Работна средба на Адвокатската комора и Министерството за правда: Дијалог за унапредување на правосудниот систем

25 Август 2026

Претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Лазо Ѓорѓиевски, заедно со заменик-претседателот Дарко Георгиев, на 24 Август 2026 година оствари работна средба со министерот за правда, Јетон Шасивари, на која беа разменети мислења за актуелните состојби во правосудството, реформските процеси и можностите за натамошно унапредување и продлабочување на институционалната соработка.

На почетокот на средбата, претседателот Ѓорѓиевски му упати честитки на министерот Шасивари по повод неговото именување, посакувајќи му успешен мандат и успех во остварувањето на поставените цели. Воедно, изрази уверување дека Министерството за правда и Адвокатската комора ќе градат плодна и конструктивна соработка, втемелена на заемна почит, професионален дијалог и заедничка определба за унапредување на правосудниот систем.

Претседателот Ѓорѓиевски изрази благодарност за срдечниот и пријателски прием, како и задоволство од отвореноста на министерот за суштински дијалог со адвокатурата. Министерството за правда претставува важна поврзувачка алка меѓу институциите и сите релевантни чинители, поради што заемната доверба, континуираната комуникација и партнерскиот пристап се основа за успешно спроведување на реформите.

Во духот на ваквата соработка, беше разговарано за активно и навремено вклучување на Адвокатската комора во работните групи на Министерството за правда, преку учество на нејзини претставници. Комората обединува бројно членство и адвокати со долгогодишно професионално искуство, што претставува значаен стручен потенцијал во креирањето и спроведувањето на реформите.

Адвокатите, како практичари и непосредни учесници во правосудниот систем, располагаат со драгоцено практично искуство во примената на законските решенија и препознавањето на предизвиците што произлегуваат од нивната имплементација. Спојот на стручното знаење, професионалното искуство и непосредната практика може да придонесе кон креирање поквалитетни и одржливи законски решенија.

Во разговорите беше опфатено и прашањето за поголема инклузивност во правосудниот систем, особено во контекст на улогата на Академијата за судии и јавни обвинители и потребата од препознавање и вреднување на различните професионални искуства.

Во таа насока, Адвокатската комора повторно ја истакна иницијативата искусни адвокати, согласно однапред утврдени критериуми, да имаат можност да бидат избирани за судии и јавни обвинители. Нивното практично искуство, познавањето на судските постапки и долгогодишната примена на правото можат да претставуваат значаен придонес кон унапредувањето на стручноста и квалитетот во правосудниот систем.

Во текот на средбата беше потврдена подготвеноста за натамошна комуникација и заедничко делување, со уверување дека професионалната синергија меѓу институциите и правните професии е неопходна за градење функционален, ефикасен и современ правосуден систем.

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Email: lawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме