
Претседателот на Адвокатската комора на РМ (АКРМ), г. Никола Додевски, на новите адвокати им посака многу успех во работата и им порача да го штитат достоинството и угледот на адвокатурата.
„Бидете горди претставници на македонската адвокатура! Во судница настапувајте секогаш со исправена глава и немојте да дозволите никој да ви наредува како да се однесувате. Интересот на клиентите нека ви биде примарен и тој нека ве води во вашата кариера - не само пред судовите и други институции, туку и пред вашите колеги. За да бидете добри адвокати, секогаш треба да бидете подготвени, дури поподготвени и од судијата кој ја води постапката. Тоа е единствениот начин за да знаете дека совеста ви е мирна и дека успехот во вашето застапување сте го исполниле. Тоа што посебно сакам да ви го нагласам е: имајте почит кон Адвокатската комора, имајте почит кон организацијата што ги доделува, но и ги одзема лиценците во случај да не ја почитувате и да се однесувате недолично. Во судницата и надвор од судницата, адвокатот мора да биде достоинствен и во клиентот единствено да гледа човек на кој му е потребна стручна и професионална адвокатска услуга. Никогаш немојте да се служите со недозволени средства, никогаш во судницата и надвор од судницата немојте да се служите со ништо што не е дозволено со законите, а особено со адвокатската етика која што сите вие имавте прилика да видите колку ја познавате и која во праксата ќе мора да ја применувате многу постриктно“, истакна претседателот на АКРМ, г. Додевски.
Адвокатите дадоа свечена заклетва дека должноста ќе ја вршат совесно и дека ќе се придружуваат на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека во сите свои постапки ќе внимаваат на угледот на адвокатурата како јавна служба.