На 22 јуни 2026 година, во хотел „Александар Палас“ во Скопје, Адвокатската комора на Република Северна Македонија ја одржа свечената церемонија на доделување лиценци и полагање свечена адвокатска заклетва за 29 кандидати од сесијата јуни 2026 година.
На свеченоста присуствуваа новите адвокати, членови на нивните семејства, пријатели и други гости, кои заедно со нив го одбележаа овој значаен момент од нивниот професионален живот. Обраќајќи им се на новите колешки и колеги, претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Лазо Ѓорѓиевски, истакна дека стекнувањето на адвокатската лиценца не претставува само професионален статус, туку преземање на голема одговорност, доверба и обврска да се штитат правото, достоинството на професијата и интересите на граѓаните.
„Од денес сте адвокати. А тоа не е само професионален статус. Тоа е одговорност. Тоа е доверба. И тоа е обврска. Обврска да го штитите правото, достоинството на професијата и интересите на оние кои ќе ви ја доверат својата правна заштита.“
Во своето обраќање, претседателот Ѓорѓиевски нагласи дека адвокатурата не е само професија, туку самостојна и независна јавна служба во функција на правдата и еден од темелите на владеењето на правото, додавајќи дека во време кога технологијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на работа, довербата останува најголемата вредност на адвокатската професија
„Постои нешто што ниту една технологија не може да го замени. Тоа е довербата. Довербата што клиентот ја има во својот адвокат. И довербата што општеството ја има во адвокатурата.“
Тој ги повика новите адвокати континуирано да го надградуваат своето знаење, да ги следат законските измени и активно да учествуваат на обуките, семинарите и стручните советувања што ги организира Комората, како и редовно да ја следат веб-страницата на Комората, каде што се објавуваат сите важни информации, известувања и повици за стручни активности.
Притоа порача дека професионалниот развој, етичкото постапување и колегијалноста се темел на успешната адвокатска кариера, а заедничка цел е градење силна, независна, модерна и обединета адвокатура.
„Како Адвокатска комора ќе бидеме ваш партнер на тој пат. Нашата заедничка цел е да градиме силна, независна, модерна и обединета адвокатура. А иднината на адвокатурата започнува токму со вас.“
Во свечениот дел од церемонијата, кандидатите ја дадоа свечената адвокатска заклетва:
„Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба.“
Со положувањето на свечената адвокатска заклетва и врачувањето на лиценците, 29 нови адвокати официјално се стекнаа со право за вршење адвокатска дејност и станаа дел од адвокатурата на Република Северна Македонија.
Адвокатската комора на Република Северна Македонија им честита на новите адвокати и им посакува успешна професионална кариера, исполнета со интегритет, достоинство и посветеност во заштитата на правата на граѓаните, владеењето на правото и зачувувањето на угледот на адвокатската професија.