ИЗВОР: АКАДЕМИК / ОБЈАВЕНО: 11.05.2018
„На адвокатурата ѝ е потребно професионално издигнување на највисоко ниво“ – Интервју на претседателот на Адвокатската комора на РМ, Љубомир Михајловски за Академик
Мојата првенствена заложба ќе биде зајакнување на квалитетот на адвокатурата преку создавање законски решенија во интерес на адвокатите и граѓаните, преку еднаква положба на адвокатите во постапките, преку учество на адвокатите во подготовката на прописите, преку континуирана едукација на адвокатите, преку надминување на проблемите со кои се соочуваат или со кои би се соочиле во понатамошниот период, потоа преку меѓународна и регионална соработка на АКРМ и преку обезбедување на подобри услови за работата на Комората“, вели во интервјуто за Академик новиот претседател на АКРМ, Љубомир Михајловски-Џанго.
На адвокатурата, нагласува првиот човек на АКРМ, ѝ е потребно професионално издигнување на највисоко ниво, особено во поглед на стручноста, етичноста и односот со клиентите, но и соработката со институциите во кои ги застапуваат своите клиенти.
„Во таа насока, сакам да нагласам дека секојдневната работа на адвокатите подразбира и комуникација со разни државни органи, а тоа се најчесто институции во кои ги застапуваат граѓаните и своите клиенти, било да бараат некои свои права или заштита на нивните интереси и слободи кога се прекршени. Оттука, важно е и прашањето за односот на адвокатите со овие институции од судската и извршната власт, но и прашањето за почитување на улогата на адвокатурата од страна на овие институции. Имено, улогата на адвокатите е јасно дефинирана и во Уставот на РМ, во законодавството и во прописите и таа претставува клучниот дел од правосудниот систем во однос на заштита на човековите права“, истакнува Михајловски.
Адвокатите, додава претседателот на АКРМ, мора да бидат кредибилни, мора да бидат стручни и мора да бидат информирани и во тек со промената на законите коишто се носат во текот на нивното работење.
„Во врска со законите, сакам да истакнам дека се во тек многу реформски промени на закони, за кои како АКРМ и како адвокати ќе преземеме дејствија за активно да учествуваме во изготвувањето на новите закони, или пак во изготвувањето на нивните измени. Во редовите на адвокатите има многу стручни колеги кои можат да дадат исклучителен придонес за изготвување на многу квалитетни законски решенија“, истакнува Михајловски.
„Да нагласам дека досега кај Владата има слух и разбирање и активно сме вклучени во сите дебати, расправи и активности во врска со подготовката на законите. Ние се заложуваме законите кои ќе се донесат понатаму да бидат применливи и да немаат чести измени кои ја доведуваат во прашање правната сигурност, која пак како начело е потребна за владеењето на правото“, додава Михајловски.
Претседателот на АКРМ вели дека за квалитетна адвокатура потребна е и поголема техничка опременост на адвокатите и на Адвокатска комора, како и континуирана едукација преку реализирање на квалитетни обуки посветени на практични теми од работењето на адвокатите.
„Новото време бара од адвокатите да се технички и стручно оспособени за комуникација со институциите, пред сè со судовите, преку новите технички достигнувања, и на тој план адвокатите мора да се усовршуваат. Истото се однесува и на Адвокатската комора“, вели Михајловски, истакнувајќи дека како Комора ќе вложат големи напори за модернизација на адвокатурата.
Понатаму, нагласува Михајловски, за континуирана едукација АКРМ презема мерки и преку разни обуки, семинари и работилници врши и понатаму ќе врши едукација на адвокатите, што е голем придонес за нивното успешно работење.
„Овие обуки и семинари се поддржани и од меѓународниот фактор, како што се: Амбасадата на САД и Советот на Европа. Обуките се со различна содржина и се одвиваат најчесто практично. Обуките се честопати во мешан состав, што подразбира дека на нив се присутни и судии, обвинители или учесници од други правосудни и академски институции или организации, кои придонесуваат за практичното усовршување на адвокатите. Ваквиот стил на обуки е од големо значење посебно за младите адвокати кои во иднина треба да ја дадат најголемата сила на адвокатурата, како по квалитет така и по развој и оформување на идните генерации адвокати што ќе доаѓаат“, образложува претседателот на АКРМ.
Тој истакнува дека како Комора ќе бидат подготвени не само за соочување со дневните проблеми на адвокатурата, туку и со проблемите кои ќе се појават на подолг рок. Проблемите на адвокатите, вели Михајловски, можат да се поделат на дневни, краткорочни проблеми и проблеми на подолг рок, односно кои ќе се јават понатаму, а кои како адвокати мораме да ги пресретнеме.
„Секојдневните проблеми се околу финансирањето на дневните потреби за вршење на дејноста на АКРМ, потребата од зајакнување на кадровскиот потенцијал на Комората и нејзината техничка опременост, како и финансирањето на обуките. Очекуваме и проблеми кои се подолгорочни, а тие се однесуваат на улогата на адвокатите во правосудниот систем, за што се потребни многу разговори и средби со раководните структури на институциите од извршната и судската власт, а сè со цел улогата на адвокатот во правосудниот систем да добие во квалитет. Ова значи дека во периодот што следува ќе се преземаат големи напори за надминување на овие состојби, особено во поглед на подготовката на законски решенија во интерес на адвокатите како бранители на човековите права и слободи“, вели Михајловски.
Покрај стремежите за модернизација на адвокатурата, која е приоритет на АКРМ и за која тековно се заложува, Михајловски вели дека АКРМ ќе ги продолжи историските традиции на македонската адвокатура преку прифатените принципи на работа кои се и правно дефинирани во законодавството и во документите на Комората.
Во врска со начинот на избор на претседател на АКРМ, Михајловски образложува дека делегатскиот модел постои со декади наназад. Овој систем, оценува Михајловски, функционира и моето мислење е дека е добар бидејќи со него му е дадена можност на секој адвокат во РМ да може да биде избран било во Управниот одбор на Комората или во сите други органи и тела кои се во Адвокатската комора.
Управниот одбор го избира претседателот на АКРМ. Собранието на АКРМ, кое го сочинуваат претставници на адвокатските заедници т.н. делегати, ги избира членовите на Управниот одбор. За изборот на делегати, пак, претходно гласаат самите адвокатски заедници сочинети од сите адвокати во земјава. Според тоа, посочува Михајловски, ваквиот широк изборен модел е многу транспарентен.
Во својата порака до адвокатите новиот претседател на Адвокатската комора на РМ нагласува дека е потребно да има соработка и единство. За остварување на нашите цели како Комора и како адвокати потребно е да има единство помеѓу сите адвокати во државата, што ќе придонесе за јакнењето на адвокатурата и за нејзината независност и самостојност.