Од Нотарската комора на Република Македонија велат дека повторно не се подготвени за примената на Законот за нотаријатот. Адвокатската комора ги оценува ваквите изјави на Нотарската комора како барање на изговори и обид за опструкции на законското решение кое првенствено е во корист на граѓаните.
Нотарската комора вели дека повторно не е подготвена за Законот за нотаријатот, а Адвокатската комора вели нотарите да не бараат изговори
Примената на Законот за нотаријат, истакнува Васил Кузманоски, в. д. претседател на Нотарската комора на Република Македонија, е едно од актуелните прашања со кои се соочува Нотарската комора. Комората, вели Кузманоски, не е подготвена за примена на Законот за нотаријатот кој треба да започне да се применува од 1 јануари.
„Не сме подготвени за примената на Законот. Не се подготвени ниту подзаконските акти, ниту регистрите, ниту софтверот. Краток е периодот. Од тие причини повторно бараме одложување на Законот. Но, ако државата, односно законодавецот, реши дека мора да се спроведе Законот и дека нема да има одложување, ќе направиме напори да се подготвиме“, вели Кузманоски.
Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Никола Додевски, оценува дека Нотарската комора очигледно прави опструкции на примената на Законот за нотаријатот, постојано барајќи изговори за негово одложување, без при тоа да има аргументи.
„Ниту на адвокатите, ниту на нотарите не им е потребна каква било подготовка за примена на Законот за нотаријатот: адвокатите продолжуваат да си ја вршат работата што отсекогаш ја вршеле, а нотарите престануваат да ја вршат работата што досега ја земаа од адвокатите“, истакнува Додевски, додавајќи дека Законот од први јануари ќе мора да се применува, а изговорите за неподготвеност за акти, или пак за софтвер, никако не може да се земат како сериозни.
Со последните измени на Законот за нотаријатот се одложи неговата примена и наместо да започне да се применува по четири месеци од денот на неговото влегување во сила, се предвиде да започне да се применува од 1 јануари 2017 година.
„Целта на измените е овозможување на доволно време Нотарската комора на Република Македонија и големите доверители кои обезбедуваат комунални услуги да го усогласат своето работење со новиот Закон за нотаријатот“, беше посочено во законското образложение.
Паралелно со одложувањето на Законот за нотаријатот во месец август, се одолжи и Законот за извршување. Претседателот на Комората на извршители, при презентацијата на Годишниот извештај на Комората, истакна дека извршителите и при одложувањето на Законот биле подготвени за неговата примена.
„Поради неподготвеноста на Нотарската комора за примената на Законот за нотаријатот, кој беше врзан за нашиот закон, се одложи примената и на Законот за извршување. Би било штетно повторното одлагање“, истакна Петрески.
При предложувањето на Законот за нотаријатот минатата година, од Министерството за правда истакнаа дека со Законот ќе се унапреди функционирањето на нотаријатот, ќе им се обезбеди побрз пристап на граѓаните до правдата и ќе се зголеми степенот на правната сигурност во правниот промет.
Можноста уписниците како деловни книги нотарите да ги водат во електронска форма, Книгата за потписи, донесувањето на подзаконските акти, присуството на адвокати при постапката за расправање на оставина, составување на нотарски и изготвување на приватни исправи, се едни од новните во Законот за нотаријатот.