Шеесет и еден нов адвокат во рамки на свечена церемонија која се одржа на 15.03.2017, во Скопје, се здобија со лиценци за вршење на адвокатската дејност во мартовска сесија 2017 година.
На свеченоста се обрати претседателот на Адвокатската комора на РМ (АКРМ), г. Никола Додевски, кој истакна:
„Колеги она што сакам најпрвин да ви го порачам е дека адвокатите треба да се храбри, од никого да не се плашат. Напади ќе има, има и сега, имало и во минатото, но ние сме опстојувале и сметам дека нападите нѐ прават посилни и посложни. И вие како нови адвокати треба да се поддржувате меѓусебно, но да ја поддржувате и Адвокатската комора на РМ и верувајте ми дека токму такво однесување е најдобар пат кон успехот. Ако ставовите се единствени, иднината на адвокатурата на Република Македонија е сигурна. За тие што се случајно влезени, тие што не припаѓаат на оваа професија, селекцијата ќе ја направи клиентот. Клиентите знаат да ценат што е стабилна адвокатура, што е сигурна правна помош. За тоа да биде така сакам ви укажам на неколку работи кој што ве молам да ги запомните кога ќе излезете од оваа свеченост, која е важен настан за секој од вас. Во судница секогаш влегувајте културно облечени. Во овој контекст, се спремаат нови тоги, што значи дека и вие ќе бидете облечени во тога како јас денеска, бидејќи тоа е законска обврска и наскоро ќе го гледате кај сите колеги. Запомнете, адвокатите треба да бидат препознаени, но пред сѐ со однесувањето и почитувањето на колегите од спротивната страна, со културно однесување. Вие положивте етика, па не би сакал повторно да ги повторувам истите работи.
Секој ден, наутро кога ке влезете во канцеларија отворајте ја веб страницата на Адвокатската комора на Република Македонија, таму ќе прочитате за активностите на Комората и ќе знаете што се подготвува за ваше усовршување, за ваша обука, за различни настани, но и за други правни работи кои ве засегааат, како што се: активностите на Европската асоцијација на адвокатите (CCBЕ), каде Комората е членка, ставови на Европскиот суд за човекови права и сл. Ние сме должни да градиме современа европска адвокатура, а вие младите правници не само што треба да учествувате во тој процес, туку треба да ви биде и предизвик и да знаете дека тоа е вистинскиот пат кон успехот. На судењата ќе се користите со практиката на Европскиот суд за човекови права, ќе покажете дека таа постои и ќе ги натерате заради вас адвокатите, како што е и тоа правилно, да почнат да учат и другите инволвирани страни, а потоа и да ги применуваат правилата секогаш заради заштита на правата на граѓаните.
Има многу други работи на кои што сакам да ви укажам, а пред сѐ дека од вас зависи каде ќе се котирате во адвокатурата. Во судница кога влегувате секогаш треба да бидете најподготвени, да го знаете предметот подобро и од судијата кој што го работи. Зошто? Затоа што можете тоа да го направите и морате бидејќи вие зависите од клиентот, вас ви зависи приходот и егзистенцијата од тоа како ќе се покажете во судницата, колку нови клиенти ќе привлечете ако застапувате совршено,ако застапувате подготвено... Тоа вие сигурен пат до успехот во адвокаурата и уште многу споредни патеки кој што ќе ги изодите. Немојте да очекувате дека ќе ви цветаат рози на тие споредни и главни патишта. Во адвокатурата треба бидете подготвени на многу удари, само немојте да дозволите тие удари да си ги нанесувате меѓусебно со колегите. Бидете достоинствени во адвокатурата!“
Адвокатите дадоа свечена заклетва дека должноста ќе ја вршат совесно и дека ќе се придружуваат на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека во сите свои постапки ќе внимаваат на угледот на адвокатурата како јавна служба.