Конференцијата со поздравни говори беше отворена од страна на претседателите на адвокатските комори кои порачаа дека досегашните истражувања и резултати од проектот покажале дека во петте држави одбраната се соочува идентична нерамноправност во однос на другата страна во кривичната постапка и нееднаквост на оружјето, како основен принцип на правото на фер судење, и од аспект практиката и од аспект на законската поставеност. Ова, како што беше посочено, наметнува неминовна измена на законите за кривична постапка, но и на практиката при нивната имплементација во сите пет држави.

Според претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија (АКРМ), Никола Додевски, со отпочнувањето на примената на новиот Закон за кривичната постапка во Македонија, адвокатите најдобро ги воочуваат слабостите бидејќи се ставени во нефер позиција. Повикувајќи се на искуствата на адвокатската фела, тој истакна дека стариот Закон за кривична постапка е подобар за одбраната и за адвокатите, а дека новиот Закон за кривична постапка се покажал како лош експеримент во однос на одбраната.
Како дел од негативностите тој ги посочи краткиот период за подготовка на одбраната да поднесе исправи или други докази од приемот на известувањето на јавниот обвинител за завршување на истражната постапка, како и немањето пристап до докази за време на истрагата.
„Не можете да спроведувате истрага, а одбраната да не знае ништо, дури да не знае ни дека се води истрага, а кога ќе дознае да и кажете дека немате право да ги видите доказите коишто се собрани против обвинетиот, или, пак, да се направи вештачење, а од медиумите да слушнете дека за тој предмет е направено вештачење”, рече Додевски.
Принципот на еднаквост на оружјата мора да се почитува, акцентираше и претседателот на Адвокатската Комора на Република Србија, Драгољуб Ѓорѓевиќ. Тој нагласи дека заложбите за адвокатите да ја добијат вистинската положба во правосудниот систем и во кривичноправниот систем не подразбираат само доследно почитување на нивната суштинска улога како одбрана, туку и почитување на корпусот на човековите права, а со тоа и на правната сигурност и на правичноста.

Арбен Лена од Адвокатската комора на Албанија истакна дека оваа конференција доаѓа во вистинско време, кога Албанија е во фаза на реформа на правосудниот систем и законодавството, вклучувајќи го и Законот за кривична постапка.
„Би сакал да го користам терминот институција, а не комора на адвокати, бидејќи навистина се работи за институции кои се грижат за правата на адвокатите и оттука се прва институција која се соочува со заштита на правата и слободите на обвинетите”, рече Лена.
И Oсман Хаволи, претседател на Адвокатската комора на Косово, истакна дека адвокатот мора да има право на увид во сите списи и докази на предметот.
Елизабет Гивенс од Американската адвокатска комора и програмски директор на Балканската регионална мрежа за владеење на правото (БРРЛН) изрази надеж дека проектот ќе вроди со отворање на дијалог за неопходните промени во кривичното процесно законодавство на земјите во регионот.
Резултатите од проектот, вклучувајќи го и Извештајот за состојбата на одбраната во системите на кривичната правда во регионот беа презентирани од Југослав Тинтор, генерален секретар на Адвокатска комора на Србија, Јордан Дачи од Адвокатска комора на Албанија и Дељо Кадиев од Адвокатска комора на Македонија.
Извештајот претставува единствен преглед на законските рамки, на примерите на проблематични практики кои ги загрозуваат правата на обвинетиот, како и на позицијата на бранителот во рамките на кривичната постапка во регионот. Во извештајот се детектираат десет заеднички проблеми поврзани со правата на обвинетите и на одбраната во сите земји вклучени во проектот. Како дел од проблемите, во извештајот се нагласувааат - важноста на правото на одбрана да спроведе сопствена истрага, право на пристап до списите и доказите, како и соодветна имплементација на адверсијалните принципи на кривичната постапка со цел постигнување на еднаквост на оружјата помеѓу страните. Извештајот исто така содржи конкретни препораки за изменување и дополнување на законите и практиката во кривичните постапки во регионот.