Педесест и три проценти, но и повеќе од Предлог законот за бесплатна правна помош треба да претрпи измени и поради тоа се враќа во работната група во Министерството за правда на доработка - беше констатирано на денешната јавна расправа во Собранието во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците по истакнувањето на недостатоците на Предлог-законот, кој се коси со Уставот и Законот за адвокатура, од страна на Адвокатската комора на РМ, како и на претставници на невладини здруженија.
Адвокатската комора на РМ (АКРМ) преку својот претставник, адвокатот Љубомир Михајловски-Џанго, посочи дека Законот за бесплатна правна помош треба веднаш да се повлече од процедура бидејќи е спротивен на Уставот и Законот за адвокатура и претставува директен удар на уставната независност на адвокатурата, односно со него државата се обидува да направи паралелна адвокатска тарифа и да ја контролира стручноста на работата на адвокатите. Тој потенцираше дека Адвокатската комора ги поддржува напорите на Владата, и дека сака да им помогне на ранливите категории, но не со закон со кој се презема саморегулацијата како основен елемент на независноста на адвокатурата.
„Законот е конфузен, непрецизен и спротивен на Уставот и Законот за адвокатура. Законот претставува удар на уставната позиција на адвокатурата и ја презема саморегулацијата како основен елемент на независноста на адвокатурата. Предлагачот во законското решение вметнал тарифа за работа на адвокатите, а единствен надлежен орган за носење на Тарифа е Адвокатската комора на РМ. Адвокатите, во согласност со Законот за адвокатура, се должни да работат во согласност со Тарифата која ја носи Адвокатската комора, а за наплата под Тарифата е предвидена дисциплинска мерка што во случајов е одземање на адвокатската лиценца. Заговарањето на некаква паралелна тарифа, како што тоа се прави со овој Закон, претставува директен атак врз независноста на адвокатурата и тоа нема да помине пред Уставниот суд на РМ. Со Законот се прави обид и за воведување на контрола на квалитетот на работата на адвокатите од страна на државата, што исто така е спротивно на Уставот на РМ. Правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно, во согласност со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Адвокатската комора на РМ. Комората преку своите органи го цени ова, судовите во одредени постапки, но најголемо мерило за нас, адвокатите, за нашиот квалитет се самите странки. Ако Законот оди во оваа форма, ќе го бутнеме на Уставен суд бидејќи би вовел единствено правна несигурност и правен хаос. Да ве прашам и директно што ќе се случи ако ниту еден адвокат не се пријави да се регистрира во регистарот што се предвидува. Еве, ќе донесеме ние одлука, како Адвокатска комора, дека кој ќе се нафати да се регистрира и со тоа би постапувал спротивно на актите на Комората, ќе му ја одземеме лиценцата. Ајде да видиме како тогаш ќе го примените Законот. Значи, мора да соработувате со нас, не можете вие да кажувате адвокатите да работат под тарифа, а уште помалку државата да врши надзор, заборавете го тоа. Знаете, се наметнува едно погрешно мислење во јавноста – судиите земале големи плати, оние земале вакви плати, сега и адвокатите не чинат. Дали знаете дека во правосудството еден судија работи со илјадници предмети. Тоа е примерот за нив. Сега за нас се обидувате да наметнете некоја слика. Е па, ај да ве прашам, вие како министри, државни службеници, зошто земате толкави плати? Од 1945 година досега немало систем државата да го контролира квалитетот и тарифата на адвокатите и затоа не очекувајте поддршка од адвокатите на вакво законско решение“, истакна Михајловски.
Адвокатката Бојана Неткова, исто така, претставник на Адвокатската комора, категорично побара повлекување на Законот заради негова доработка во согласност со Уставот и законите.
„Како претставник на Адвокатската комора на РМ, во име на сите адвокати барам итно повлекување овој Предлог-закон заради негово доуредување, а дополнително и заради проблемите кои денеска покрај нас ги истакнаа и колегите правници од невладиниот сектор. Де факто со законското решение имаме директен упад на државата во самостојноста и независноста на адвокатурата и функционирањето и организацијата на Адвокатската комора. Имено, во согласност со чл. 28 се определува Министерството да може да врши надзор над нашата работа и тоа конкретно за начинот на кој адвокатот ќе ги дава своите услуги. Во начинот како поим влегува целото дејствување на адвокатот. Ова е спротивно на Уставот на РМ и спротивно на членот 15 од Законот за адвокатура, кој вели: ‘Адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамките на законот, актите на Комората и овластувањето самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странката.’ Доколку ние имаме надзор кој е противуставен и не сме слободни и самостојни во избирање на начинот на кој ќе ги даваме нашите услуги, автоматски има колизија на овие два закони, а тоа се коси со Уставот. И затоа ние сме категорични кога бараме повлекување на овој предлог. Понатаму, не може да има напоредна Тарифа во закон, а воедно Законот за адвокатура е лекс специјалис, произлезен од Уставот, каде што сме област која е дефинирана со Уставот и само Адвокатската комора е единствено надлежна за носење на Тарифата на адвокатите“, образложи Неткова.
Со почит,
Адвокатска комора на РМ