Print this page

Преглед на електронски услуги од значење за адвокатите

06 Октомври 2026

Во продолжение на комуникацијата по одржаната средба меѓу претставниците на Адвокатската комора на Република Северна Македонија и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, Министерството до Комората достави известување со преглед на достапни електронски услуги на Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk, од значење за адвокатите.

Прегледот опфаќа услуги за издавање изводи од матичните книги, потврди од казнена и уверенија од кривична евиденција за физички и правни лица, потврда дека не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност, податоци и потврди за работен стаж, како и уверение за државјанство.

Станува збор за постојни електронски услуги наменети за физички и правни лица, издвоени и систематизирани за полесно информирање на членовите на Комората. Нивното користење се одвива согласно условите предвидени за секоја поединечна услуга.

Во рамки на соработката со Министерството за дигитална трансформација, се работи и на создавање услови адвокатите, врз основа на полномошно, да поднесуваат барања и да прибавуваат документи по електронски пат во име на своите странки. За воведувањето на оваа можност и начинот на нејзино користење, Комората навремено ќе ги информира своите членови.

Во прилог ја објавуваме листата со директни линкови до електронските услуги.