-->

ОНЛАЈН КУРС ЗА СТАНДАРДИТЕ НА ЕВРОПСКИОТ КОМИТЕТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ТОРТУРА И НЕЧОВЕЧКО ИЛИ ПОНИЖУВАЧКО ПОСТАПУВАЊЕ ИЛИ КАЗНУВАЊЕ (CPT) ПРИ СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

Адвокатската комора на Република Северна Македонија ја продолжува својата успешна соработка со Советот на Европа-ХЕЛП Програма за едукација за човекови права за правни професионалци преку одржување на континуитетот на спроведување на онлајн курсевите подготвени во рамки на ХЕЛП Програмата. Овој пат, соработката продолжува со организација на уште еден курс за адвокати од областа на стандардите на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (CPT).

Kурсот „Стандардите на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (CPT)“ е изготвен во рамки на Европската програма за образование за човекови права за правни професионалци, позната и како ХЕЛП. Се работи за програма на Советот на Европа изготвена со методологијата на ХЕЛП, финансирана од ЕУ. Материјалите за обука се изготвени од меѓународни експерти, со цел да се подобрат знаењата и вештините што директно може да се применуваат во секојдневната работа. Се работи за онлајн курс, којшто е интерактивен и се состои од повеќе модули.

Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (CPT) е мониторинг тело на Советот на Европа, кое има задача да ги посетува местата наменети за лишување од слобода и да процени како се постапува со лицата лишени од слобода, со цел да се зајакне нивната заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

По секоја посета, CPT испраќа детален извештај до засегнатата држава. Овој извештај ги вклучува наодите на CPT и неговите препораки, коментари и барања за информации. Притоа, CPT има развиено изобилство на стандарди во различни области (на пр., создавање култура на „нулта толеранција“ на малтретирање, развивање правни заштитни мерки против лошо постапување, спроведување ефективни истраги за наводното лошо постапување, обезбедување соодветни услови за притвор, обезбедување соодветна здравствена заштита, итн.).

Целта на ХЕЛП курсот на Советот на Европа за стандардите на CPT е да ги образложи клучните стандарди на CPT во врска со петте најважни места на лишување од слобода: полициски станици, затвори, установи за притвор за имиграција, психијатриски установи и домови за социјална грижа, со цел истите да се применат при секојдневното работење, а со што ќе се овозможи уште повисок степен на квалитетна правна помош.

Овој курс е отворен за сите заинтересирани адвокати. По завршување на курсот, адвокатите ќе добијат сертификати од Советот на Европа и Адвокатската комора на РСМ за успешно завршен курс.

Рокот за регистрација на заинтересираните адвокати за горенаведениот курс е до 31 мај 2023 година и истите своето учество можат да го пријават на следната е-маил адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.. Учесниците ќе бидат прифаќани врз основа на принципот: прв пријавен – прв услужен.

Пријавените адвокати дополнително ќе бидат известени за процесот на регистрација на ХЕЛП платформата, како и за точниот датум на започнување на курсот.

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме