Јубилејот 71 година македонска адвокатура, со кој се одбележува создавањето на Адвокатската комора на РМ, и 61-вото Годишно собрание на Адвокатската комора на Република Македонија се одржаа во Охрид.
Историски традиции и вредности
Актот кој означува втемелување на македонската адвокатура, врз основа на Повелбата за устројството на редовните народни судови на федерална Македонија, донесен е на 16 јуни 1945 година, од страна на Министерскиот совет при АСНОМ, на предлог на министерот за правосудство, револуционерот и адвокат д-р Павел Шатев, чие име денес го носи Академијата за судии и јавни обвинители.
Функцијата прв пoвeрeник за правосудство на Македонија ја извршува охридскиот адвокат Петре Пирузе-Мајски во периодот од 1944 до 1945, кој дава исклучителен и единствен придонес за втемелувањето на македонскиот правосуден систем и на адвокатура и чиј потпис, како министер повереник за правда, на 7 декември 1944 година стои на Решението на Президиумот на АСНОМ со кое се регулира привремениот статусот на Адвокатската комора.
Континуитетот на македонската адвокатура низ различните времиња на нејзиното историско практикување до нејзиното формално етаблирање во асномска Македонија е заснован на идеите за заштита на човековите права и владеењето на правото, беше истакнато на настанот.
Адвокатурата е клучниот фактор за владеењето на правото
Адвокатите се заштитници на правата на граѓаните на Република Македонија. Тие ги бранат правата на клиентите и достоинствено се грижат за еднаков третман на сите странки, за почитување на законските права и вредности кои произлегуваат од Уставот и од Европската конвенција за заштита на човекови права.
Адвокатите се борат секогаш во учеството во постапките да имаат еднаков третман бидејќи, како што вели претседателот на АКРМ, Никола Додевски, тоа е барање и обврска на домашното законодавство, на меѓународното и конвенциското право, како и од практиката на Европскиот суд за човекови права, особено од аспектот на еднаквоста на оружјата, еднаквиот третман на страните и почитувањето на пресумпцијата на невиност.
„Адвокатурата е неодминлив, рамноправен и клучен фактор за владеењето на правото. За жал, тоа многу често се заборава. Се заборава дека во постапките постојат две страни. Двете страни се сосема рамноправни, а адвокатите се една од тие две рамноправни страни. Во процесот на враќање на ингеренциите на адвокатурата вложени се исклучително големи напори. Во принцип, во сето она што го прават адвокатите во својата работа наидуваат на тешкотии. Но, тоа е судбината на адвокатурата – да ги совладува препреките и да доаѓа до правдата и да изнаоѓа решенија во интерес на клиентите и граѓаните, рече претседателот Никола Додевски на настанот.
За министерот за правда Џафери, функционирањето на адвокатурата е од исклучително значење за остварувањето на владеењето на правото. Тој подвлече дека Министерството за правда и во иднина ќе ги поддржува адвокатите.
„Притоа, како врвен приоритет се наметнува вршењето на основната задача на адвокатите, а тоа е одбраната и советувањето на клиентите. Министерството за правда и во иднина ќе ги поддржува адвокатите во вршењето на нивните уставно гарантирани функции“, рече министерот, посочувајќи на најновите законски решенија за нотаријатот, во кои се предвидува задолжително присуство на адвокат во одредени постапки пред нотар, како гаранција за правната сигурност.
Да се запре трендот на минимизирање на улогата на адвокатурата
Во таа насока и во однос на резултатите што ги има постигнато адвокатурата во поновиот период, на Годишното собрание посебен акцент беше ставен и на прашањето на подигнување на угледот на адвокатурата и враќањето на нејзината улога во општеството.
„Потребно е да се запре трендот на минимизирање на улогата на адвокатурата во македонското општество, но и да се запре трендот на одземање на нејзините ингеренции. Од големо значење се новите законски решенија во македонското законодавство кои ја враќаат адвокатурата онаму каде што припаѓа во согласност со Уставот“, констатираа македонските адвокати.
„По долги години се исправи историската неправда со која нотарите преземаа значаен дел од адвокатската работа без никакво оправдување, од мотиви кои немаат врска ниту со граѓаните ниту со владеењето на правото, и со укинувањето на нотарскиот акт исклучително значајно се намалија трошоците на граѓаните, рече Додевски.
Покрај законските решенија за учеството на адвокатите во постапки пред нотар, претседателот на АКРМ посочи дека такви законски решенија се и новините во кои адвокатите се задолжителни регистрациони агенти за основање компании, за промени на компаниите и за олеснувањето на бизнисот на луѓето кои сакаат да го работат тоа во Македонија.
Извор: Академик / Објавено: 30.05.2016