Прием на нови адвокати во Адвокатска комора на РМ

29 Март 2016

Педесет и шест нови адвокати во рамки на свечена церемонија која се одржа вчера, 28.03.2016, во хотелот Александар Палас, во Скопје,  се здобија со лиценци за вршење на адвокатска дејност.

за њеб 1

На почетокот на церемонијата беше одржан час по етика, на кој претседателот на Адвокатската комора на РМ (АКРМ), г. Никола Додевски, им се обрати на присутните со порака професијата да ја вршат во согласност со Кодексот за професионална етика на адвокатите, достоинствено, со целосна почит кон странките и спротивната страна.

„Адвокатот е адвокат во секоја прилика: и во судница и надвор од судницата – достоинствен и учтив.  Адвокатите мора секогаш да бидат максимално учтиви кон своите странки, кон спротивната страна, како и кон своите колеги. Никогаш не влегувајте во судница без почит кон другите. Почитта е само мал придонес кон вашето убаво чувство што ја вршите оваа благородна професија. Доколку ја сфатите судницата како терен за кавги, сте ја згрешиле професијата. Ако денеска ве примаме во адвокатурата, ако ја вршите оваа професија, бидете адвокати, а не квазиобвинители или квазисудии. Има адвокати кои најмалку ѝ мислат добро на адвокатурата, во одредени нивни настапи мислите дека гледате обвинители, кои ја згрешиле професијата.

Чувајте си ја адвокатската лиценцата, има многу ризици поради кои можете да ја изгубите. Во последно време дури имаме појава кога одредени трговски друштва под параванот дека вработуваaт адвокати, всушност „изнајмуваат“ лиценци. Затоа ние, како Адвокатска комора, водиме сметка за она што се случува. Комората е местото каде треба да ги упатите вашите критики, Комората е вашето собиралиште. Почитувајте ја нашата организација, како место кое ќе ви помогне во работењето. Комората не е здружение, таа е законски организирана организација која дава, но и одзема лиценци, која обезбедува унапредување на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба. Меѓу другото, би сакал да ве посоветувам да ја отворате веб страницата на Адвокатската комора. Таму можете да најдете информации за обуки кои се спроведуваат од врвни предавачи, како и други корисни информациии, кои не можете да ги најдете на други места, а се од вашиот делокруг…“, истакна претседателот на АКРМ, г. Додевски.

Тој своите идни колеги  ги советуваше дека за да бидат успешни адвокати мора секогаш да бидат подготвени.

„За да бидете успешни треба да доминирате во судница, а за да доминирате треба да бидете подготвени. Тоа што денеска ќе ви дадеме лиценци нема да ве направи успешни адвокати – не само вербален пристап, туку и поткрепа, не само празни зборови, туку и подготовка“, рече претседателот на АКРМ.

Проследено со громогласен аплауз, адвокатите дадоа свечена заклетва дека должноста ќе ја вршат совесно и дека ќе се придружуваат на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека во сите свои постапки ќе внимаваат на угледот на адвокатурата како јавна служба.

„Во мое име и во име на двајцата потпретседатели, добредојдовте во македонската адвокатура. Ви посакувам многу успех. Секогаш бидете со исправен ҆рбет и со исправена глава, горди. Вистинскиот адвокат не се плаши од никого. Адвокатите секогаш биле предводници во борбата за човековите права и слободи, во првата линија…“, порача претседателот на АКРМ, г. Никола Додевски.

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме