Претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, се обрати на конференција за правото на одбрана по службена должност

01 Јули 2016
Вчера, 30.06.2016, се одржа завршната конференција во рамките на регионалниот проект „Унапредување на заштитата на правата на обвинетите во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Македонија и Албанија“, координиран од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Српска, со поддршка на Канцеларијата на Американската адвокатска комора во Скопје, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ. 



На конференцијата се обрати претседателот на Адвокатската комора на РМ, г-дин Никола Додевски, кој говореше на тема правото на одбрана по службена должност низ призмата на Адвокатската комора на РМ. Тој истакна дека одбраната по службена должност се соочува со низа проблеми и дека за нивно отстранување неопходни се промени во самиот однос кон бранителите по службена должност, промени во кривичнопроцесното законодавство, но и промени во начинот на плаќање на екс официо одбраната.

„Потребни се измени во Законот за кривичната постапка, кои Адвокатската комора на РМ ги предложи уште пред неколку години, а кои се однесуваат на членот 74, ставот 6, од Законот за кривичната постапка. Во Законот за кривичната постапка треба децидно и недвосмислено да се предвиди дека именувањето на адвокатите по службена должност ќе биде во надлежност на Адвокатската комора на Република Македонија, со што ќе нема никакво друго мешање во составувањето на листите на адвокатите по службена должност. Значи, потребно е само Адвокатската комора да го има ексклузивното право на составувањето на листите“, истакна претседателот на Аадвокатската комора на РМ. 

Додевски посочи дека од исклучително значење е плаќањето на адвокатите по службена должност да биде навремено, без редуцирање на Тарифата бидејќи тоа претставува девалвирање и демотивирање на адвокатите.

„Недозволиво е судовите да „штедат“ во име на адвокатите. Техниката на плаќање на адвокатите по службена должност треба да се тргне од судовите  и да се даде онаму каде што треба – во надлежност на Адвокатската комора на Република Македонија. Овој предлог треба да се поддржи бидејќи ова се предусловите за успешно да ја оствариме улогата на екс официо одбраната“, истакна тој.

На настанот се обратија и Елизабет Гивенс, програмска директорка во Американска адвокатска комора, координаторката на проектот Тамара Зрновиќ од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Српска, проф. д-р Гордан Калајџиев, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, кој ја презентираше Анализата за ефективноста на правната заштита на обвинетите во Република Македонија, како и д-р Восилав Стојановски од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, кој ги презентираше податоците добиени од 26 основни судови во Република Македонија и Судскиот совет на РМ.


Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме