Print this page

Претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија оствари средба со претседателот на Основниот граѓански суд Скопје

29 Јули 2026

Продолжувајќи ги активностите насочени кон унапредување на меѓуинституционалната соработка и јакнење на професионалниот дијалог, претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Лазо Ѓорѓиевски, оствари работна средба со претседателот на Основниот граѓански суд Скопје, Бесник Авдија, на која беа разгледани прашања од заеднички интерес во рамки на заложбите за натамошно унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка меѓу Адвокатската комора и Основниот граѓански суд Скопје.




На работната средба присуствуваа и претседателот на одделот за судска практика при Основниот граѓански суд Скопје, судијата Весна Трајанова, како и заменик-претседателот на Адвокатската комора, Хамдије Адеми Тафа.

На состанокот меѓудругото беше истакната заедничката определба на Адвокатската комора и Основниот граѓански суд Скопје за заедничко делување во насока на надминување на предизвиците со кои се соочуваат судиите и адвокатите како и судските служби во секојдневното работење, преку отворена комуникација, размена на искуства и изнаоѓање практични решенија за унапредување на ефикасноста на судските постапки. Од страна на претставниците на Адвокатската комора беше отворено и прашањето за доследно почитување и примена на адвокатската тарифа.



Во таа насока, претседателот на Адвокатската комора, Лазо Ѓорѓиевски ја истакна важноста и понатаму адвокатите навремено да ги добиваат известувањата од судот, односно потребата да бидат навремено информирани, писмено и преку електронскиот систем за достава, во сите случаи кога може да дојде до одложување на судските рочишта, како и за прашања поврзани со пристапноста, достапноста и воедначеноста на судската практика.

Претседателот на Основниот граѓански суд Скопје, Бесник Авдија ја потврди важноста на прашањата поврзани со практичните ситуации во секојдненото работење меѓу судиите и адвокатите и истакна дека потребата од взаемно разбирање и комуникација се од исклучителна важност. Истовремено, ги охрабри адвокатите да го користат што повеќе системот за електронска достава, како ефикасен начин за навремено информирање и поефикасна комуникација со судот.

Воедно беше изразена подготвеност за организирање на заеднички стручни обуки и активности за професионално усовршување, како преку Центарот за обуки на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители, организирање континуирани стручни средби, на кои судиите и адвокатите ќе имаат можност за размена на знаења, искуства и професионални ставови, со цел унапредување на примената на правото и зајакнување на правната сигурност.

Адвокатската комора останува посветена на градење на стабилен и меѓусебно почитувачки однос со судовите, бидејќи само преку континуиран институционален дијалог и конструктивна соработка може да се обезбеди подобра примена на законите, унапредување на судската пракса и придонес кон ефикасно и квалитетно правосудство.