Претседателот на Адвокатската комора на РСМ оствари средба со претседателката на Основниот кривичен суд Скопје

28 Јули 2026

Претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, адвокат Лазо Ѓорѓиевски и членот на Управниот одбор, адвокат Симон Попевски денеска, 28 јули 2026 година, остварија работна средба со претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, на која беа разгледани повеќе иницијативи што произлегуваат од секојдневната судска практика и се од непосредно значење за работата на адвокатите и за ефикасноста на кривичните постапки.


Како едно од најзначајните прашања на средбата беше истакнато - адвокатските трошоци во кривичната постапка да се определуваат во рамките на пресудата со која се решава кривичниот предмет, наместо со посебно решение, а по жалба и за нив да одлучува Апелациониот суд, а не кривичниот совет. Беше оценето дека ваквиот пристап би придонел за поголема процесна економичност, како и намалување на бројот на посебни предмети што се формираат исклучиво за одлучување по трошоците, со што би се намалил и обемот на работа на кривичниот совет.

Во интерес на подобра организација и поголема ефикасност беше истакната потребата од навремено известување на адвокатите по писмен пат, преку е-сандаче или телефонски доколку дојде до одлагање на рочиште, без оглед дали причината е барање на странка, службена отсутност на судијата или друга околност.

Дополнително, беше разгледана можноста, во случаите кога адвокатите и странките веќе се присутни во судот, а доаѓа до oддолжување на текот на одредено рочиште, адвокатите да бидат информирани за очекуваното времетраење на чекањето или доколку нема услови за одржување на расправата да биде одреден нов термин. Ваквата практика би овозможила подобра организација и би го намалила непотребното задржување во судот.

На средбата беше разговарано и за прашања поврзани со примената на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, особено во постапките во кои бранителите се поставуваат по службена должност.

На средбата беше истакната и потребата од организирање заеднички интерпрофесионални обуки за судии и адвокати, насочени кон континуирано стручно усовршување и разгледување на прашања од практичната примена на законите. Беше оценето дека ваквите обуки ќе придонесат за воедначување на практиката, поефикасно постапување и зајакнување на правната сигурност.

Претседателот Ѓорѓиевски истакна дека Адвокатската комора ќе продолжи активно да ги отвора прашањата што произлегуваат од секојдневната работа на адвокатите и, преку непосреден институционален дијалог со судовите и другите надлежни институции, да иницира практични решенија за нивно надминување.

„Целта на овие иницијативи е преку заеднички пристап да се дојде до практични решенија што ќе придонесат за поефикасни судски постапки, поголема правна сигурност и подобри услови за работа на адвокатите, како незаменлив чинител во остварувањето на правдата“, истакна претседателот Ѓорѓиевски.

Претседателката Димовска ја потврди подготвеноста на Основниот кривичен суд Скопје за континуирана институционална комуникација и заедничко разгледување на иницијативите насочени кон подобрување на организацијата на судските постапки, унапредување на соработката со адвокатурата и поефикасно функционирање на правосудниот систем.

Ѓорѓиевски и Димовска се согласија дека ваквите работни средби претставуваат значаен придонес за зајакнување на институционалната соработка и за отворање прашања чие решавање е во интерес на ефикасното функционирање на правосудниот систем.

 

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Email: lawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме