(ФОТО) Свечено доделување на лиценци за адвокати во сесијата јуни 2026 година

01 Октомври 2026

Со полагање свечена адвокатска заклетва и доделување лиценци, 14 кандидати од септемвриската сесија ја започнаа својата адвокатска кариера. Свеченоста, во организација на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, се одржа на 29 септември 2026 година во хотел „Александар Палас“ во Скопје, во присуство на членови на семејствата на новите адвокати, пријатели и други гости.


Претседателот на Комората, Лазо Ѓорѓиевски, им посака добредојде на новите колешки и колеги, истакнувајќи дека секоја нова генерација адвокати носи нова енергија, идеи и придонес кон иднината на адвокатурата. Во своето обраќање тој ја нагласи одговорноста што ја носи професијата и обврската да се застане во заштита на правата на граѓаните, со доследност кон професионалните и етичките принципи.

„Адвокатурата никогаш не била обична професија. Таа е повик. Повик кој бара знаење, но и карактер. Повик кој бара амбиција, но и интегритет. Повик кој бара храброст, но и човечност.“

Посебен акцент во обраќањето беше ставен на градењето професионален углед и доверба. Претседателот Ѓорѓиевски порача дека адвокатите низ кариерата ќе се препознаваат не само по предметите што ги воделе, туку и по односот кон клиентите и колегите и по вредностите зад кои стоеле. Во услови на брзи технолошки промени, довербата останува суштинска вредност на адвокатската професија, која се заслужува со секојдневната работа.




„Луѓето нема да ве избираат само поради тоа што го знаете. Ќе ве избираат поради тоа што можат да ви веруваат.“

Новите адвокати беа охрабрени континуирано да го надградуваат своето знаење и активно да учествуваат на обуките, семинарите, конференциите и другите стручни настани за кои Комората редовно објавува информации на својата веб-страница. Претседателот посочи дека овие активности се можност и за размена на искуства, запознавање со колегите и градење професионални контакти, нагласувајќи го значењето на колегијалната поддршка на почетокот од адвокатската кариера.

На свеченоста присуствуваше и заменик-претседателот на Комората, адвокат Дарко Георгиев, како и претставници на стручната служба. Во обраќањето беше истакнато дека новите членови можат да сметаат на помошта и поддршката на Комората во својата работа, како и на нејзината посветеност кон зачувувањето на независноста на адвокатурата и достоинството на професијата.

Во свечениот дел од церемонијата, кандидатите ја положија адвокатската заклетва:

„Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба.“

Со положувањето на заклетвата и врачувањето на лиценците, адвокатската заедница доби 14 нови членови, кои својот професионален пат ќе го градат во служба на правото и правдата.

Адвокатската комора на Република Северна Македонија им го честита почетокот на адвокатската кариера и им посакува успешна и посветена работа, професионален интегритет и многу причини за гордост во вршењето на адвокатската професија.



Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Email: lawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме