Адвокатската комора на Република Северна Македонија ја продолжува својата успешна соработка со Советот на Европа-ХЕЛП Програма за едукација за човекови права за правни професионалци преку одржување на континуитетот на спроведување на онлајн курсевите подготвени во рамки на ХЕЛП Програмата. Овој пат, соработката продолжува со организација на уште еден курс за адвокати од областа на кривични дела од омраза и говор на омраза.
Kурсот „Кривично дело од омраза и говор на омраза“ е изготвен во рамки на Европската програма за образование за човекови права за правни професионалци, позната и како ХЕЛП. Се работи за програма на Советот на Европа изготвена со методологијата на ХЕЛП, финансирана од ЕУ. Материјалите за обука се изготвени од меѓународни експерти, со цел да се подобрат знаењата и вештините што директно може да се применуваат во секојдневната работа. Се работи за онлајн курс, којшто е интерактивен и се состои од повеќе модули.
Имено, курсот ги опфаќа клучните концепти и поими во однос на кривичното дело од омраза и говорот на омраза. Исто така, овој курс ги опфаќа и релевантното европско право (на Советот на Европа и Европската Унија), импресивниот корпус на релевантна судска практика на Европскиот суд за човекови права и Европскиот суд на правдата на Европската Унија, како и одлуките на релевантни меѓународни тела, чија работа е фокусирана на сузбивање на кривичните дела од омраза и говорот на омраза.
Овој курс е отворен за сите заинтересирани адвокати. По завршување на курсот, адвокатите ќе добијат сертификати од Советот на Европа и Адвокатската комора на РСМ за успешно завршен курс.
Рокот за регистрација на заинтересираните адвокати за горенаведениот курс е до 26 декември 2024 година и истите своето учество можат да го пријават на следната е-маил адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. . Учесниците ќе бидат прифаќани врз основа на принципот: прв пријавен – прв услужен.
Пријавените адвокати дополнително ќе бидат известени за процесот на регистрација на ХЕЛП платформата, како и за точниот датум на започнување на курсот.