„СРДБА И КАЗНА: Омнисциенција за криминалитетот од омраза“, од авторот м-р Александар Маркоски претставува динамичен, сеопфатен текст кој преку мултидициплинарен пристап го доближува читателот до комплексниот феномен на криминалот од омраза, кој во нашата правна теорија е релативно нов феномен и за кој малку се пишувало досега како во Р. Македонија, така и во регионот на Југоисточна Европа. Значајно е што текстот е подготвен од автор кој е јавен обвинител со повеќегодишно работно искуство, кој бил заинтригиран од мотивите на сторители на кривични дела од насилен карактер со кои се справувал во неговото секојдневно работење.
Монографијата е енциклопедиско дело упатено до широк круг на читатели. Истата е базирана на докторската дисертација под наслов – „Казнено-правен третман на делата на омраза“, работен од страна на авторот во периодот од 2011-2017–та година, на катедрата за казнено право на Правниот факултетот „Јустинијан Први“, при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Монографијата во третирањето на овој институт се користи со општите научни методи, егзегетскиот, историскиот и социолошкиот метод кога станува збор за проучувањето на правните акти, практиката на судовите и феноменот на омразата во поширок општествен контекст. Користени се и онтолошкиот и херменевтичкиот метод по однос на делот за религиските правни системи и верската омраза, а на крајот од делото се користени и компаративниот, и статистичкиот метод. Посебен акцент е ставен на многубројните криминолошки облици на феноменот и на поставеноста на овој институт во македонското казнено право.
Трудот логички и систематски го следи развојот на феноменот на омраза и легислативната реакција на државите a proppos истиот најпрво од САД во 1970-тите, па развоите кои следат на на европско тло потоа. Но, спротивно на тесното сфаќање н некои меѓународни организации на овој поим, авторот исправно ги вклучува највехементните облици на делата на омраза. како што се геноцидот и тероризмот, кои пак се трагични искуства од кога постои човештвото. Монографијата ги следи сите современи развои на овој план, вклучително усвоени меѓуународно-правни акти од меѓународните организации како ООН, ОБСЕ; ЕУ, Советот на Европа, како и соодветните национално-правни акти усвоени во САД и поголемите европски држави. Оттаму, овој труд ќе биде од полза и за поставувањето на Р. Македонија на мапата на земји кои го согледале и соодветно легислативно реагирале на овој тип на криминалитет. Посебна глава е посветена на теоретските и практичните проблеми во примената на легислативата во работата на правосудните органи на РМ во препознавањето и процесирањето на делата од омраза, при што, авторот дава сериозни предлози за ревидирање на определени законски решенија во позитивното македонско казнено право, како и надминување на определени проблеми кои се јавуваат во практиката, вклучително со поставувањето на дефиницијата на овие дела, која треба да биде интегрирана во Кривичниот законик.
Книгата ќе претставува есенцијален водич и во детектирањето, процесурањето и санкционирањето на делата од омраза. Како таква, ќе биде интересно четиво кое ќе ја зголеми алертноста и респонзивноста на пошироката јавност кон проблематиката на криминалитетот од омраза и секако на стручната правничка јавност, вработените во безбедносните органи, центрите за социјална работа, жртвите на криминалитетот од омраза, невладиниот сектор, и пошироката академска јавност.
Книгата „Срдба и казна - омнисциенција за криминалитетот од омраза“ брои 500 стр. Издание од 2018 година. Се продава по цена од 450 ден. Уплата на т. сметка на авторот во Комерцијална банка АД Скопје: 300007051795567 или Стопанска банка АД Скопје т.с. бр.200003263417552. Доколку има заинтересирани и сакаат повеќе информации можат директно да го контактираат авторот на имеил Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. .