ранко Пелицариќ, трет потпретседател на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE), го поздрави говорот на претседателот на АКРМ, Никола Додевски, потенцирајќи дека проблемите со кои се соочува македонската адвокатура се и регионални проблеми и во таа насока, заложбите на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа се адвокатурата да го добие своето заслужено место во општеството.

„Улогата на адвокатот, без оглед дали е ангажиран од поединец, од корпорација или од држава, е улога на советник и застапник од доверба, професионалец кој ужива почит од трети лица и неопходен учесник во праведното делење правда“, истакна Пелицариќ.

Поздравувајќи го денешниот настан, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јово Вангеловски, истакна дека тој голем дел од својата професионална кариера поминал во адвокатурата, која како професија и уставно дефинирана јавна служба има клучно значење и улога во македонското правосудство.

Д-р Џемали Саити, претседател на Здружението на судии на Република Македонија и судија во Врховниот суд на Република Македонија, го поздрави денешниот јубилеен настан, честитајќи им го на македонските адвокати денот што ги означува нивната традиција и историски континуитет.

Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, нагласи дека за почитување на принципите на фер постапка, клучен е принципот на еднаквост на оружјето. Ако нема еднаквост, рече Арнаудовска, адвокатите ќе функционираат во вакуум, што никако не придонесува за правично судење и заштита на правата на граѓаните. Во таа смисла, судиите се тие, рече Арнаудовска, што треба да обезбедат фер постапување.

Спасенка Андонова, претседател на Здружението на јавни обвинители на Република Македонија, подвлече дека јавните обвинители, судиите и адвокатите мора заедно да го заштитуваат човековото достоинство, а во насока на почитување и применување на принципите на владеење на правото.

Денешниот свечен јубилеј по повод 72-годишнината од македонската адвокатура беше заокружен со концерт на камерниот хор „Триангл“ кој ја изведе македонската народна песна „Зајди, зајди“, како и песните „Адиамус“ од Карл Џенкинс, „Танго до балчак“ од Дуке Бојаџиев  и Кармина Бурана „О фортуна“ од Карл Орф. Камерниот хор „Триангл“ е составен од професионални оперски пејачи предводен од Десанка Глигоријевиќ и Андреј Наунов.


Извор: Академик / Објавено: 13.05.2017

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме