Оваа публикација претставува резиме на обуките одржани во рамки на проектот на Адвокатската комора на Република Македонија со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во РМ и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) со наслов „Обука на адвокатите на одбрана за новиот Закон за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“.
Целта на публикацијата е да се концентрираат дискусиите и согледувањата на учесниците и на предавачите (и едните и другите адвокати на одбрана) од досегашната практична примена на Законот за кривична постапка и тоа пред сè од аспект на одбраната и можностите таа да биде ефикасна и од апект на невоедначената практика и различниот третман на правните ситуации, но и воочување на одредени недостатоци на законското решение и проблеми во практичната примена.
Поради лимитираниот број на обуки на истите не беше можно целосно да се опфатат сите сегменти од практичната примена на Законот за кривична постапка, туку беа разгледувани само одреден дел на прашања иницирани од предавачите и од учесниците.
Текстот нема претензија да биде прирачник за адвокатите на одбрана, одбраната и не треба да работи со прирачници, туку во секој конкретен случај на најдобар начин да го заштити интересот на клиентот. Но, имајќи предвид дека во конкретниот проект за обуки за практичната примена на Законот за кривичната постапка од аспектот на одбраната учествуваа повеќе од 250 учесници, за адвокатите на одбрана е корисно забелешките, искуствата и проблемите истакнати од тој значителен број на адвокати на одбраната да се најдат на едно место и да им послужат во практиката на адвокатите кои учествуваат во кривичните постапки. Во таа смисла овој материјал е наменет за адвокатите на одбрана.
Редоследот на коментарите е според редоследот на одредбите на кои се однесувале дискусиите и согледувањата и на предавачите и на учесниците во дискусијата. Намерно не е правена градација според важност, затоа што кога се работи за одбрана на клиент тешко може одредена правна ситуација да се оцени како помалку важна во однос на друга ситуација.
Импликациите од погрешна или различна практична примена на Законот за кривичната постапка може да се појават во секоја натамошна фаза од постапката.
Заради поголема прегледност при користење на материјалот, во истиот се вметнати и одредбите од Законот за кривична постапка на кои што се однесува соодветното излагање, а исто така во одредени сегменти и повикувањето на соодветна судска практика на Европскиот суд за човекови права имајќи го предвид наднационалниот карактер на Европската Конвенција за заштита на човековите права како составен дел на правниот поредок на Република Македонија.
Автор на публикацијата е Никола Додевски, адвокат и предавач во рамките на проектот.
Публикацијата преземете ја од линкот подолу.